Парадоксите на ВМРО-ДПМНЕ: Заедничка историја со Србија може, а со Бугарија никако!

24.07.2017 07:19
Парадоксите на ВМРО-ДПМНЕ: Заедничка историја со Србија може, а со Бугарија никако!

Токму владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски почна да го спроведува концептот на заедничка историја со соседите.

Пример за заедничка историска манифестација беше одбележувањето на 100-годишнината од Кумановската битка на Зебрњак, во 2012 година.

На почетокот на манифестацијата беше прво испеана една строфа од македонската химна, а потоа беше испеана српската химна.

На манифестацијата официјално беа српскиот претседател и премиер, а поменот за јунаците од Кумановската битка кои ги дале своите животи „за ослободување“ и за „одбрана на татковината своја“ го служеше лично српскиот патријарх.

Прв на говорниците им се обрати заменик министерот за култура на Република Македонија и претседател на организациониот одбор, кој зборуваше на српски јазик за Кумановската битка како ослободителна: „Кумановска битка 23-24 октобра 1912 године била је прва велика војничка победа српске војске у завршном чину ослобоџења Србије, Македоније и Балкана од вишевековне османске власти... Свест о историској мисији ослобоџења својих сународника, свест о врачању старим духовним, државним темелима, прожимала је све слојеве српског друштва почетком 20 века“.

Никој не се возбуди, најмалку Министерката за култура од ВМРО-ДПМНЕ, ни околу тоа што нејзиниот директор на „Музејот на ВМРО“ зборуваше на српски, ни околу тоа што се фалеше дека српските војски ја ослободиле Македонија.

Не се возбудија многу ни членовите на „македонските патриотски здруженија“ на ВМРО-ДПМНЕ, кои ги одбележуваат Тиквешкото и Охридско-дебарското востание против српските власти во 1913, кои биле задушени со страшен терор врз востаниците и цивилното население.

Затоа Груевски и Канческа (кои преку Владата и Министерството за култура дале средства за конзервација на српскиот споменик на Зебрњак и за заедничко одбележување на Кумановската битка, со говорење на српски јазик) немаат никакви аргументи да приговараат за заедничко одбележување на Илинден со Бугарија.

Илинденците (кои биле помагани од Бугарија и многумина го продолжиле животот во Бугарија) по востанието во 1903 се бореле против српските чети во Македонија, а по Кумановската битка се бореле и против српските власти во Македонија.

Ако ВМРО-ДПМНЕ може да прифати заедничка историја со победниците на Кумановската битка, зошто не може да прифати заедничка историја со Бугарија, која финансиски ги помагала четите на Тодор Александров и бугарскиот генерал Александар Протогеров во борбата против победниците на Кумановската битка кои продолжиле да владеат во Македонија?

Ако партијата на Никола Груевски нема капацитет да пронајде заедничка историја со Бугарија, најдобро е самата да се откаже од префиксот ВМРО. Така барем ќе престанат да се превртуваат во гроб илинденците и основачите на револуционерната „организација“ позната по имињата БМОРК/ТМОРО/ВМОРО/ВМРО кои главно служеле како бугарски учители и офицери и меѓусебно се допишувале на бугарски јазик.

Ако не ви е познато тоа, трк до „Музејот на ВМРО“ и прашајте го директорот да ви објасни на српски јазик.

Извор: Фејсбук профилот на авторот