Дрвени песни (2)

24.07.2017 15:11
Дрвени песни (2)

ПАДНА ТОПОЛАТА

(Епитаф)


Според сликата Дрво и секира
на Никола Пијанманов

 

Една топола се ничкосува ко погодена лаѓа
Како оладена комета тополата за миг паѓа
Срушено стебло на платно долго се раѓа
Гранче за рачка од четка сега е граѓа

Тополата дур паѓа
Слики нови раѓа

Дур паѓа
Гаѓа

Раѓ
А

Топ
Труп

Трупчиња роди
И топови хартија

Побели се од облаците што ги
Скокоткаше со највисоките гранки

Огромна топола сега виси од влезот до
Излезот на галеријата: на стеблото потрпено
Одвај видливо секирче со кое некои најревносно
Го делкаат сето она што се подизвишува кон небото

 

БОРДО БОР

(Еднобојна боенка)

 

А
на
врв
од
бордо бор
бор до бор расте

И по
гранките
од борот
бордо гнездо
со планети
во бордо смола плива

А над
Сонцето
гордо борот
бор до бор пушта
Се вишат гнезда над
црните дупки
Бодро борот
по ѕвездите праќа пупки


(Бордо гори борот секое лето
Лицето на Месечината во борина е сето)

Пламти борот
дур се смее
оти
бордо
жарче

под
корен

му тлее


ДИВИ СЛИВИ

(...) дивите се неретко попитоми
Клод Леви-Строс

 


За   овие                  сливи
велат        дека     се
„диви“           оти
ни   кој
не  ги
садел
оти
никој
не ги
кроел
оти никој
не одлучил
(со тајно гласање)
каде             точно
да              пркнат.
Демек биле „диви“ оти ни
прават револуции во
стомаците кога
недозреаните
плодови
стрвно ги
голтамe
(кога
им ги
кршиме
гранките)
качувајќи се
кон облаците.
Биле      „диви“
оти на         нашите
дивеења          секогаш
одговараат          покротко
и попитомо од        секој од нас.

 

РЕКВИЗИТИ

(Монолог на актер)

 

Утрово сите предмети ми личат на реквизити
за некои претстави што допрва ќе се случат
косилката, пилата, распрскувачот против паразити,
тивките апарати што чекаат некој да ги вклучи.

Гледајќи ја секирата потпрена на старата круша
сфаќам дека стеблото некој силно ќе го чукне
гласот на стариот режисер како да го слушам:
до крајот на претставата пиштолот мора да пукне!

Но денес за првпат се осмелувам да одбијам ролја
ми здодеа да им слугувам на старите прелести
за првпат се чини почнувам дури и да се молам
некој друг актер да ги земе в раце острите предмети.

Ја напуштам претставата, не сакам ни да слушам
како некој душмански струга по старата круша.

 

Кон првиот дел

 

Скулптури на сликите: Willy Verginer

ОкоБоли главаВицФото