1031 hPa
62 %
11 °C
Скопје - Чет, 07.11.2024 16:59
Терминот „анти-системски движења“ пред 25 години1 вообичаено се користеше за да се означат силите на левицата кои се бунтуваат против капитализмот. Денес, иако на Западот терминот не ја изгуби својата релевантност, неговото значење е променето. Движењата кои се размножија во текот на изминатата деценија, веќе не се бунтуваат против капитализмот, туку против неолиберализмот – дерегулираните финансиски текови, приватизираните услужни дејности и ескалирачките социјални нееднаквости – односно против специфичната варијанта на владеењето на капиталот воспоставена во Европа и Америка од осумдесеттите години. Новиот економски и политички поредок беше прифатен речиси едногласно од страна на владите, како од десниот така и од левиот центар, во согласност со тогашното доминантно начело кое го сумираше Маргарет Тачер со зборовите „There is no alternative“ (Нема алтернатива). Денес, против таквиот систем застануваат два вида движења, а неговите заштитници, без оглед дали доаѓаат од лево или од десно, ги стигматизираат како популистичка закана.2
Не е случајно тоа што овие движења најпрвин се појавија во Европа, а не во САД. Шеесет години по потпишувањето на Римските договори, причината е јасна. Од заедницата за јаглен и челик создадена врз основа на декларацијата на Шуман – дизајнирана за да се спречи обновата на 100 годишното француско-германско непријателство, но и за да се консолидира повоениот економски раст во Западна Европа – 1957 година се создава заеднички пазар. Тоа беше производ на период на полна вработеност, растечки приходи, втемелување на претставничката демократија и развој на системот за социјална заштита. Неговите трговски аранжмани не беа спротивни на суверенитетот на национланите држави, за кој повеќе би можело да се каже дека беше очаен, а не ослабен. Државните буџети и размената на валутите се одредуваа на национално ниво, во парламентите одговорни пред своето избирачко тело, во кои жестоко се дискутираше за вистински спротивставени политики. Обидите на комисијата во Брисел да ја зголеми својата моќ редовно беа отфрлани од страна на Париз. Понатаму, не само Франција под Шарл де Дол, туку и Западна Германија, на малку посуптилен начин, водеа надворешни политики независно од САД и беа способни отворено да се спротивстават.
Крајот на „златните триесетти години“ донесе големи промени во оваа конструкција. Од средината на седумдесеттите развиениот капиталистички свет влезе во период на долго опаѓање, како што покажува анализата на американскиот историчар Роберт Бренер3, кој го карактеризираа помали стапки на раст и побавен раст на продуктивноста, деценија по деценија, помала вработеност и поголема нееднаквост, со периодични остри рецесии. Од осумдесеттите, почнувајќи во Обединетото Кралство и САД и постапно ширејќи се низ Европа, правецот на политиката се промени: системите за социјална заштита ослабеа, јавните услуги и индустриите се приватизираа, а финансиските пазари се дерегулираа. Пристигна неолиберализмот. Со текот на времето, во Европа доби единствена ригидна институционална форма: ширењето на она што во меѓувреме стана Европска унија го зголеми бројот на држави членки за повеќе од четирикратно, зафаќајќи големо подрачје со ниски плати на истокот од Европа.
Драконските мерки за штедење
Од монетарната унија (1990) до Пактот за стабилност (1997), а потоа и Актот за единствен пазар (2011), овластувањата на националните парламенти се намалуваа во корист на наднационалните бирократски структури, заштитени од народната волја, токму како што предвиде ултралибералниот економист Фридрих Хаек. Кога оваа машинерија беше ставена во погон, драконските мерки за штедење можеа да им бидат наметнати на беспомошните популации со заедничко дејствување на Комисијата и обединета Германија, сега најмоќните сили во рамки на заедницата, во која водечките мозоци отворено зборуваа за германската предодреденост за позицијата континентален хегемон. Во истиот период, ЕУ и нејзините членки престанаа да играат каква било значајна улога во светот која би била спротивна на директивите на САД, на тој начин станувајќи стражар на новите политики кон Русија од студената војна кои ги одреди САД, а ги плати Европа.
Европската унија се покажа глува за народните барања изразени на последователни референдуми, истовремено вградувајќи ги директивите за прашањето на државните буџети во својата регулатива, па не е изненадување што нејзиниот облик кој сè повеќе е олигархиски генерираше многу протестни движења. Каква е сликата на тие сили? Во земјите од Западна Европа (топографијата на Источна Европа е толку поинаква, што во случајов можеме да ја оставиме настрана), движењата на деснцата доминираат со опозицискиот систем. Така е во Франција (Националниот фронт, ФН), Холандија (Партијата за слобода, ПВВ), Австрија (Слободарската партија на Австрија, ФПО), Шведска (Шведските демократи, СД), Данска (Данската народна партија, ДФ), Финска (Вистинските Финци, ПС), Германија (Алтернатива за Германија, АфД) и Британија (Партијата за независност на Обединетото Кралство, УКИП).
Во Шпанија, Грција и Ирска преовладуваат движења од левицата: Подемос, Сириза и Син Феин. Специфичен е случајот на Италија која има моќно анти-системско движење на десницата во Северната лига, но и уште поголемо движење, кое навидум ја надминува поделбата на лево и десно, Движењето со 5 ѕвезди (М5С). Неговата реторика во однос на даноците и имиграцијата го сместува во десницата. Спротивно на тоа, конзистентното спротивставување на неолибералните мерки на Матео Ренци во парламентот, особено оние кои се поврзани со образованието и дерегулацијата на пазарот на трудот, како и централната улога која ја одигра во референдумската победа над обидот на Ренци за ослабување на италијанскиот демократски систем4, го туркаат поблиску до левицата. На овој список можеме да го додадеме движењето Моментум од Велика Британија, израснат на крилата на неочекуваната победа на Џереми Корбин на изборите за претседател на Лабуристичката партија. Кога станува збор за движењата кои доаѓаат од десницата, сите освен АфД се создадени пред економскиот колапс од 2008 година, а некои од нив имаат историја која досегнува до седумдесеттите години. Наспроти тоа, подемот на Сириза и создавањето на М5С, Подемос и Моментум се директна последица на глобалната финансиска криза.
Централниот факт во оваа приказна е поголемата вкупна сила на движењата од десницата отколку од левицата, судејќи според бројот земји во кои доминираат и според нивната вкупна изборна сила. Тоа може да се објасни со структурата на неолибералниот систем наспроти кој израснаа тие движења, кој своите најбрутални карактеристики ги изразува токму во Европската унија. Нејзиниот поредок е заснован на три сета принципи: редукција и приватизација на јавните услуги, прекинување на демократската контрола и репрезентација и дерегулација на факторите на производството. Сите три се присутни и на национални нивоа во Европа, како и на други места, но на ниво на ЕУ достигнаа повисок степен и интензитет, како што сведочат изживувањето над Грција, газењето на референдумските исходи и интензивирањето на дампинг платите. Во политичката арена, тоа се најважните прашања кои предизвикуваат широко распространета загриженост, предизвикувајќи протести против системот во врска со прашањата како што се мерките за штедење, суверенитетот и миграциите. Антисистемските движења диференцирацни според тоа тоа колкав нагласок ставаат на секое од овие прашања, односно на кој елемент од неолибералниот поредок најмногу ја насочуваат силата на својот отпор.
Најочигледна причина за превласта на движењата од десницата над своите пандани од левицата е тоа што тие мошне рано почнаа да ставаат нагласок на прашањето за имиграцијата, обложувајќи се на ксенофобните и расистичките реакции за да си обезбедат широка поддршка меѓу најранливите сектори од популацијата. Со исклучок на десничарските движења во Холандија и Германија, кои веруваат во економскиот либерализам, тие вообичаено се поврзани (во Франција, Данска, Шведска и Финска) не со денунцијацијата туку со одбраната на социјалната држава која, како што тврдат, се поткопува токму со доаѓањето на имигрантите. Но, би било погрешно нивниот успех целосно да му се припише на овој фактор: во повеќе различни случаи, меѓу кои францускиот ФН е најзначаен, се покажа дека тие движења имаат свои адути и на други фронтови.
Најочигледен пример е монетарната унија. Заедничката валута и централната банка, проектирани во Мастрихт, создадоа единствен систем втемелен на натпреварување со мерките за штедење и оспорување на народниот суверенитет. Движењата од левицата можат да се бунтуваат против тоа подеднакво жестоко како и кое било десно движење, ако не и пожестоко, но решенијата шти ги предлагаат се помалку радикални. Десницата, ФН и Северната лига имаат јасни лекови за потресите кои ги предизвикуваат единствената валута и имиграцијата: излез од еврото и запирање на приливот мигранти. Левицата, со неколку изолирани исклучоци, никогаш не постави толку недвосмислени барања. Во најдобар случај, се посегнува кон технички прилагодувања на единствената валута, претерано комплицирани за да можат да мобилизираат поголема гласачка база. Кога станува збор за имиграцијата, не се оди подалеку од магливи, срамежливи најавувања за можно воведување квоти. Ни едното, ни другото не се толку лесно разбирливи за гласачите како директните предлози што ги нуди десницата.
Имиграцијата и монетарната унија создаваат посебни проблеми за левицата од историски причини. Римските договори беа втемелени на ветувањето за слободно движење на капиталот, стоката и работната сила во рамки на заедничкиот европски пазар. Сè додека Европската заедница беше ограничена на земјите од Западна Европа, факторите за производство за кои мобилноста беше најважна, беа капиталот и стоката, додека миграциите преку националните граници генерално беа мошне умерени. Но, уште кон крајот на шеесеттите години, приливот на имигрантска работна сила од поранешните африкански, азиски и карибски колонии и полуколонијални региони од поранешното Отоманско Царство беше значаен. Потоа, ширењето на ЕУ кон Источна Европа значајно ги зголеми миграциите во рамки на самата Унија. Најпосле, неоимперијалните авантури во поранешните медитерански колонии – ненадејниот напад на Либија и индиректното мешање во сириската граѓанска војна – поттикнаа големи бегалски бранови кон Европа, како и осветнички тероризам.
Сето тоа ја разгоре ксенофобијата со која се хранеа антисистемските движења од десницата, додека левите движења се бореа против неа, останувајќи верни на принципот на хуманиот интернационализам. Од таа причина најголем дел од левицата се спротивставуваше на секоја мисла за укинување на монетарната унија, сметајќи го таквиот чекор за регресија кон национализмот одговорен за катастрофите од европското минато. Идеалот на европското единство за нив останува најважна вредност. Но, актуелна Европа која се темели на неолибералната интеграција е покохерентна од кој било алтернативен модел што досега го понудила левицата. Мерките за штедење, олигархијата и мобилноста прават вмрежен систем. Невозможно е да се одвои мобилноста од олигархијата: историски гледано, ниеден европски народ никогаш не бил консултиран во врска со доаѓањето на странска работна сила, туку тие одлуки отсекогаш биле донесувани зад нивниот грб. Негацијата на демократијата, која стана структурен елемент на Европската унија, на почетокот ја исклучи можноста за дискусија по ова прашање. Затоа, отфрлањето на таквата Европа од страна на движењата од десницата е политички поконзистентно од она што го нуди левицата, што е уште една причина заради која десницата е во предност.
Рекордните нивоа на гласачкото незадоволство
Појавата на Движењето со 5 ѕвезди, Сириза, Подемос и АфД го означува ненадејниот пораст на народното незадоволство во Европа. Анкетите сега покажуваат рекордни нивоа незадоволство на гласачите во Европската унија. Сепак, без разлика дали се работи за леви или десни антисистемски движења, нивната сила на избирачките места останува ограничена. Трите најуспешни меѓу нив, барем кога станува збор за десницата – УКИП, ФН и Данската народна партија – на последните избори за Европскиот парламент освоија околу 25 проценти од гласовите. На националните избори, просечниот резултат на сите вакви, леви или десни движења, се движи околу 15 проценти. Таквите бројки не претставуваат претерано голема закана за системот. Иако, 25 проценти од гласовите можат да бидат причина за главоболка на естаблишментот, „популистичката опасност“ за која панично предупредуваат медиумите засега останува мошне умерена. Единствените случаи во кои антисистемските движења дошле на власт, или во кои таа можност е реална, се оние каде изборните системи обилно ја наградуваат партијата што ќе оствари најдобар резултат на изборите, како што е случај во Грција и Италија.
Во реалноста, постои широк јаз помеѓу нивото на народното разочарување од денешната неолиберална Европска унија – до минатото лето, во Франција и Шпанија мнозински беше искажана аверзија кон неа, а дури и во Германија, едвај половината од испитаниците за неа имаат позитивно мислење – и опсегот на поддршката на силите кои се декларираат како нејзини противници. Индигнацијата и згрозеноста од она што стана ЕУ се вообичаени, но веќе одредено време главна одредница на гласачките преференци во Европа останува стравот. Социоекономскиот статус кво е омразен надалеку, но редовно одново се потврдува на избирачките места со реизбор на партиите одговорни за него, заради страв дека бранувањето и вознемирувањето на пазарите ќе донесе уште полошо страдање. Единствената валута не го забрза растот во Европа и предизвика огромни проблеми за земјата на југот од континентот. Но, можноста за напуштање на еврозоната ги ужаснува дури и оние кои досега се освестија колку страдање предизвика нејзиното создавање. Стравот го надминува бесот. Оттаму доаѓа и помирувањето на грчките гласачи со капитулацијата на Сириза пред Брисел, отстапките на Подемос во Шпанија и колебањето на Партијата на левицата (ПГ) во Франција. Доминантното чувство е исто насекаде. Системот е лош. Но, спротивставувањето не значи дека се ризикува одмазда.
Тогаш како да се објасни Брегзитот? Масовната имиграција е вториот страв ширум ЕУ што го разгоре кампањата за напуштање на Унијата, при што Најџел Фараж (УКИП) ја одигра улогата на упадлив гласноговорник и организатор, заедно со уште неколку проминентни конзервативци. Но, ксенофобијата самата по себе сигурно не е доволна за да победи стравот од економска катастрофа. Во Англија, како и на други места, таа растеше како што една по друга лажеа владите за размерите на имиграцијата. Но, дека референдумот за напуштање на ЕУ беше само натпревар помеѓу овие два стравови, како што беше желбата на политичкиот естаблишмент, таборот кој заговараше останување без проблеми ќе победеше, исто како што беше во 2014 година за време на референдумот за независност на Шкотска.
Но, има уште неколку фактори. Британската политичка класа одби да ѝ пристапи на заедничката валута, исклучиво за да може да продолжи да ја практикува својата верзија на неолоиберализмот, подрастична од оние на континентот. Најпрвин, финансиските ексцеси на Новите лабуристи ја доведоа земјата до банкарска криза пред таа да се случи во остатокот од Европа, за потоа владата на конзервативците и либералните демократи да спроведе подрастични мерки за штедење од која било европска земја, освен оние кои беа изложени на притисоци однадвор. Оваа комбинација доведе до економски единствени резултати. Ниту една друга европска земја не доживеа толку драматична регионална поларизација помеѓу затворениот балон на високи приходи кој го опфаќа Лондон и југоистокот од земјата и, од друга страна, осиромашениот деиндустријализиран север и североисток каде гласачите чувствуваа дека нема многу да изгубат ако гласаат за напуштање на Унијата, што и да се случи со Сити и странските инвестиции. Во овој случај, очајот го надвладеа стравот.
Исто така, ниедна друга европска земја не го „намести“ својот изборен систем толку отворено и бесрамно: УКИП беше најуспешната поединечна партија на изборите за Европскиот парламент во 2014 година со услови за пропорционална застапеност, за една година подоцна, со 13 проценти освоени гласови да дојде до само едно место во националниот парламент, додека Шкотската национална партија (СНП) со дури 5 проценти од гласовите зазема 55 парламентарни фотелји. Таквиот систем беше поволен за лабуристите и конзервативците кои со децении се менуваа на власт, додека гласачите од дното на приходната пирамида гласаа претпазливо. Но, кога конечно добија можност за реален избор на национален референдум, гласачите во најсиромашните региони ненадејно истрчаа кон гласачките места за да го изразат своето мислење за пустошењето што им го донесоа Тони Блер, Гордон Браун и Дејвид Камерон.
Како пресуден фактор на крајот доаѓа историската разлика што ја одвојува Британија од континентот. Не само што се работи за империја чие културно влијание со векови беше помоќно од она на европските ривали, туку за разлика од Франција, Германија, Италија и поголем дел од континентот, Британија не искуси пораз, инвазија или окупација за време на светските војни. Затоа, експропријацијата на локалните овластувања од страна на бирократијата во Белгија мораше да предизвика посилни реакции од другите места: зошто државата која двапати ѝ пружи отпор на силата на Берлин денес им се потчини на Брисел или Луксембург? Во случајов, прашањата за идентитетот полесно можеа да надвладејат над прашањата на интересите отколку во остатокот од ЕУ. Така, вообичаената формула – стравот од економска одмазда победува над стравот од имиграција – во овој случај попушти пред комбинацијата од економски очај и национална гордост.
Американскиот чекор во непознатото
Исто така, тоа се истите услови во кои републиканскиот претседателски кандидат во САД, со непримерен бекграунд и темперамент и омразен меѓу коментаторите од средната струја, можеше да привлече доволно голем број занемарени, бели работници од Rust Belt регионот и така да ја однесе победата. Како во Британија, во деиндустријализираните пролетерски региони, очајот го надвладеа стравот. Во САД, исто така, значително погруби и поотворени заради историјата на автохтониот расизам, имигрантите доживеаја денунцијација и се појавија барања за подигнување на бариери за имиграцијата, како физички така и процедурални. Пред сè, американската империја не е само спомен на далечното минато, туку важна одредница на сегашноста и реална перспектива за иднината. Сепак, тоа е отфрлено од страна на властодршците во име на глобализацијата која им донесе пропаст на обичните луѓе и понижување на нивната земја. Откако ги отфрли фетишите за слободното движење на стоката и работната сила и најави игнорирање на ограничувањата што ги наметнува мултилатерализмот, Трамп со право можеше да објави дека неговиот успех е аналоген на Брегзитот, но од значително поголеми размери. Тоа беше спектакуларен бунт, со оглед дека не беше ограничен на едно, за многумина симболично, прашање и беше лишен од каква било поддршка од политичкиот естаблишмент или уважените коментатори.
Победата на Трамп предизвика вчудоневидување кај европската политичка класа, без разлика дали се работи за левиот или десниот центар. Кршењето на вкоренетите конвенции за имиграцијата е проблематично самото по себе. Можеби ЕУ имаше малку скрупули при затворањето на бегалците во Турција на Ердоган, земја со десетици илјади политички затвореници и полициска тортура во која е суспендирано она што вообичаено се нарекува владеење на правото. Истото важи и за одобрувачкиот став за бодликавата жица на северот од Грција, која бегалците би требало да ги држи заробени на Егејските острови. Единствената разлика е во тоа што ЕУ, почитувајќи ги обичаите на дипломатската скромност, никогаш отворено не ги славеше овие потези. Сепак, недостатокот на воздржаност на Трамп за овие прашања не е она што најмногу ги погаѓа европските државници. Причината за многу поголема грижа е неговото отфрлање на идеологијата за слободно движење на факторите за производство и уште повеќе и неговото, се чини, ноншалантно занемарување на НАТО, како и коментарите за ублажување на борбениот однос спрема Русија. Дали нешто од наведеното ќе биде повеќе од само обично позирање, како многуте ветувања поврзани со внатрешната политика, допрва ќе видиме. Но, неговиот избор искристализира една значајна разлика помеѓу бројните антисистемски движења од десницата или неодредениот центар, во однос на партиите од етаблираната левица, розева или зелена. Во Франција и Италија, движењата од десницата конзистентно им се спротивставуваа на новите политики од периодот на студената војна и воените авантури на кои им аплаудираа левите партии, вклучувајќи ги и нападот на Либија и санкциите за Русија.
Антисистемските потреси кои ги предизвика десницата со британскиот референдум и американските избори, проследени се со антисистемскиот подем на левицата (движењето на Берни Сандерс во САД и феноменот Корбин во Британија), помали според својот опсег, но уште повеќе неочекувани. Какви ќе бидат последиците од Брегзитот и победата на Трамп засега останува нејасно, но несомнено ќе бидат помали во однос на актуелните предвидувања. Воспоставениот поредок е далеку од пораз во која било земја и, како што покажува случајот на Грција, е способен со импресивна брзина да ги апсорбира и неутрализира бунтовите без разлика од која насока и да доаѓаат. Неговото тело веќе создаде антитела кои ќе го штитат, на пример, млади, популистички кадри (Алберт Ривера во Шпанија и Емануел Макрон во Франција) кои ги посочуваат слепите точки на системот и корупцијата и ветуваат почиста и подинамична политика и иднина, која ќе ги надмине ослабените партии.
За антисистемските движења од левицата во Европа, лекцијата од изминативе години е јасна. Ако не сакаат да заостануваат зад движењата од десницата, не можат да си дозволат да бидат помалку радикални во нападите на системот и мораат да бидат покохерентни во неговото оспорување. Тоа значи соочување со можноста дека ЕУ сега толку е зависна од изминатиот пат, што реформата за нејзината неолиберална конструкција веќе не е сериозно замислива. Таа би требало да биде расформирана пред да биде можно да се изгради нешто подобро, без разлика дали со бегство од сегашната ЕУ или со реконструкција на Европа на поинакви темели, со палење на договорот од Мастрихт. Освен во случај на понатамошна, подлабока економска криза, мала е веројатноста дека ќе видиме некое од тие сценарија.
1. Го користеле Имануел Волерстин, Џовани Ариги и други.
2. Интересна критика на денешната распространета употреба на терминот „популизам“ дава Г. М. Тамас. “The mistery of ‘populism’ finally unveiled”, opendemocracy.net, 24. february 2017
3. Robert Brenner, The Economics of Global Turbulence: the Advanced Capitalist Economies from Long Boom to Long Downturn 1945-2005, Verso, New York, 2006.
4. Raffaele Laudani, “Izgubljena oklada Mattea Renzija, Le Monde Diplomatique, hrvatsko izdanje, siječanj 2017.
Слики: Pat Perry
Извор: http://lemondediplomatique.hr/