Еднаш една жена

28.07.2017 11:11
Еднаш една жена

Еднаш, ќе имам жена.

И кога мојата жена ќе има една година, ќе ги следам, со испружени раце, нејзините први и несигурни чекори налик на нишање на чамец во бура, и ќе ѝ покажам како без страв да биде блиску до цвеќето, животните, луѓето. Ќе се пласкаме во брановите и ќе ја научам што е море. Веселата, мала и еластична фока ќе бара заклон во моите раце како во залив, ќе се качува по мојот грб како по остров.

Подоцна, мојата жена ќе се сврти кон книгите. Од миг во миг ќе го лекувам тоа чудно слепило кое ја спречува во буквите и зборовите да ги види стварите и настаните. Ќе ѝ ја подарам магичната моќ која прави од купот со мастило испишана хартија да може да се појават парк, огледало, убавица и ѕвер, страшни и величествени авантури, смеа и солзи. Потоа ќе ѝ ја водам раката по хартијата за да ја научам да ги црта дебелите и тенките линии кои се како мускули и коски на буквите.

Секоја ноќ мојата жена ќе спие крај мене, бидејќи постојат мрачни часови кога телото не трпи осаменост плашејќи се да не умре од болка.

Така мојата жена ќе дојде и ќе се намести во мојот живот како риба во аквариум, како лале во саксија. А со оглед дека мојот живот е богат и плоден, мојата жена нема да престане да расте со убавината, духот и мудроста. А јас ќе живеам сè порадостен со светот што таа го носи во себе.

Во почетокот мојата млада и затегната рака го водеше нејзиното кревко и полничко рамо. На крајот, мојата рака сува и пегава ќе се потпира врз нејзиното рамо цврсто и обло.

Превод: П. В.
Слика: Puuung

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото