Должнички амбис од 363 милиони евра!

01.08.2017 09:57
Должнички амбис од 363 милиони евра!

Добро е што Министерството за финансии одлучи да ја зголеми транспарентноста во јавните финансии, отвореноста е добредојдена, но потребна е детална анализа на структурата на долгот од повеќе аспекти – анализа која е потребна за да се направи стратегија како тој долг ќе се враќа – коментираат дел од економистите.

„Евидентираниот долг е сумиран износ и нема аналитички квалитет што може да се добие од неговата структура. Ова пред сè во смисла дали се работи за долг кој не е доспеан (не е пробиен валутниот рок за плаќање), во однос на долговите за кои е пробиен валутниот рок за плаќање, потоа дали долгот е стар, повеќегодишен или краткорочен, односно дали истиот е застарен, дали се водат судски спорови околу долговите“ – коментира за Portalb.mk економистот Павле Гацов кој смета дека за почеток државата ќе мора да ја анализира правната структура на секоја поединечна обврска.

Мора да се направи разграничување меѓу доспеаните и недоспеани обврски, велат економистите од „Фајнанс тинк“.

„Фискалната транспарентност е процес кој треба постојано да се надградува. Во таа насока, Министерството за финансии треба да продолжи во насока на објавување на износот на достасани, а неисплатени обврски, како редовен податок кој може да се публикува со состојба на крајот од секој месец. За разјаснување на состојбата со јавните финансии, министерот на почетокот на својот мандат, треба да одговори на неколку клучни прашања за јавните финансии и економијата, воопшто: Износот на достасани, а неизмирени обврски на државата кон своите доверители останува непознат. Доколку вакви обврски постојат, и особено доколку тие се големи, тогаш министерот мора веднаш да предложи план за нивното измирување, а притоа ефектот врз буџетската каса да не биде ударен.“ – велат од Институтот за економски истражувања и политики.

По повеќе години поминати во шпекулации и лицитации со суми за тоа колку изнесуваат државните долгови кон приватниот сектор, ова е првпат ресорното министерство да објави првични информации. Оттаму велат дека во оваа фаза, целта е да се информира јавноста дека постојат обврски кои се на некој начин скриени, а сега се укажува дека постојат.

„Ова е првпат да биде целосно транспарентно кон јавноста за оваа тема. На прес – конференцијата беа презентирани податоци коишто Министерството за финансии ги доби од буџетските корисници, фондови, ЈП и општини. Ова не се изворни податоци на Министерството за финансии и тие беа добиени во агрегирана форма, затоа е најдобро за сите детали да се обратите до секоја поединечна институција. Со цел сите овие информации да ги имаме во реално време, Министреството за финансии започна да се подготвува за надградба на софтверот“ – велат за Portalb.mk од Министерството за финасии.

СО КОИ ПАРИ ЌЕ СЕ ВРАЌААТ ДОЛГОВИТЕ?

Фазата на сублимирање и оценување на долговите ќе заврши – она што ќе биде важно во периодот што следува е со кои пари ќе се подмируваат обврските, коментираат економистите. Министерството за финансии најави дека се размислува за можен договор со Светска банка.

„Во моментов се договара со Светска банка проект за справување со овие обврски и развивање на механизми за нивно спречување во иднина“ – велат од ресорното министерство.

Дел од експертите што ги консултиравме велат дека освен со поволни кредити, „чистењето“ може да се спроведе и со други механизми-како што е отпис на долгови, но оваа операција е комплексна и ќе зависи од повеќе фактори, меѓу кои и староста на долговите, но и согласноста на доверителите.

Според пресметките на Фајнанс Тинк, а во однос на објавените податоци од ресорното министерство, долгот од 363,2 милиони евра изнесува 3,5% од БДП и 7,7% од јавниот долг. Најголем дел од износот на неплатени обврски отпаѓа на централниот буџет и на јавните претпријатија.

Според објавите од Министерството за финансии, фондовите, јавните претпријатија, општините, министерствата, должат вкупно 363 милиони евра по различни основи, но во оваа сума влегуваат и тековни долгови на некои фирми кои не се доспеани за наплата. Токму за ова регираше и државната Елем од каде посочија дека тие како компанија немаат заостанати долгови, туку дека се работи за обврски кои допрва треба да се отплаќаат. Според информациите од ресорното министерство, најголем дел од овие стотици милиони евра се по основ на доспеани а неплатени обврски. Од општините, најголем должник е Охрид со долг од 11,5 милиони евра, следува општина Тетово, со долг од 8 милиони евра, а општина Карпош со која раководи Стевчо Јакимовски по различни основи должи 7,7 милиони евра. По дејности, како најголем должник се институциите од културата со обврски од 40 милиони евра.

Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, имплементиран од Метаморфозис. Написот e овозможен со поддршка на американската непрофитна фондација (NED - National Endowment for Democracy) и Балканскиот фонд за демократија, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД (BTD – The Balkan Trust for Democracy, a project of the German Marshall Fund of the United States), иницијатива која поддржува демократија, добро владеење и евро-атлантски интеграции во Југо-источна Европа. Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, National Endowment for Democracy, The Balkan Trust for Democracy, проект на Германскиот Маршалов фонд на САД, или нивните партнери.

Инсталации на сликите: Isaac Cordal