Силно светнал ден!

03.08.2017 09:31
Силно светнал ден!

Од предавство до триумф се протегаат коментарите на социјалните мрежи по повод договорот за добрососедство со Бугарија и заедничкото празнување на Илинден. Но, дури и во светлото на тие разлики и мрачни претскажувања и закани, ретко кој може да го негира фактот дека присуствувавме на најзначајното, храбро и најдостоинствено празнување на Илинден, од осамостојувањето на Македонија до денес.

Затоа е денес посебен ден, во секој поглед и по многу нешта. Од церемонијалот на заедничко положување венци на гробот на Гоце Делчев, до извонредно свежиот, модерен и историски релевантен говор на господинот Талат Џафери, кој се повика на Крушевскиот манифест и на неговите универзални пораки за соработка, соживот и човекови права, нагласувјќи ја важноста на моментот за нивно вистинско остварување. Не беше тоа протоколарна прослава со формални, патетични говори, на кои се гаси телевизорот, туку таква која длабоко исполнува, создавајќи ретко чувство на гордост, во која секој може да се препознае и да стане дел од еден историски момент. А убаво е, и несекојдневно чувството на гордост, на овие простори.

И во такво свечено расположение, не случајно се сеќавам на мајка ми, Веселинка Малинска, жена делегат на првото заседание на АСНОМ, и тоа токму на 100-тата годишнина од нејзиното раѓање (1917). За тогаш, во 44-та со само 27 години, по крввата војна, да заслужи да биде на тоа место. Жената за која човековите права, и правата на жената беа животно кредо. Помислувам каков само празник за неа би било тоа, кога би можела да го види ова и вакво празнување на Илинден. Би го доживеала како остварување на сите заложби на АСНОМ, за модерна, мултикултурна, автономна и поправедна Македонија. И од оваа историска дистанца, со изминати 73 и 114 години, не можам а да не си помислам колку бавно и мачно се придвижуваат работите кон нештата што толку многу ни значат. Колку тешко се градат условите за остварување на вековните идеали и визии за просперитет и развој, а колку истите, лесно можат да се срушат и уништат. И затоа е толку исклучителен овој Илинден, на чие празнување денес бевме сведоци.

Не можам, по истиот повод, на овој и ваков Илинден, да не си спомнам и за татко ми, Димитар Ќостаров, роден Бугарин, кој 2/3 од својот живот го проживеа во Македонија, работејќи, создавајќи и вложувајќи во оваа земја, во Република Македонија. Човекот кој од мали нозе нè „зарази“ со поезијата на Блаже Конески, откривајќи ни ја како непресушен извор на моќта на македонскиот збор. Бугарин вљубен во македонскиот говорен и литературен израз. И не запираше тука. Следеа Пушкин, Чехов, Достоевски, светските класици, поставени за првпат на македонски јазик на македонската театарска сцена... За никогаш од него да не слушнеме дека не сме Македонци, или дека нашиот јазик не е македонски... А не дека нему му било лесно, и не дека секогаш се чувствувал како дома, во оваа средина. Но ние, неговите деца, никогаш не го почувствувавме тоа, така. Неговата борба за вистината (во уметноста), во оваа не секогаш гостопримлива земја, со чудни луѓе, до крајот остана длабоко негова и лична. Ех, колку тој би бил среќен на денешниов ден. Тешко можам и да си ја замислам возбудата и восхитот што би ги почувствувал да беше тука. Би било премногу тешко и трогателно да се доживее тоа.

А јас? Што уште можам да кажам! Јас немам бугарски пасош. Можев, ама немам. Не дека не сум размислувала за своето (татковско) право. Но, не го направив тој чекор. Не сакав, или можеби не бев „принудена“ да го направам. И не сакав на тој начин, откажувајќи се (макар и формално) од сè она друго, на кое силно чувствував дека му припаѓам.

Но, затоа знам дека токму денес, со овој светол, празничен Илинден, како да се затвора едно мачно поглавје од нашата историја. Гледам повеќе отворени врати, гледам нови можности со кои нема да има потреба од туѓи идентитети, принудни заминувања и бегства. Гледам на тоа како на јасен знак дека веќе никому нема да му треба да биде некој друг, само за да се почувствува еднаков, задоволен и горд. И затоа е овој Илинден толку исклучителен за сите нас.

Постери: Зоран Кардула