Шефот на „Амазон“ бил во право цело време

31.07.2017 10:38
Шефот на „Амазон“ бил во право цело време

Скептиците кои не му веруваа на Џеф Безос, основачот на Amazon.com, поголемиот дел од последните две децении го поминаа правејќи од него страшило. Го опишуваа како „монополист“, „непријател на книжевноста број еден“, „озлогласен меѓународен избегнувач на данок“, невозможен, суров шеф – и повеќе од еднаш – „Лекс Лутор“. Неговата компанија главно се нарекуваше Amazon.con (што значи „измама“).

Но, еве нè, дваесет години откако „Амазон“ излезе на берзата и Безос е еден од оние луѓе што го променија нашиот начин на живот.

Тој го промени начинот на кој купуваме. Го промени начинот на кој компаниите ги користат компјутерите, на тој начин што релоцираше поголем дел од неговите информации и системи во облак (cloud). Дури и го промени начинот на интеракција со компјутерите со помош на глас: „Алекса!“

Го купи – и повторно го крена на нозе - Вашингтон пост, една од најголемите американски новинарски институции. А, преку својата аеронаутичка компанија Blue Origin вложи милијарди долари во трката за запознавање на вселената.

Дури и Ворен Бафет беше скептичен кога неколку години претходно го прашуваа за „Амазон“. „Бев премногу глупав и не сфаќав што ќе се случи“, призна минатиот месец. „Долго време му се воодушевував на Џеф. Но, не мислев дека ќе успее, сигурно не толку колку што успеа.“

Денес, „Амазон“ вреди 464 милијарди долари. Ако инвестиравте 10 000 долари дента кога се појаи на берзата, денес ќе имавте речиси 5 милиони долари.

Можеби најголемото изненадување во успехот на Безос беше тоа што успеа да пронајде инвеститори дури и кога „Амазон“ бил во црвено. Тоа не значи дека биле среќни заради начинот на кој Безос ја водел работата. Но, одвреме навреме ги изненадувал носејќи им профит, како да сакал да каже дека може да направи пари кога и да посака, но дека повеќе сака да ги вложи во иднината.

Повеќето директори се грижат како ќе изгледа следното тримесечје. Безос гледа што ќе се случи во наредните години.

„Ако сето тоа што го правиш треба да функционира за најмногу три години, тогаш имаш голема конкуренција“, рече Безос за списанието Wired во 2011 година. „Но, ако сте подготвени да инвестирате во нешто што е на хоризонтот за следните седум години, имате конкуренција која не е премногу силна, зашто малку компании го прават тоа“.

Безос секогаш бил отворен кога станува збор за амбиции и дологорочни планови. „Заради својата насока донесуваме одлуки кои се различни од некои компании“, напиша во првото писмо до акционерите, 1997 година. „Не сме толку одважни да речеме дека ова е вистинската филозофија на инвестирањето, но таа е наша“.

Безос имаше и грешки – се сеќавате кога се обиде да влезе на пазарот со мобилни телефони? – но, често успеваше.

Дали Безос е лесен шеф? Тешко. Бара многу. Но, тешко е да се поверува дека „Амазон“ би бил толку креативен ако тој е брутален и професионален уништувач на души и сништа.

Како писател, би требало да го мразам Безос. Најпосле, тој изврши притисок на издавачите, им ги намали маржите и практично ги одведе старите книжари во пропаст.

Но, да се заземе таков став би значело да се промаши што значи иновација. Таа ги руши постоечките индустрии.

„'Амазон' не ѝ се случува на продажбата на книги“, рече Безос во интервју со Чарли Роуз на телевизија. „На продажбата на книги ѝ се случува иднината.“

А, иднината сега им се случува на продавниците и дури на супермаркетите – што е следна цел на Безос. Иднината им се случува и на компјутерите и на компаниите.

Безос има карактеристична насмевка; побарајте го на Youtube. И денес има потполно право да се смее.

Извор: New York Times

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото