Гласови (3)

21.07.2017 15:19
Гласови (3)

Антонио Поркиа (1885-1968) е роден во Конфлета (Италија). Во 1902 емигрирал во Аргентина, каде што некое време работел разни, лошо платени работи. Заедно со братот во 1918 купиле помала печатница која му овозможувала заработка за пристоен живот. Во 1936-та го напушта печатарскиот живот и сосема му се посветува на одгледувањето ружи.

Гласови се единственото дело кое го напишал и објавил.
И денес претставува вистинска мистерија тоа јадровито и жанровски неодредено дело (со елементи на хаику, на афоризми, на мисли и фрагменти...) кое исклучително го ценеле Бретон, Борхес, Хенри Милер... Иако Поркиа оставал слика на „самотник и луд човек“ (Борхес) неговите Гласови се како соголен исечок од нашите животи, претставувајќи ја универзалната димензија на човечката егзистенција.
Во неколку продолженија на Окно ќе го претставиме делото на Поркиа.

 

 

ГЛАСОВИ (3)

 

Моето последно уверување е страдањето, а почнувам да верувам дека не страдам.

 

Кога човек би бил добар, неговата добрина би била ништо оти ништо не би го чинела.

 

Со окованоста за земјата ја плаќам слободата на своите погледи.

 

Да го раниш срцето значи да му веруваш.

 

Стравот од разделба е сè што обединува.

 

Паѓам како крило за да не те повредам.

 

Сонцето е надворешноста на сите ноќи и сите студенила.

 

Кога го барам своето постоење, не го барам во себе.

 

Кутрите ние, ако не ни дадат ништо оние кои ништо не ни должат.

 

Многумина, уморни од лагите, се убиваат во каква било вистина.

 

Моето раѓање овде, кајшто било смрт? А мојата смрт овде, кајшто ќе биде раѓање?

 

Ако би го заборавил она што не сум бил, би заборавил на себе.

 

Она што го правиш не е она што мислиш дека го правиш.

Кога ќе ми се причини дека ги слушаш моите зборови, ми се причинува дека моите зборови се твои и ги слушам своите зборови.

 

Во последниот миг, целиот мој живот ќе трае еден миг.

 

Кога веќе ништо нема да ми остане, веќе ништо нема да барам.

 

Душата на сите е душата на поединецот.

 

Кој сака знаејќи зошто сака, тој не сака.

 

Полесно ми е да ги гледам сите работи како една единствена работа, отколку да гледам една работа како една единствена работа.

 

Секогаш кога ќе се разбудам, сфаќам колку е лесно да се биде ништо.

 

Би одел во рајот, но со својот пекол; сам не би.

 

Врати им ја својата тага на тагите на светот и помалку ќе носиш од својата тага.

 

Тешкотиите поминуваат како што сè минува ‒ без тешкотии.

 

Кој се качува чекор по чекор, секогаш се наоѓа на висина од еден чекор.

 

Траеш во мене, кога си како сомнеж во мене. Можеби траењето е сомнеж.

 

Кога оној што те сака би те сакал само тебе, не би можел да те сака оти не би знаел како кој или што да те сака.

 

Сè што се менува, таму каде што ќе се промени, зад себе остава празнина.

 

Ти си кукла, но во рацете на бесконечноста, што можеби се твоите раце.

 

За твојата нема тага да не ги слушне моите зборови, ти зборувам тивко.

Има најубави цвеќиња меѓу свенатото цвеќе.

 

На површината, ако не си површен, потребен ти е некој површен да те води за рака.

 

Човек е слаб, а кога се манифестира во повикот на јаките, тогаш е уште послаб.

 

Кога секој би ја земал својата вина, не би имало виновници.

 

Ако размислувам што е животот, верувам дека е чудо; а ако мислам дека е чудо, не верувам во него.

 

Сонцето ја осветлува ноќта, не ја претвора во светлина.

 

Самиот на себе си бев и ученик, и учител. И бев добар ученик, но лош учител.

 

Тажен си помалку тажен. Остани тажен.

 

Моите мртви и понатаму ја трпат болката на животот во мене.

 

Откако сè помина, знам дека воздишката нема тежина.

 

Ја загубив желбата по она што го барам, барајќи го она што го пожелувам.

 

Кога престана да постои, не постоел никогаш.

 

Во полната душа сè може да се собере, а во празната душа ништо ‒ кој тоа ќе го сфати!

Ти должат живот и една кутија кибрит; и сакаат да ти ја платат кутијата кибрит оти не сакаат да ти должат кутија кибрит.

 

Како можев толку пати да се вратам овде, а одовде да не се ни мрднам?

 

Знаеме кои сме секогаш, но не знаеме кои сме денес.

 

Никој не е светлина за самиот себе; дури ни сонцето.

 

Постојат нешта кои долго живеат, оти живеат мртви.

 

За да се осуди нешто што е направено, тоа и понатаму се прави. И така се прави за да се осуди.

 

Твојата добрина не е наполно добра со мене, оти наполно е добрина.

 

Човекот е она што го научиле децата ‒ една детска работа.

 

Понекогаш мислам дека е злото сè, а дека доброто е само убавата желба на злото.

 

Светлината која осветлува многу патишта не осветлува еден пат.

 

Мојот вкус не е горчлив, но никого не храни.

 

Ако сеуште пронаоѓаш нешто, не си изгубил сè. Сеуште имаш нешто да изгубиш.

Доброто кое им го правиме на оние на кои не им должиме добро, им го должиме на оние кои ни прават добро.

 

Денес моето сеќавање го сочинуваат милион имиња, личности и ствари, речиси без личности и ствари.

 

Самиот човек е многу за самиот човек.

 

Мојот глас ми говори: „Такво е сè“. А ехото на мојот глас ми говори: „Таков си ти“.

 

Кога би можел да излезеш од своите неволји, дали би знаел каде да заминеш?


Љубовта која не е наполно бол, не е наполно љубов.

 

Понекогаш ќе се сетам дека дишам и, додека да заборавам на тоа, речиси не дишам.

 

Јас да сум тој кој се води самиот себе, не би одел по патот што води во смрт.

 

Никој ништо не ти дал бесплатно ако не ти го дал своето срце, оти само срцето се дава за ништо.

 

Мислиш дека сè ти недостасува, а ти недостасува само малку цвеќе за од сè да ти се прелева.

 

(продолжува)

 

Кон првиот дел
Кон вториот дел

 

Слики: Matt Duffin

ОкоБоли главаВицФото