Реакции по инцидентот на НАТО изложбата на оружје

31.07.2017 12:07
Реакции по инцидентот на НАТО изложбата на оружје

 

Здравко Савески
Вака ќе ја враќате демократијата!?

Вечерва на НАТО изложбата на оружјето за насилство во центарот на Скопје 4 демонстранти беа приведени од полицијата поради истакнување транспарент на кој пишуваше "против војна за профити" со изговор дека било говор на омраза!? Сега се пуштени.
Јас сум едноставно фрапиран! Па за истакнување транспарент ниту за време на ДПМНЕ не се приведуваше!!! СДСМ, вака ќе ја враќате демократијата!? Која бламажа невидена!


Павле Богоевски
Очекувам одговорност

Партијата Левица предмалку извести дека четири нејзини членови биле приведени при манифестирање на мирен протест попладнево против насилство и милитаризација, откако претходно во центарот беше најавна презентација на воена опрема на САД и на АРМ. Демонстрантите кај ГТЦ сакале да истакнат транспарент „Против војната за профити!”
Невладината Civil MK објави видео на кое се гледа како полициски службеник издава наредба на групата да се разотиде, по што применува сила врз еден од учесниците во акцијата.
Истовремено, МВР објави дека лицата биле само евидентирани, а функционери и членови на Левица веќе гласно трагаат по политичка одговорност на социјалните мрежи.
Неколку работи треба да се разјаснат околу овој случај:
1. Истакнувањето на транспарент на јавна површина не е и не смее да се третира како противправно дејство против кое полицијата треба да реагира. Освен, доколку самиот транспарент не содржи отворен говор на омраза или повик за насилство. Тоа значи, дека наредбата за разидување е целосно неоснована;
2. Во НИКОЈ случај полицијата не смее да примени сила врз демонстрантот кој ненасилно го практикува своето право на протест;
3. За да некој биде приведен, треба пред се' да биде однесен во полициска станица, т.е. да биде „уапсен'. Колку што мене ми е познато, ниту еден член на Левица не бил спроведен до полициска станица, ниту му била ограничена слободата на движење. Биле легитимирани на местото на настанот и пуштени да си одат;
4. Политичката одговорност треба да стапи на сцена откако институционалната ќе затаи;
5. Во моментов, Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди (СВКПС) спроведува истрага.
Кај претходната власт, најголемиот проблем беше што граѓаните беа незаштитени пред нејзината моќ. СВКПС, Обвинителството, Судовите... Сите беа само инструменти за прикривање на нивните дела.
Очекувам одговорност за полицискиот службеник кој неосновано примени сила, како и кај тој кој ја издаде наредбата за разбивање на групата. Доколку тоа не биде исходот на истрагата на СВКПС, тогаш можеме да бараме политичка одговорност.
Секое друго извртување на фактите и насочување на вниманието на јавноста во погрешен правец пред да бидат готови резултатите од интерната истрага, укажува на елементарно непознавање на полициските прописи и/или свесно популистичко дејствување од страна на вонпарламентарна партија која се бори за парче публицитет. Најискрено, не знам што е полошо.


Здравко Савески
Да, памтам, Павле!

Да, памтам, Павле, како протестиравме заедно за правото на мирен протест и слобода на изразувањето. Памтам и како висев до ниедно доба пред полициската станица кога те приведоа. И памтам како Курир и компанија го релативизираше твоето приведување. Наоѓаа изговори зошто тоа било оправдано, дека „веднаш“ си бил ослободен и слично.

Не си долго од другата страна. Провладин пратеник си само 2 месеци. Што ли ќе кажуваш за 2-3 години ако само по 2 месеци заборави колку е важна одредбата од Уставот за правото на мирен протест?

Жанета Трајкоска
Мал совет за кризно комуницирање

Мал совет за кризно комуницирање: кога сте зезнале работа, кога ве има на снимка, кога јавноста од прва е будна и ве критикува, кога и на видео и пред сведоци сте попречиле МИРЕН протест и сте ставиле ЛИСИЦИ на рацете на протестантите и со тоа сте им го ПРЕКИНАЛЕ протестот... тогаш, дечки, БРЗО, ИТНО и ИСКРЕНО ПРИЗНАВАТЕ дека сте ПОГРЕШИЛЕ и ВЕДНАШ кажувате кој, зошто, како и накој начин погрешил и ШТО СЕ ПРЕЗЕЛО, за да НЕ СЕ ПОВТОРИ.
Така "ја убивате" приказната, брзо ја затворате и добивате КРЕДИБИЛИТЕТ И ДОВЕРБА кај ЈАВНОСТА, оти јавноста знае дека тој што работи и греши, а вие плус и сте биле доблесни да кажете дека сте згрешиле.
Ама... АМА тоа е ако размислувате малце поинаку од претходните 25 години владеење во Македонија. Вакви евтини бла бла спинчиња и наивни соопштенија во кои се тврди дека сме го утнале полицискиот речник па немало приведување, туку само легитимирање со ЛИСИЦИ на раце, не ви минуваат. Дали е легитимирање, приведување, лисици, непристојно однесување, факт е дека ПОЛИЦИЈАТА ГО ПРЕКИНА ПРОТЕСТОТ, а тоа е нарушување на уставното право на секој граѓанин на РМ.
Опрајте се, ПОКАЖЕТЕ РАЗЛИКА и ДОБЛЕСТ... оти ќе грешите и понатаму и нема да може да лажете нон стоп. Се сеќавате ли, до неодамна имавме едни такви.
Утре ВМРО ќе протестира и има право, и левица.. и десница... и новинари... и историчари... и невладини... и анти НАТО и про ЕУ... и марсовци да слезат... НЕ ГО ГАЗЕТЕ УСТАВОТ на РМ.


