1021 hPa
81 %
5 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 20:59
„Дистрикт 9“ на Нил Блукамп, „2012“ на Роланд Емерих, „Судир на титаните“ на Луис Летерир и „Аватар“ на Џејмс Камерон – во сите овие филмови преовладува техниката на спектаклот, без разлика дали е прикажано апокалиптичното уништување на цивилизацијата што ја познаваме, олицетворена во мегалополисите и нивната инфраструктура („2012“) или анимираните ефекти кои креираат „чиста фантастика“ или категоријата на чудесното на Цветан Тодоров. Во чудесното сме соочени со доаѓањето на вонземјаните кои наликуваат на двоноги инсекти („Дистрикт 9“), митските времиња на хеленската историја („Судир на титаните“) и фантастичната визија за животот на друга планета („Аватар“).
Како се манифестрира спектаклот во овие филмови? Најмногу преку иритантното изобилство специјални ефекти со кои по правило се претставуваат бројните судири, егзотичното оружје за „масовно уништување“ и пејзажите исцртани со нереални флуоресцентни бои како во поетиката на некој кич-експресионист. Уништувањето, без разлика дали е предизвикано од мајката природа („2012“), некој бог од долниот свет и неговиот чудовишен пород („Судир на титаните“) или човекот кој конквистадорски го освојува и империјалистички го експлоатира рудното богатство на новата планета („Аватар“) или ги гетоизира пристигнатите вонземјани („Дистрикт 9“), се наоѓа во основата на спектаклот, со што овие филмови директно се потпираат на класичната епска поезија и историскиот роман.
Интересен е репертоарот на рецепциските ефекти кои овие филмови се стремат да ги постигнат. Сосем случајно сите четири филма остваруваат различна цел, без разлика дали таа цел ќе наречеме старата добра (педагошка) поука или хомогено уметничко значење, какво што и му доликува на едно остварување од популарната култура и масовната индустрија.
Филмот „2012“ сосем експлицитно ја обновува библиската парабола за Ноевата арка како Периоден систем на спасот или пополнета таблица од животинското царство кое во богатството на својата разновидност ќе биде зачувано и обновено во новата земја: земја или реконфигуриран континент каде ќе се стекнат соодветните погодни услови за продолжување на животот. За волја на вистината, обновувањето на параболата не го следи поклопувањето во барем два клучни момента: причините за мега-непогодата не се исти, како и строгата селекција на животните кои ќе влезат во арката. Причината за библискиот потоп е повторно појавениот морален пад на човечкиот род кој иницирал педагошко-телеолошка казна од страна на Творецот, додека во филмот се работи за природна катаклизма слична на онаа која довела до изумирање на диносаурусите, значи, појава која веќе се случила во историјата на нашата планета и појава која науката ја запознала и предвидела. Всушност, за разлика од Касандра од старогрчкиот мит на чии трагични претскажувања никој не верувал, научниците од филмот кои го виделе доаѓањето на природната катастрофа од глобални размери се доживувани како маргинални екстремисти, но самите власти се погрижуваат навреме да подготват резерва за загрозената човечка цивилизација. Така, во тајност градат оклопен брод. За наративот за американската светска хегемонија, безобразен во својата очигледност, кон што Ролан Емерих беше склон и како режисер на филмовите „The day after tomorrow“ и „Ден на независноста“, не вреди да се трошат зборови.
Филмот „Судир на титаните“ конвенционално, следејќи ја матрицата на митот, го обновува култот на херојот. Иако полубог, син на врховниот бог Зевс, Персеј, спасител на Арго и убиец на Медуза и Кракен, чудовишта од морските длабочини, толку инсистира на хуманата димензија на својата личност што го одбива татковиот повик заедно со останатите бесмртници да живее на Олимп и да им ја крои судбината на луѓето. Изборот на смртноста и минливоста го нагласува хероизмот на јунакот, а всушност претставува современа интерполација и евтина апологија за човечкиот род, оној кој се дрзнал да војува со боговите и поради тоа бил казнет. Искупувањето и спасот на човештвото, кое е олицетворено во приморскиот град Аргус, ги носи натчовекот кој своето божествено потекло го ставил зад изборот на човечкото достоинство. Оваа сотериолошка улога во современоста („2012“) ја игра науката, т.е. колективната способност на човечкиот разум да ги предвиди и најстрашните сценарија и да овозможи да се преживеат дури и тие. Во обата филма се фиксира просветителската поука позната од self-help литературата, која ја потенцира делотворноста на личното залагање.
Филмовите „Аватар“ и „Дистрикт 9“ внесуваат критичка нота кон цивилизацијата на луѓето чија семоќ на разумот, самоорганизација, подготвеност на солидарност и жртва ја слават претходните два филма.
„Аватар“ е еден вид позитивна утопија, утопија на можен нов свет кој моментално е загрозен, но кој ќе и’ се спротивстави на опасноста и зајакнат ќе продолжи да живее. Оваа утопија посредно и сосем во еколошки дух, кој стана дел од реторичкиот багаж на политичката коректност, го критикува уништувањето на природата, односно, кратковидата експлоатација на природните богатства. Всушност, Камерон обновува еден вид русоовски сензибилитет за морално супериорните домородци кои живеат во склад со природата, на кои зачувувањето на рамнотежата на животиснкиот свет претставува императив и кои убиваат исклучиво во самоодбрана. Фантастичниот додаток кој на темата враќање кон природата го нуди овој филм е практичната соживеаност со природната околина која ја оствариле аватарите. Тие буквално со крајот на својата плетенка се „приклучуваат“ во коњите или птиците кои ги користат како превозни средства, но и во дрвјата, посебно во она преку кое одржуваат врска со предците. Интересно е дека и во овој филм (како и во филмот „Дистрикт 9“), опстанокот на видот, но сега вонземскиот, зависи од бегалците од човечкиот род кои се згрозени од алчноста и деструктивноста на својот вид, а маѓепсани од „природноста“ и невиноста која владее во новиот свет, решаваат да се откажат од своето потекло и човечки идентитет, телесно да се преобразат и да станат дел од новата заедница. Инаку, во филмот„Дистрикт 9“ сè е поинаку и посложено, па така со преобразбата на помагателот на вонземјаните. Овде помагателот се инфицира случајно, а не по своја волја. Кога ќе биде зафатен со преобразбата, во него се јавува отпор и гадење кон својот нов телесен облик. За разлика од аватарскиот преображеник (кој во човечкиот свет е инвалид во количка, а во светот на аватарот врвно вешт и заљубен предводник на племето), тој е заљубен во својата жена од која трајно го одделила телесната „алиенација“. Значи, во „Аватар“ човечката заедница е поразена, а практиката на уништувачка експлоатација е изложена на критика. Посредно се нуди ново-старо решение за враќање кон природата. Сепак, фактот дека тоа е недопрената природа на нова планета, а не на Земјата, доволно говори сам по себе за досегот на афирмативната порака на овој филм.
„Дистрикт 9“ се издвојува најпрвин по начинот на кој е снимен, како документарец кој комбинира елементи на интервју, ТВ-вести и игран запис од теренот. Потоа следи низа неочекувани и атипични решенија за т.в. вонземско прашање на филмот. „Дистрикт 9“ почнува во моментот кога вонземјаните од есхатолошка атракција стануваат социјален проблем со кој мораат да се справат локалните власти. Вонземјаните предизвикуваат еден вид гадење и отпор со својата инсектоидна појава и големината, но не се насилни, немаат „натприродни“ способности, не се очекувано технолошки посупериорни (освен нивното оружје кое не го користат), лесно се ранливи и смртни. Всушност, луѓето со својот постоечки арсенал на инструменти за принуда без проблеми управуваат со нив. Токму третманот на дојденците од вселената е главната поента и успехот на овој филм.
Вонземјаните по сè, освен надворешниот изглед, наликуваат на која било бегалска група на планетава, а таков е и односот кон нив. Тие се сместени во трошни бараки и колиби, во правлив сиромашен „дистрикт“ каде се препуштени сами на себе. Во допир со поголемата човечка популација се развиваат црниот пазар, проституцијата и криминалот. Обединетите Нации се немоќни да најдат прифатлив модел како за организирање на условите за живот на вонземјаните, така и за сè посилната нетрпеливост на домашното население кое насилно демонстрира против дојденците и бара властите да ги отселат од нивната околина. ОН не се разликуваат многу од криминалните банди – подеднакво се сурови и насилни. Филмот ја следи трагедијата на цивилниот администратор на дистриктот, чија задача е вонземјаните законски да ги дислоцира на ново одредиште. Тој ја познава нивната култура и се води според принципите на толерантност и мирољубивост. Оттука филмот „Дистрикт 9“ произведува еден мачен впечаток, заснован не на нешто ексклузивно и егзотично како во „Аватар“, туку на нешто толку познато и раширено како што се етнички мотивираните судири и бегалски кампови, како и трагикомичната дезориентираност на филантропијата на ОН.
Стратегијата на спектаклот се исцрпува со постигнувањето на состојбата на моментална маѓепсаност од визуелната пиротехника на филмот. Секој од овие филмови, па и најуспешниот меѓу нив, без проблеми може да понуди наративен и визуелен контекст за видео-игра, филмски жанр исчистен од излишностите и сведен на интерактивната илузија и психомоториката на корисникот на играта. Што со прашањето за „можните светови“ кое делумно го отвораат филмовиве, со имагинарните конструкти на „светот како волја или претстава“? Гордоста поради пожртвуваноста и издржливоста на кревкиот но жилав човечки род на кој му се припаѓа, желбата за враќање во исконот и добата на невиност, морничавоста на изопаченоста во која страдаат подеднакво екстратерестријалните предизвикувачи на морниците. Што со овие рецепциски емоции на инфантилниот набљудувач. Слеп за пазарните механизми, профитот на забавната индустрија и естетичката тривијалност на предизвикувачите на ваквите емоции? Ако не се причина за гледање, кое можеби стана автоматизам на зависноста и шлаг на замената на вистинскиот живот со вируталните конструкти, и ако не се само истражувачки материјал, „можните светови“ остануваат дел од воајерско-колекционерската навика за хранење со имагинарното, дел од личниот багаж на имагинарното. Багажот е пребукиран и неискористен, и не знаеме зошто служи, и дали служи за повеќе од краткотрајната и моментална занесеност. Но тоа е багаж од кој повеќе не можеме да се ослободиме.
Извор: Booksа