Агонијата на лудиот фараон

24.07.2017 12:54
Агонијата на лудиот фараон

Сликата на која Груевски ѕирка од прозорецот на својата штабквартира како филмски актер кој со благо собирање на пердето проверува дали лицата што го следат се сè уште долу пред неговата зграда, е од времето на Шарената револуција, но сеедно, тагата во неговите очи денеска ми се виде посилна. Новото време и новите ситуации и процеси, поинаку ги контекстираат ликовите во нашата животна претстава, дури и кога се фиксирани на стари фотографии.

Груевски оди на работа преку подземните паркинзи на „Тодор Александров“, велат, поради безбедносни причини, но јас сум спремен да се обложам дека денеска тоа го прави и затоа што се плаши да ја види одблизу планината од бели говна што ја изгради во центарот на Скопје.

Променетите политички и културни односи, новата клима во општеството, испарувањето на абартираната вмронска еуфорија под жешкото сонце на промените, без каква било внатрешна или надворешна интервенција врз објектот, го претворија „храмот на македонското национално единство“ што го беше проектирал во својата глава, во прстен по кој граѓанството ќе ги забележува, препознава, открива и плука, вмроните и нивниот лидер како тешки злотвори и лудаци.

Од тој прстен околу вратот никогаш не ќе можат да се ослободат. Психопатството го хендикепира Груевски во откривањето и особено во поврзувањето на значењата, но верувам дека основните информации, сепак, допираат до неговите ретки ганглии и тој е во состојба да забележи дека нешто заебано се случува околу него.

Невин човек

Да речеме, патувањето од подрумите на „Тодора“ до кабинетот на осмиот кат, му се чини како патување во вселената. Велат дека постојано стиска по тоа дугмињата, дека лифтот оди горе-долу, па застанува, па пак се покренува, дека по пет-шест часа му треба да совлада висинска разлика од неколку ката. Во насмевката на секретарката забележува циничност што порано не ја забележувал, канцеларијата му е, некако, преголема, му изгледа како фудбалско игралиште, сликите во кои до вчера беше вљубен како во сикстински фрескописи на славата, денеска му висат по ѕидовите како џиновски чварки или исушени опинци. Забележува одредени карикатуралности дури и кај самиот себе, во фамилијарната фотка со горското началство, заедно со мама Нада.

Луѓето му ги нема, а и тие што ги сретнува се мрачни. Во сите гледа реформатори. Политичките ставови му ги чита некој си „Орце од ВМРО“, така го претставуваат анонимусот во чиј маалски капацитет, заканите дека судиите ќе наебат кога тој и неговата партија ќе се вратат на власт, звучат како моите закани дека ќе спијам со Моника Белучи ако жена ми уште еднаш ми го пресоли гравчето.

Телефонот никако да заѕвони. Како жив фараон во својата пирамида, така си изгледа самиот на себе. Спас бара во мобилниот.

„Ало Сашо, абе што те нема, пичка му мајчина, јави се, дојди, имам добра коњетина, варена во француски коњак, 24 часа, бате Сашо, сум ја крчкал, се лепи, бе, дојди, Боркица ќе ни направи по еден ’Блади Мери’ со комуњарска крв, со шарено чадорче и маслинки“, го преколнува Сашота Мијалков во нервозниот телефонски разговор, но овој го откачува во старт:

„Немам време, бе Никола, морам да одам во суд да видам дали ќе ми го вратат пасошот, плус не знам што да правиме со другарчињата на кои им одредија притвор, ако пропеат тие нема да јадеме коњетина туку говнетина, остави ме, те молам, ќе ти се јавам утре сабајле“.
Понекогаш знае да се симне во кафето „Корзо“.
Еднаш седна до нашата маса, а другар ми до мене, ми шепоти:
„Знаеш ли кој е типот отспротива?“
„Немам поим!“
„Груевски, бе, сому, Гру-ев-ски.“
„Оу, да, бе, многу пропаднал бе пичка му материна!“
„Пропаднал, нормално, по цели ноќи пее на комитски вечери, мора некако фамилија да издржува, јебига, а невин е човекот, никој не го ебе!“

Екипа за реформи

Ова се, всушност, аспекти на фундаменталниот проблем на ВМРО-ДПМНЕ! Еве ги двете основни точки, надвор од општопознатата тема за нестварниот криминал, односно сосе таа тема, но од еден друг агол:

Прво, тоа е губитокот на веродостојноста кој произлегува од нивниот опозициски статус. Се разбира, на фонот на нивната идеја, идеологија и практика дека нема и не смее да има друга власт во Македонија. Сè што изградија, изградија носени од таа идеја и сè што е изградено е особено глупаво без таа идеја или во поразот на таа идеја. Македонија ја преживеа таа тортура, но тие нема да можат да ја преживеат, нивниот опозициски статус е смрт за нив според нивните сопствени критериуми, македонското национално единство и револуцијата не можат да бидат во опозиција односно ако се во опозиција значи дека се мртви. Не може една опозициска партија да има онолкава зградурина и онолкав имот во опозиција, на што личи тоа, односно тоа е можно само во услови на еднопартиска диктатура додека во услови на демократија тоа се претвора во инструмент што ја исмева партијата и ја умира во презирот на нацијата. Да викне утре на митинг за одбрана на Македонија, на лидерот ќе му дојдат само уште Боркица и „Орце од ВМРО“.

Второ, тоа е систематичноста во разградувањето на постгруевистичкото наследство. Таа систематичност се гради во тесна соработка со меѓународниот фактор. Во нејзината природа е да го жртвува темпото за квалитетот. Тоа предизвикува незадоволства кај борците за слобода, разбирливо незадоволство, и самиот сум поборник на поенергични потези, но мислам дека кога ќе му се даде предност на разумот над емоциите, ќе се види дека тоа е вистинскиот приод. Тоа не е компромисерски пристап, каков што се чини на прв поглед, туку студиозен, можеби некој од злотворите ќе успее да се спаси во разните нивоа на инклузивност на овој процес, но не се сомневам дека вмровското зло ќе биде радикално искоренето и дека темелот на тоа зло ќе заврши в затвор. Не треба да се заборави дека таквиот пристап има и една важна тактичка димензија, имено, да ја оневозможи и најмалата шанса за хомогенизација и радикализација на остатоците од до скоро најмоќниот политмафиотски организам на Балканот. На ВМРО-ДПМНЕ му се случува тоа што таа ѝ го правеше на Македонија, со тоа што Македонија ќе оди до крај!

Еве еден пресен момент што бескрајно ме охрабрува: Ми се допаѓа екипата за реформи во правосудството. Луѓе со стил, со интегритет и со општа и посебна супериорност. За Македонија таа екипа е тоа што за Бразил и за светот беше фудбалската репрезентација со Пеле, Тостао, Жерсон, Жаирзињо, Карлос Алберто, Ривелињо и другарите, во Мексико, 1970 година. Не се заебавам! Штета што се укинува звањето национален уметник зашто тој што ја составил екипава заслужува да му го доделиме тоа звање.

Имам највисоки очекувања. Во оваа пригода би ги собрал во две точки: темелно расчистување со груевистичкото злосторничко наследство во правосудството, со задолжително утврдување на одговорност за сите носители на поразителните криминални дејствија, без какви било пардони и олеснителни околности, и удирање основи за нов модерен, независен систем на правото и правдата како базичен услов за реинтеграција и реконституција на Македонија.

Нека им е со среќа!

Извор: Слободен печат
Слики: Небојша Гелевски