Одбрана на адвокатот

25.07.2017 02:24
Одбрана на адвокатот

Српскиот адвокат Срѓа Поповиќ го бранеше Андрија Артуковиќ, министерот за внатрешни работи и за правда во Независна држава Хрватска. И Бригит Монхаупт од Фракцијата на Црвената армија (РАФ). И Владимир Шекс и Парага во Хрватска или Шешељ во Србија односно БиХ. Сè типови со кои во политичките и културните и, над сè, вредносните светови, го делеа илјадници светлосни години.

Поповиќ ги прифаќаше тие предизвици со страста на еден бунтовник кој ја правеше можна одбраната, не ослободувањето, да се разбереме, и на најтешките злосторници, преку разголувањето на дефектите, понекогаш дури и злосторничките дефекти, на системите и на режимите кои тргнале да се пресметнуваат со неговите клиенти.

Адвокатот не застапува според своите политички или други преференции. Суштината на правниот систем не му дозволува да постапува така, а тоа не му го дозволува ниту еснафскиот кодекс. А ако веќе постапува така, предизвик е да брани некој манијак, злотвор, идиот кој предизвикал некоја голема катастрофа, некој социопат кој успеал да стане премиер и да сјебе цела една држава и еден народ, а не некоја партиска симпатија или личност со идеолошка или политичка блискост.

За вистинските адвокати сложеноста на предметот и безизлезноста со која се соочува еден клиент може да биде пресуден предизвик, во такви предмети се прави богато и вредно адвокатско портфолио. Да спаси некого од смртна казна или да му ја спушти робијата на 20 години, да му даде тон на процесот, да користи сè што системот му го дава како процесна или друга предност и да ги нагласува елементите кои го декапацитираат обвинението во техничка или во суштинска смисла итн.

Не знам кои од овие елементи ги зел предвид адвокатот при решението да се нафати со одбраната на Елизабета Канческа Милеска, олицетворението на вмровското зло, кое ѝ беше нанесено на Македонија и на граѓаните на Македонија во изминативе единаесет години. Но, неговото решение е добро за него, за Елизабета ќе видиме, а добро е и за правната кондиција на Македонија, колку и тоа да звучи цинично во актуелнава ситуација.

Како и сите, и јас имам едно парче приватност во кое велам: каква одбрана, бре, на вампирката треба да ѝ се скине вратот! Но, тоа е просто ниво на емотивност и на малограѓанската, би рекол, моралност!

Дистанцата на критичкиот став на Дуковски спрема злосторничкиот режим што го персонифицира неговата нова клиентка, оди во прилог на тоа да се нафати со таа работа, а не да ја одбие. Лоша е оваа врева околу неговото решение. Таа е иста со повикот лекарите да не ја лечат дотичната ако утре падне болна.

Нашиот проблем, со други зборови, не е Дуковски, не се ниту другите адвокати, Шврговски, да речеме, нашиот проблем се судиите, нашиот проблем е во судиите кои се злосторнички испостави на едно злосторничко здружување на кое му припаѓа и Елизабета и кои немаат никакво чувство за правните спектакли што можат да ги понудат обвинителите и одбраните, тие на судењата гледаат само како на форма низ која треба да се озваничат нивните ослободителни пресуди. Односно разорената идеја за правдата.

Арно ама нема да можат уште долго.

Еве го септември, доаѓа.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Вил
 Балас

ОкоБоли главаВицФото