Жана Моро – икона на францускиот филм

02.08.2017 11:57
Жан Моро – икона на францускиот филм

По смртта на Жана Моро, најпозната како актерката со рапав глас, која почина на 89-годишна возраст, завчера во својот дом во Париз, светот се потсетува зошто со право беше наречена легенда на францускиот и на светскиот филм, која славниот Орсон Велс еднаш ја опиша како „најдобрата актерка на светот“.

Таа беше икона на француската кинематографија, заштитен знак на филмовите на Луј Мал и Франсоа Трифо.

Жана Моро и Жан-Марк Бори, сцена од филмот „Љубовници“ (1958)

Жана Моро го одбележа периодот на новиот бран во францускиот филм, имаше уникатен глас, несекојдневна убавина и посебен шарм. Таа беше пионер во борбата за ослободување на жените во време кога кинематографијата само што почнуваше да се занимава со проблемите и темите на жените.

Публиката ќе се сеќава на неа по исклучителните улоги во филмовите како што се „Љубовници“, „Модерато кантабиле“, „Жил и Џим“, „Процес“, „Вечер“, „Ева“, „Вива Марија“, „Дневникот на една собарка“, „Невестата беше облечена во црно“, „Малиот театар на Жан Реноар“...

Жана Моро и Коко Шанел, 1960

За време на долгата 65-годишна кариера одигра улоги во дури 130 филмови. Таа е режисер на два филма - „Светлина“ (1976), во кој и глуми и „Адолесцентка“ (1979). Но, ќе биде запаметена и како уникатна пејачка.

Жана Моро и Мајлс Дејвис

Жана Моро е родена на 23 јануари 1928 година во Париз. Нејзиниот татко бил сопственик на бистро во улицата „Фонтен“ во Париз, а мајка ѝ била Британка, танчарка. Дел од детството го поминала во Виши, средно училиште завршила во Париз, а потоа и покрај противењето на родителите, се запишала на часови по глума.

Кариерата ја започнала во 1946 година во „Комеди франсез“, каде што ја има првата помала улога, додека следната година на фестивалот во Авињон игра три улоги. Првото појавување на филм го има во „Минатата љубов“ на режисерот Жан Стели во 1949 година.

Жана Моро има освоено бројни награди, вклучувајќи ја и „Цезар“ во 1992 година за улогата во „Старицата која одеше во морето“, по што доби две почесни награди „Цезар“ во 1995 и во 2008 година. Во 1998 година доби Оскар за животно дело. Во Академијата на убавите уметности на Франција беше примена во 2000 година.

Првпат се омажи во 1949 година, со францускиот режисер Жан-Луј Ричард. Нивниот син Жером е роден еден ден по свадбата. Втор пат се омажи за американскиот режисер Вилијам Фридкин. Беше фатална жена на големиот екран, а самата призна дека и во животот имала заведено многу мажи, но само оние кои имале талент. Се зборува дека меѓу нив биле Кирк Даглас, Марчело Мастројани, Берт Ланкасер, Ли Марвин, Саша Дистел и Пјер Карден.

Фотографија на Жана Моро во 1960-тите

Голема е и идејата и самото присуство на Жана Моро на екранот, бидејќи во нејзините изведби таа ги отелотвори идеите: таа беше голема дама без гордост и предрасуди. Нејзината големина не подигна ѕидови околу неа; ги ширеше своите хоризонти, ја зголеми нејзината љубопитност, ги овозможи нејзините авантури и надминувањето на тесните граници. Беше кралица на интелектот, но не на интелект затворен во книгите, таа ги сакаше идеите и идеалот на култура што се збогатува со искуството, што предвидува напредок.

ОкоБоли главаВицФото