Народна кујна

27.07.2017 03:42
Народна кујна

Се разбира дека никој не нè присилува да менуваме нешто (и) во културата. Дури и ЕУ гледа благонаклоно кон националните културни политики – ако ова нашево воопшто може да се нарече политика – и не тера никого на ништо. Велам, барем во културата. Во некое идно време, кога би станале нивна полноправна членка, можеби ќе мораме да извршиме некои ситни прилагодувања, и толку. Како во Хрватска, впрочем. Можеме и понатаму да си останеме последниот болшевистички бастион во културата во Европа и за тоа никого нема да го боли глава. Освен нас, се разбира, ама не сите. Можеме и да ѝ го оставиме дипломатскиот пасош на онаа естраднана шушумига, ако навистина го има. Таа барем, за разлика од некои други, го има „заработено“ врескајќи по сите партиски конгреси, прослави и митинзи. Иако тоа дебело го наплатувала, а пасошот веројатно бил шлагот на тортата.

Но, шега на страна, кога одблизу, но и од далеку ќе погледнете низ какви сè бирократски лавиринти минува македонската култура и македонскиот творец, ве фаќа депресија. Зашто кај нас за културата и творештвото решаваа бирократи и партиски „уметници“, а нивните „решенија“ понатаму минуваа низ вториот, побитниот партиски филтер на Министерството за (не)култура вгнезден во кабинетот на „врло веома“ пуфлата. И таму не можеше ни врапче да прелета а да не е партиски обележано, и одобрено. И сега, ние можеме да ја продолжиме истата приказна, па наместо довчерашната еднопартиска култура да инсталираме друга – повторно еднопартиска, само со друго име – приказна која што ќе ги продолжи „славните“ традиции на претходниците. (Апропо, знам дека вакви или слични текстови пишував и во 2002 година, без некој поголем резултат. Иако имаше видливи, да не речам сериозни промени во однос на она што ни се случуваше во културата во периодот 1998 – 2001 година. Ама не се смогнаа сили да се отиде до крај, особено во „реконструкцијата“ на институциите, во дефинирањето на самонаречениот национален интерес и слични глупости!). Оттука, не сум сигурен до каде ќе се отиде со оваа тема. Ама во едно сум сигурен: ние не можеме/не смееме да продолжиме вака! Ние не смееме од културата да правиме народна кујна (формулација на Ранко Дакиќ, уметник кој знае што е што!) пред која што ќе се редат сите гладни и жедни за парче леб и чаша вода. Културата тоа не е! Таа уште помалку е социјална заштита за сето некреативно и непродуктивно во општеството, само што добило некаков „повисок“ степен на третман од оној на социјалните случаи. Таквата култура е јаже околу вратот на сериозните творци и културни работници, без оглед на нивниот (мал) број. Односно, ние тој број не го ни знаеме, зашто просекот го снижуваат односно уништуваат некадарните социјални „случаи“.

Сепак, не мислам дека една држава, па и Македонија, треба да развива исклучиво т.н. елитна или врвна култура. Ама државниот буџет во културата мора пред сè да биде ориентиран таму – во врвните вредности. Зашто тие се вистинската одбрана на идентитетот, на културата, на нацијата. Има други буџети, пред сè општинските – или можат и да се измислат, ако треба – од каде што би се финансирале сите други културни потреби. Ако општините имаат пари за „Пивофест“, или „Битфест“, или секакви други квазикултурни манифестации што ја слават ракијата, пастрмајлијата, ајварот и слично, против кои што јас немам ама баш ништо, дапаче, сè дури не земаат од парите од мојот данок, нека си ја тераат нивната приказна. Ако граѓаните на тие општини мислат дека за нив – за нивните деца – е поважно во една вечер да се изедат илјада пастрмајлии финансирани од општинскиот буџет наместо една изложба на делата на хартија на Петар Хаџи Бошков или еден сценски настап со камерна претстава на МНТ, тогаш – ок! Таму нема помош сè додека гласачите во општината, односно мнозинството не се побунат и не гласаат за другата (политичка, културна) опција, која и да е! Онаа опција која ќе им овозможи културен производ според современи стандарди. А во такви случаи треба и државата да помогне, се разбира.

И, колку за крај, еве што велат за своите цели во Министерството за дигитализација, култура, медиуми и спорт на Велика Британија: „Министерството помага во придвижувањето на растежот, збогатувањето на животите и промоцијата на Британија во странство. Ние го заштитуваме и промовираме нашето културно и уметничко наследство и помагаме бизнисот и заедниците да се развиваат преку инвестирање во иновациите и нагласувањето на Британија како фантастично место за посета. Му помагаме на Обединетото кралство да добие уникатно првенство на глобалната сцена, залагајќи се за економски успех“. Нема ни темелни вредности, ни национални интереси и слични будалаштини; разбирливо, јасно, концизно! А приоритети на тоа Министерство се: раст на економијата, поврзување на ОК, поттикнување на партиципацијата, поддршка на извонредноста, поткрепа на медиумите и обезбедување на социјална одговорност.

Е па, ако не учиме од најдобрите, тогаш – од кого?

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Везови: Мишел Кингдом

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура

ОкоБоли главаВицФото