Мирјана Најчевска
Мирните протести се суштински елемент на демократијата

1. Никако не смее да биде ограничено правото на протест.
2. Приведувањето во полициска станица заради легитимирање е само лош изговор за отстранување на протестантите.
3. И јас сум многу против прикажување на оружје на плоштадите низ земјата и промоција на воена моќ па уште на странска држава. На што личи ова? Војници во полна воена опрема и тенкови под полно вооружување? Срамно и јадно. Тој што го дозволил малку да се чукне со прст по глава. Сте виделе вакво нешто во некоја друга држава? А да донесевте и деца од градинките и основните училишта малку да се промешаат меѓу оружјето?

Уранија Пировска
Ни треба категоричен рез

Мислам дека на сите ни е јасно дека со промена на власта односно менување на раководствата во институциите и државните органи, нема експресно да се случи ослободувањето на институциите. Тоа ќе се случи кога ќе се направи категоричен рез на постоечката пракса и менување на менталитетот на државните службеници кои конечно треба да сфатат дека постојат и се платени за и од граѓаните, а не обратно. Ова особено се однесува на полицијата која години наназад беше главниот инструмент за штитење на интересите на партијата на власт и нејзините функционери и соучесник во голем број на кривични дела. Попречувањето на слободите и правата на граѓаните за време на мирен протест беше еден од симптомите на режимот со кој брутално се соочувавме во нашата борба. Довербата во полицијата е изгубена и нејзиното враќање може да се случи само доколку навистина се започне со санкционирање на пречекорувањата на овластувањата на полициските службеници при вршењето на нивните дејствија.Тоа се однесува и на дејствијата што значат попречување на слободите и правата на граѓаните. Очекувам министерството за внатрешни работи сериозно да се зафати со случајот и да ја утврди одговорноста на полициските службеници инволвирани во настанот. Притоа, сметам за потребно да укажам дека доколку случајот се третира “козметички“, нема да остане незабележано со оглед дека ќе се рефлектира во понатамошното постапување и дејствување на полицијата. Мора да постои сериозна и вистинска волја да се смени културата на пресија кон секој што има спротивно мислење од она на власта. Да не заборавиме, тоа беше карактеристика на режимот против кој заедно се боревме. Не верувам веќе во декларативни изјави за волја за справување со незаконитостите, зашто многу пати сме го гледале тој филм и верувањето нè доведе до дното. Бескомпромисноста во борбата против сите остатоци на режимот во институциите мора да се прикаже низ соодветни постапки и соодветни санкции, за сите повреди и попречувања на човековите права во земјата.


Бранко Тричковски
Протести

Протестите на левите антиратни мускетари (комада четири, колку што разбрав) под паролата "против војната за профити", е бесмислена, позерска, кичерајска, имитаторска, ослободена од реалните контексти манифестација, повеќе парада за протестантите отколку против американското присуство и војната за профити, со неа можат да се споредат протестите на кучињата против појавата на полната месечина, тоа е како да протестирате против пожарникарите кои дошле да го угасат пожарот во вашата куќа, огнот што сте го предизвикале со незгаснати опушоци и рингли вклучени на деветка, во услови на тотално пијанство. Тоа е како на Моника Белучи која ви се соблекла гола од ормарот да ѝ извадите транспаренти со пароли против вонбрачниот секс. Башка што сите војни се за профити, нема војни за слобода.
Но, се разбира дека го поддржувам нивното право на протест. Протестирам, еве тука на фејсбук, против војните и против акцијата на полицијата, дури и против легитимирањето: кој кур има да легитимира мирни протестанти кога не е во состојба да прибере тешки криминалци, судии и обвинители бандити и пратеници убијци!
Но, не против присуството на американските војници во Македонија, разбира се!


Слики: Adhika Rahmani
Извор на реакциите: Фејсбук 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото