Бавноста значи прецизност

21.07.2017 03:15
Бавноста значи прецизност

Сакате да гаѓате прецизно? Фрлајте помеко. Ова е една од клучните пораки на студијата што може да ги заинтересира квотербековите во рагбито, оние што сакаат да гаѓаат со пити по забавните паркови и секој што некогаш згужвал парче хартија и со него ја гаѓал кантата за отпадоци. Ако често промашувате, обидете се да фрлате побавно.

Одамна е познато дека постои несогласување помеѓу брзината и прецизноста. Една од причините, како што веруваат многумина, е што кога фрлате многу брзо, во првиот момент многу потешко се ослободувате од предметот. Според студијата објавена во списанието „Royal Society Open Science“ се потврдило дека дури и ако го фрлите објектот правовремено, брзите фрлања се помалку прецизни.

„Брзината со која ја фрлате топката може да влијае врз закривеноста на траекторијата на топката“, вели еден од авторите на студијата, Мадхусудан Ванкадесан од Универзитетот Јеил.

Студијата им препорачува на оние што сакаат да гаѓаат прецизно да фрлаат што е можно побавно и со послаба јачина. Професорите Ванкадесан и Лакшминарајанан Махадеван од Универзитетот Харвард за својата студија не ангажирале десетина деца со копја и бејзбол топки, туку своите заклучоци ги носеле врз основа на математички модели.

„Нашата студија претставува физичка основа за контрастот помеѓу брзината и прецизноста“, вели д-р Ванкадесан.

Своите податоци тие ги споредиле со спортските резултати и податоците се поклопувале. Студијата го посочува примерот дека оптималната брзина за фрлање пикадо е помеѓу 5,1 и 5,5 метри во секунда. Просечниот играч на пикадо фрла со просечна брзина од 5,8 до 6,7 метри во секунда, што не е далеку од бројката до која дошле истражувачите.

И пак, бавноста се исплатува. За предложената брзина Ванкадесан вели: „Тоа е отприлика толку бавно колку пикадото да стигне до таблата на ѕидот. Доколку фрлањето е само малку побавно, тогаш стрелчето за пикадо сосема би ја промашило таблата на ѕидот или би удрило премногу слабо“.

Се чини дека луѓето во различни спортови самите ја откриле вистинската брзина, без да ја користат математиката.

„По пат на обиди и грешки, луѓето учат што треба да прават. Ние ја имаме способноста да учиме и целиот живот учиме. Бебињата фрлаат некој предмет и веднаш сфаќаат како го направиле тоа“, вели Ванкадесан.

Една од можните причини зошто луѓето имаат одлични способности да фрлаат се оние десетина илјади години во кои опстанокот и животот зависеле исклучиво од ловот.

„Ловот има голема улога во таа приказна. Во контекст на ловот, да се биде и брз и прецизен е навистина тешко“, објаснува Ванкадесан.

Иако првата помисла ни е дека пештерските луѓе за лов се служеле со копја, постојат докази дека пред тоа, за лов тие фрлале камења. Механиката на правилното фрлање можела да значи разлика меѓу вечера полна протеини и глад. А луѓето имаат многу добра способност за гаѓање. „Шимпанзата се премногу бавни и не се толку прецизни. Тие може да фрлаат едвај како десетгодишно дете“, тврди научникот од Јеил.

Истражувачите пронајдоа и еден исклучок од правилото „побавното е подобро“: се работи за крикетот. Кога играчите се обидуваат да го погодат викетот – малата вертикална мета, тогаш најдобриот начин е да се фрла одоздола, што е можно побрзо. Сето тоа е чиста математика.

Правилото за бавноста не секогаш е употребливо во спортот како што е бејзболот, па и во други спортови во кои некој се обидува да ја погоди топката. Иако побавните фрлања би биле попрецизни, тогаш би било полесно да се пресретнат.

Професорите им нудат и еден сосема необичен совет на кошаркарите: и тие би требало да се обидат да гаѓаат „одоздола“ под рака.

Оваа студија покажува дека „во просек, има повеќе такви фрлања помеѓу просечните кошаркари од НБА“. Професорите наведуваат дека единствена причина што повеќе играчи не ја користат оваа техника е општествениот притисок, бидејќи тој начин на фрлање изгледа навистина смешно.

Извор: The New York Times
Слики: Вил Балас