Што ја чека Македонија?

28.07.2017 13:45
Што ја чека Македонија?

Трката е немилосрдна: кој прв ќе стаса до НАТО и до ЕУ, тој поставува услови. Ако Србија стане членка на ЕУ пред нас, и таа ќе има свои барања кон Македонија. За положбата на нејзините свештеници или за односот кон Албанците, на пример. Сиве овие години, Бугарија, како и Грција, имаа свои услови, а главниот беше околу интерпретацијата на историјата. Во моментот кога заглавивме во балканските националистички кавги и одбивме да се однесувааме европски, сè ни тргна надолу: отсечени од директното учество во работата на центрите на западната цивилизација, економски пропаднавме, а паднавме и на испитот по демократија и правна држава.

Членството во НАТО и во ЕУ е од егзистенцијално значење за Македонија, па, оттаму, секоја симната бариера на тој пат заслужува сесрдна поддршка. Поддршка, се разбира, заслужува и договорот со Бугарија. За жал, во нашата држава, неретко раководена од неуки и алчни политичари и сервилни интелектуалци, ниту еден битен компромис од времето на независноста па до денес, не можеше да биде производ на сопственото стратешко размислување способно да ја процени положбата на државата и да ги предвидат настаните. И, се разбира, да ги направат нужните компромиси. Сите наши тешки одлуки беа изнудувани под меѓународен притисок и прво се кршеа врз главите и џебовите на обичниот беден човек манипулиран од безобѕирни и лукративни елити со помош на најмоќната идеологија на нашево време – национализмот. Таквата политика не поминува во Европа, па најголемата казна за граѓаните на Македонија, за обичниот човек кој едвај составува крај со крај, е што повеќе од четврт век не сме дел од евроатлантските сојузи на мир, сигурност и на просперитет.

И повторно за жал, на сопствена кожа, или подобро, на кожата на обичниот човек, учевме дека второто име за меѓународнта политика е политика на моќ: под притисок да принудиш некој да стори нешто што инаку не би го сторил. Образовани политичари тоа го знаат, а чесни политичари тоа му го соопштуваат на народот. Така, како последица на двеиполдецениското влечкање на нозе во насока на евроатлантските интеграции, колку заради слободно пљачкосување толку заради обично неработење, но секако заради непосветеност на компромисот и демократијата, паднавме на ова дереџе. Дел од поведението кое нè клекна на колена е и тотално погрешната политика на антиквизација на нашата историја, како и одбивањето да ја погледнеме вистината во очи кога се работи за односите со Бугарија. Затоа, реализацијата на договорите со Грција и Бугарија и демократските реформи дома се, можеби, нашата последна шанса да опстанеме како демократска и правна држава со решени односи со соседите, дел од НАТО и од ЕУ.

Со договорот со Бугарија навреме се отклонува она што нè чекаше при приемот во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ – вето на нашето членство. Парадоксално, со Времената спогодба, Грција бараше да се дистанцираме од нејзината историја, поточно од нивниот антички македонски идентитет, додека со Спогодбата за добрососедство Бугарија бара да се доближиме до нејзиното минато признавајќи ја и славејќи ја заедничката историја.

На добар пат сме, со поддршка на западните демократии да го решиме овој проблем со нашите соседи. Меѓутоа, да не заборавиме дека самото решавање на еден проблем отвора нови проблеми. Проблемите кои се отвораат се премногу сериозни за да им бидат оставени само на политичарите: како нација и како држава мораме да ја демонстрираме својата животоспособност.

Извор: Плусинфо, 27.07.2017
Слики: Небојша Гелевски