Трла баба лан

01.08.2017 14:00
Трла баба лан

Пред некој ден прочитав еден навидум реторички наслов (или не?) кој се/нè прашува „Зошто Мазев, Хаџи Бошков, Куновски… немаат свој музеј“. И сега, наслов како наслов, треба да привлече внимание, и привлекува, ама не е сè до насловот, нели? Зашто ако во натамошниот текст читате дека „Холандија го има Ван Гог, Шпанија го има Пикасо, Франција го има Роден, Америка го има Џексон Полог…“ и така натаму, гледате дека ѓаволот ја однел шегата и дека ова сака да пледира на сериозност. Иако почнува прилично дилетантски, зашто да споредувате локални македонски уметници со светски имиња од форматот на Ван Гог и Пикасо, а особено нивните музеи кои на државите од туризмот им носат мали богатства, е доволно дилетантски за да не продолжите со читањето. Зашто, потоа може да ве дочека и нешто како: „а зошто ние немаме наш Лувр?“ и тогаш престанува секој муабет.

Но, нели сме демократија и секој може да постави прашање? Се разбира. А не дека прашањето, онака формално, не е интригантно. Иако, онака суштински, може да биде и иритантно, зашто често македонската самобендисаност во одделни мигови навистина умее да ги премине границите на пристојноста. Сепак, да не претеруваме: Мазев, Хаџи Бошков, Куновски… не се ни близу посочените светски имиња и нивното ставање во такви контексти може да заличи на шега, подбивање, па и нешто полошо. А тоа навистина не ни треба, барем не со нив! За подбив имаме стотици поприкладни теми и личности. Зашто, барем првите двајца, се големоформатни македонски уметници кои многукратно ја задолжиле македонската култура и уметност за да така евтино им ги влечкаме имињата по весници!

Да, и ова звучи сосема спротивно на претходно реченото, ама не е. Ќе објаснам. Но, повторно, нивното споредување со Ван Гог, Пикасо, па Мазев со Полок… извинете, ама тоа е комплетно идиотски! Понатаму, неодамна од печат излезе една монографија за Никола Мартиноски каде се вели дека „Никола Мартиноски е несомнено најголемиот и најважниот македонски уметник на дваесеттиот век“. Ако е ова точно, иако не е, тогаш оваа држава го одолжила својот долг кон нејзиниот „најголем и најважен уметник“, нејзиниот „Ван Гог“ и можеби „Пикасо“ отворајќи му го музејот/галеријата во Крушево уште пред многу децении! Со други зборови – имаме пандан на нашиот „најголем и најважен уметник“ со најголемите и најважните уметници на спомнатине држави (иако тие никогаш не би дале таква квалификација ни за Ван Гог, ниту за Пикасо!). Згора на сè, еве со години веќе го отвораме и музејот/куќата на вториот по ред „најголем и најважен уметник“ (што повторно не е точно!) кај нас: Лазар Личеноски. Тоа, пак, ама баш ич не ни требаше, но кога политиката и „стручњаци“ од типот на разноразни галички дебели врски ќе запнат – уметноста потклекнува. Зашто, Личеноски, лично и персонално, а особено творечки, не е ни блиску до Мартински, а за Ван Гог и Пикасо да не правиме муабет. Ама, повторно, кога одредени „сили“ ќе запнат, особено со државни пари, нештата редовно одат во погрешна насока! И, да не заборавам: целосно иста е постапката и со лоцирањето на т.н. музеј, или поставка, или што и да е, на Кираца Висулчева во Ресен. Прво решаваше политиката и разноразни политиканти во културата, а потоа државата мораше да бара чаре! И кога веќе ги спомнувам постојните македонски примери, не оди да не ги спомнам двата случаи каде соработката уметник-држава профункционирала на задоволителен начин. Тоа се поставките на Љубомир Белогаски и Родољуб Анастасов во Музејот на град Скопје како единствени – или едни од малкуте – примери на добра кооперативност и резултат (за наши услови!). Ама во овие два случаи никој од „државата“ не барал да му отвори музеј, туку го понудиле сопственото творештво на една институција, под одредени услови, се разбира. И дошло до соработка.

Инаку, колку да се знае, легатот на Љубомир Белогаски – зашто таков вид „подарок“, под одредени услови, правно се нарекува легат – прво бил понуден во тогашната „Уметничка галерија – Скопје“, но уметникот бил – одбиен. Бил одбиен од „стручњак“ кој денес успеа на државата да ѝ го смести музејот/куќата на Личеноски, небаре ние треба вечно да му бидеме благодарни. Ама, како велат, дури има овци, ќе има и волна!

Затоа, ваквите муабети, безмалу тотално непромислени и депласирани, а доаѓаат од луѓе кои веќе не знаат што да прават со себе и своето слободно време, заличуваат на некакви бапски средби сретсело, или на песнана од Корнелие Ковач! Ние, де факто, да сме паметни, би ги затвориле – барем на две-три години – и постојните музеи кои што се бават со модерна и современа уметност. Зошто? Затоа што, прво, не умеат да ги чуваат делата за коишто се надлежни, не знаат да ги промовираат вистинските вредности во македонската визуелна уметност и, најважно, нам ни пропаѓа, онака пред очи, вредно културно наследство од форматот на едно Курбиново, Матејче, Нерези и слично. А ние ќе се бавиме со музеи на Мазев, Хаџи Бошков и Куновски? Ма дајте, ве молам!

Но, не дека темата не е интересна колку да си ги чешаме прстите од тастатурата, ама е плитка, очајно плитка. А за тоа – следниот пат!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Nikolay Tolmachev

Слични содржини

Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Култура
Став / Уметност

ОкоБоли главаВицФото