Зошто баш театар?

26.07.2017 16:40
Зошто баш театар?

Кога кој било од моите ученици ќе ме праша „Професоре, а зошто баш театар“, се чувствувам како да ми е доделена најтешката задача небаре повторно сум на приемен испит, пред комисија.

Некогаш одговорот го добиваат до крајот на часот и наеднаш, а некогаш им го расцепкувам и им го разделувам на часови, недели...

Понеделников што помина, една ученичка ми го постави баш прашањето! Не можев да одговорам со поголемо клише од „зашто е магија“. Морам да признаам дека не секогаш можам да им одговорам зашто, едноставно, не секогаш го чувствувам театарот на ист начин.

Четвртоков што помина работевме вежби за вовед во актерска игра со емоција. Половина од групата почна да плаче на една од вежбите и морав да го искористам моментот за да им го доодговорам прашањето од пред три дена: „токму поради ОВА го сакам и одново го избирам театарот“, им реков.

Сфаќам дека одамна никој не нè учел дека е сосема во ред да се сретнуваме со себеси; да грешиме зашто единствено така ќе научиме; да не се откажуваме и да бидеме упорни; да бидеме присутни (со другите и за нив)...

Образованието мора да стане многу повеќе од (пре)пишување, тестови и испрашувања; мора да стане дијалог меѓу наставникот и ученикот за најпосле, да искомуницира и со она кое е надвор од ѕидовите на училниците: стварноста.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Elly MacKay