Гласови (4)

25.07.2017 12:31
Гласови (4)

Поради тебе го чувствувам ова што го чувствувам, но не си ти тоа што го чувствувам. И сè е исто како ти ‒ она поради што го чувствувам тоа што го чувствувам. А што чувствувам?

 

Она што го гледам ми говори дека сум слепец.

 

Моето име, штом ќе ме повикаат, прави да се сетам на своето име.

 

А кога не би имало светло коешто се гаси, светлата што светат не би осветлувале.

 

За да не помрднам една работа, помрднав стотици работи. И не ја помрднав таа една работа.

 

Морето горчина што ми ја даде не е доволно да ти дадам една капка горчина оти, исто така, ми даде и капка сласт.

 

Кога ќе искинам некои од веригите со кои сум окован, се чувствувам намален.

 

А ако ништо не се повторува исто, секоја работа е последна.

 

Разлогот на сите е чудовиште, а разлогот на поединецот... тоа е разлог на поединецот.

 

Ги видов состојбите сè до слепило на своите очи. И ги ослепив своите очи за да не ја видам таа состојба.

 

Не плаче оној кој не го пронаоѓа изворот во кој ги пролева своите солзи.

 

Моето ЈАС заминало далеку од мене. Денес, тоа мене ми е најдалечното ‒ ТИ.

 

Изгледа дека животот го сочинуваат две точки, без точки меѓу нив.

 

Некои, престигнувајќи ги сите други, освојуваат пустина.

 

Стотици илјади луѓе се град. А јас, во градот, јас сум стотици илјади мртви.

 

Веќе не знаеш што да правиш, ни кога повторно ќе станеш дете. А тажно е да се види дете кое не знае што да прави.

 

Ако веруваш дека си како кое било битие, како која било ствар, ти си сите битија и сите ствари. Ти си универзумот.

 

За да можам да достигнам одредени височини, не ги спуштам, туку уште повеќе ги подигнувам.

 

Понекогаш ми е потребна светлината од кибрит за да ги осветлам ѕвездите.

 

Оној што направил илјада работи и оној кој не направил ниедна, имаат иста желба: да направат една работа.

 

Ако ти го дадам животот, што би можел да ти дадам?

 

Кога ќе се приближам до некоја душа, немам желба да ја запознам; а кога од неа се оддалечувам, имам.

 

Кога не сум во облаци, како да сум изгубен.

 

Мојата жед цени чаша вода, а не море вода.

 

Колку зла направило злото што не сум го извршил!

 

Не ми зборувај. Сакам да бидам со тебе.

 

Дури и најмалите суштества носат сонце во очите.

 

Живеам за да се ослободам од она што го живеам.

 

Ако си добар со овој и оној, овој и оној ќе речат дека си добар. Ако си добар со сите, никој нема да рече дека си добар.

 

За оние што умираат, земјава е исто со најоддалечената ѕвезда. Не би требало толку да нè загрижува она што се случува на најоддалечената ѕвезда.

 

Дупло изгубив, бидејќи исто така добив.

 

Кој прави рај од својот леб, прави пекол од својата глад.

 

Ако веруваш дека ништо не ми должиш, тогаш ништо не ми должиш, оти ги почитувам сите верувања и оти сите верувања се исти. Сè е верување.

 

Сè тогај беше без измама. А тогаш од сè се плашев.

 

Ако го сакаш сонцето што те осветлува ‒ можеби сакаш: а ако го сакаш инсектот што те гризе ‒ тогаш сакаш.

 

Напорот на едни да го добијат она што други го добиваат без напор, го намалува тој напор.

 

Ако постојано се гледа иста работа, не е можно таа и да се види.

 

Човек би бил достоен на својот учител кога, создавајќи го своето дело, би создал и пекол за своето дело.

 

Би барал нешто повеќе од светов кога светов би имал нешто повеќе.

 

Оние што ги дале своите крилја тажни се оти не ги гледаат како летаат.

 

Сега, кога моите идеи се прегрнуваат со моите очи, моите раце веќе не ме служат.

 

Не ја гледаш реката на плачот, оти ѝ недостига една твоја солза.

 

Туѓата беда ми е доволна да се осетам сиромашен; мојата не ми е доволна.

 

Да, секогаш патам, но само во некои моменти; оти само во некои моменти мислам дека секогаш патам.

 

Кога ќе оставам некоја работа, не сакам да земам друга, за да не ја оставам повторно.

 

Сакаме да видиме нешто што ќе нè просветли ‒ нешто што не можеме да го видиме.

 

Болката ни се чини сурова. А таму каде што нема болка... и таму ни се чини сурова.

 

Никому не му зборувај лошо за својот бол, оти во секого е вината за твојот бол.

 

Кој видел со отворени очи, може повторно да види, ама со затворени очи.

 

Ако некое цвеќе се роди кога не е пролет, не го пуштајте да расте.

 

Сознанието за смртта чини живот.

 

Сеќавањето е по малку вечност.

 

Мислам дека низ работата на своите слабости, останав без своите слабости.

 

Можно е ништо да не се должи така што на сонцето ќе му се врати светлината.

 

Старите рани веќе не се доволни за твојата крв. А тешко е да се отворат нови рани. И твојата крв се дави.

 

Знам дека имав сè не поради тоа што имав, туку зашто после немав.

 

Она пред мене и она по мене, речиси се обединети ‒ речиси станале едно... речиси останало без мене.

 

Да, слушнав сè. Сега треба само да молчам.

 

Во вечниот сон, вечноста е исто што и еден миг. Можеби ќе се вратам во еден миг.

 

Ќе продолжам да ги уништувам лошите зборови коишто сум ги ставил во сето свое, иако сето мое останало без зборови.

 

Во тој свет знаев дека ме убива доброто, но верував дека ме убива злото.

 

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел

 

Слики: Matt Duffin

ОкоБоли главаВицФото