Женски тегавец

26.07.2017 11:12
Женски тегавец

На З. Булиќ


Си живееше еден Рамо кој предвидуваше кога ќе падне дожд и дали во стомакот се движи син или ќерка. Рамо беше познат во целиот крај. Секој ден кај него доаѓаа луди и заљубени. И сиромашни. Го викаа оџа, но тој беше гаталец, народен свештеник. Рамо гледаше во шаката сол што ја топеше со сок од женски тегавец и провриена вода полна со глувчешки ноџиња. Тој ловеше глувци на гробиштата, покрај еден глог. На глувците им ги сечеше ноџињата со жилет. Жена му ја вареше водата со ноџињата. Женскиот тегавец го береше во бавчата. Од сите растенија во бавчата најмногу имаше женски тегавец. Од женскиот тегавец жена му правеше сок. Зовриената вода со ноџињата, откако ќе се изладеше, и сокот од женскиот тегавец, Рамо го истураше на солта во раката и ги гледаше фигурите. Ги толкуваше.
Соседството знаеше дека жена му на Рамо ја љуби некој Абаз. Тој одамна му се приближи на гаталецот Рамо и се дружи со него.
На Рамо му пцовиса кучето.
Абаз му го подари своето куче на Рамо.
Соседството се смееше на тоа.
„Да не лае кучето кон курварот. Затоа курварот и му го даде“, се зборуваше низ соседството.
Еднаш гаталецот Рамо во куќата го затекна Абаз како се љуби со жена му. Скокна преку прозорецот Абаз и оттрча со голи нозе, а гаталецот Рамо ја зеде пушката и истрча од куќата. Дум! Дум! се слушнаа куршуми.
„Што ќе ми е твоето куче, безроднику!?“ викна гаталецот Рамо. Кучешката крв се излеа низ авлијата.
Рамо ја фрли пушката и запали цигара.
„Извини, Рамо. Извини“, зборуваше жена му на Рамо, стуткана на куќниот праг.
Рамо заплака. Низ солзи гледаше како кучешката крв тече меѓу женскиот тегавец. Извини, извини, мој женски тегавецу. Како успеав да те нагрдам со кучешка крв?“

Превод: Лавинија Шувака
Слика: Angie Hoffmeister

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото