Хрватската влада даде интервентни 540.000 евра за спас на издавачките куќи и книжарниците

04.08.2017 10:17
Хрватската влада даде половина милион евра за спас на издавачките куќи и книжарниците

Министерствата за економија и за култура на Република Хрватска обезбедија 4 милиони куни или 540.000 евра за програмата за претприемништво во културата, во областа на издаваштвото и книжарниците за 2017 година.

Се работи за ад-хок мерка за да се санираат последиците од пропаѓањето на ланецот книжарници „Алгоритам“, зад кој останаа огромни долгови кон издавачите и книжарниците, уште поголеми потешкотии во работењето на печатниците и се предизвика затворање на многу книжарници.

Со половина милион евра ќе се финансираат 45 проекти, а од оваа сума околу 182.000 евра ќе се издвојат за трошоци за уредување на книжарниците, меѓу другото за реновирање на постоечките книжарници во Загреб и Осиек, антикварниците „Ex Libris“ и „Мали небодер“ во Риека, отварање нови книжарници во Бјеловар и Загреб, набавка на нова опрема за книжарницата во Вараждин, како и за формирање патувачка книжарница.

За зачувување на работните места во книжарниците обезбедени се околу 125.000 евра, а за отворање на интернет страници на издавачките куќи и книжарници, за што владее огромен интерес, хрватската влада ќе издвои повеќе од 160.000 евра. Зза маркетинг во издаваштвото и книжарниците ќе бидат дадени околу 68.000 евра.

Претседателот на здружението на издавачите и книжарниците, Мишо Нејашмиќ, вели дека до крајот на јули 90 отсто од капацитетите на книжарниците кои до пред два месеци беа затворени заради пропаѓањето на „Алгоритам“, повторно ќе бидат во функција.

„Државните институции проактивно тргнаа кон книгата, така што, на крајот, оваа криза може да го пренасочи правецот кон позитивни резултати. Благодарение на овие средства, а се надевам и благодарение на скорешното донесување национална стратегија за поттикнување на читањето, и ако се постигне целата земја да биде покриена со мрежа на книжарници, може да очекуваме многу постабилна ситуација во секторот на издаваштвото.“

За споредба, изминативе десетина години во Македонија пропадна книжарницата „Табернакул“, култната книжарница на „Или – Или“ беше избркана од просторот „Мала станица“, галерија во државна сопственост, а државата, преку Министерството за култура, се претвори во најголем издавач, главен уредник на илјадници книги во Македонија, трошејќи повеќе десетици милиони евра за неквалитетни и непотребни изданија и преводи, а се формираа и специјални издавачки куќи преку кои по тендерски пат се испумпуваа неброени милиони евра. Издавачите кои беа „политички неподобни“, иако нудеа квалитетни проекти на конкурсот на Министерството за култура, беа одбивани без образложение или им беа одобрувани по едно или две изданија, како алиби, со што практично во земјата беше уништено независното издаваштво.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото