Палестина – вечната криза без решение?

05.08.2017 01:13
Палестина – вечната криза без решение?

Кон крајот на април 2017 одреден број републикански претставници во американскиот Конгрес ја формираа групата Israel Victory. „Веруваме дека Израел победува во оваа војна и сметаме дека тој факт треба да биде признаен со цел постигнување мир помеѓу Израел и неговите соседи“, тврдат тие. Универзитетскиот професор и еден од членовите на групата, Даниел Пајпс, објаснува дека „победата значи наметнување на својата волја на непријателот“. Истовремено, повеќе стотици палестински политички затвореници започнаа штрајк со глад, на повик на најпознатиот меѓу нив, Марван Баргути. Тоа беше начин јасно да порачаат: отпорот продолжува, а илузиите за конечен пораз уште еднаш ќе се распрснат. Зашто, ова не е првпат Израел и неговите сојузници да фантазираат за капитулација, односно за исчезнување на Палестинците.

„Бегалците ќе го најдат своето место во дијаспората. Согласно со природната селекција, некои ќе преживеат, а некои не (...) Повеќето ќе станат талог на човечкиот род, претопувајќи се со најсиромашните слоеви од арапскиот свет“. Моше Шарет, влијателниот ционистички лабурист и иден израелски премиер, така ја гледаше иднината на 700 000 Палестинци протерани од своите домови по израелско-арапската војна 1948-1949 година.

Тогаш Палестинците претрпеа тежок пораз; територијата предвидена за создавање палестинска држава според одлуката на ОН изгласана на 29 ноември 1947 година, е поделена на три дела. Еден дел го освои Израел, Западниот брег и Источен Ерусалим се споија со Хашемитското Кралство Јордан, а малата територија Газа потпадна под египетска контрола, со задржување ограничена автономија. Палестинските политички институции беа во распад, а на земјата ѝ недостасуваше политичко водство.

На оваа катастрофа (накба на арапски) ѝ претходеше уште еден пораз: гушење на големото палестинско востание кое траеше од 1936 до 1939 година. Се работеше за воено и цивилно востание со кое се бараше крај на британското присуство и еврејската имиграција. Овој бунт го прекинаа трупите на Нејзиното Височество, потпомогнати од ционистичките паравојски кои во тие борби стекнаа искуство и оружје (испратено од Лондон) потребно за идната победа над арапските војски 1948 и 1949 година.

Протерани во шатори во соседните земји или живеејќи под израелска окупација се чинеше дека на Палестинците им е судено да исчезнат, токму како што предвиде Шарет. Изгледаше дека судбината ќе им биде слична со онаа на северноамериканските Индијанци или другите „автохтони“ народи истребени за време на освојувањето на Северна Америка, Австралија или Нов Зеланд. Најпосле, Палестинците зборуваат ист јазик, споделуваат иста култура, а често и религија, со народите на чии простори се протерани, па беше очекувано да се претопат во пошироката арапска околина.

Првиот чин на бунт

Израел ги обвинуваше арапските држави за отежнување на асимилацијата и интеграцијата на бегалците. Но, впрочем Палестинците ги одбиваа сите обиди за нивно трајно населување во државите кои ги примиле, што беше нивниот прв чин на бунт. На почетокот дури одбиваа градење цврсти градби во камповите во кои беа населени. Кога во јули 1953 година во Газа, новата египетска власт на „слободни офицери“ предводена од Гамал Адбел Насер потпиша договор со УНРВА, кој предвидуваше сместување десетици илјади бегалци на Синајскиот полуостров, Палестинците одговорија на таа идеја со насилни протести. Враќањето дома и натаму остана единствениот сон.

Израелскиот антивоен активист Ури Аверни го прераскажа разговорт кој како војник го водел за време на првата израелска окупација на Газа во војната 1956 година: „Прашав едно арапско дете кое живееше до бегалскиот камп од каде е. Одговори: 'Од ал-Кубаб'. Бев шокиран од одговорот зашто детето имаше седум години. Тоа значи дека е родено во Газа по војната, а ал-Кубаб, кој одамна не постои, никогаш не го видел“. Шеесет години подоцна, кога повеќето Палестинци се родени во егзил, одговорите на децата и возрасните се исти: тие му припаѓаат на селото од кое е протерано нивното семејство. Ционистичкото движење, кое од молитвата „догодина во Ерусалим“ создаде своја политичка парола, би требало да може да ја разбере оваа поврзаност.

По накбата, токму таа одлучност беше подлога за создавање на палестинското национално движење. Регионалниот контекст многу придонесе за тоа. Создавањето на Израел го потресе Блискиот исток и го забрза падот на арапските прозападни режими. Сведочевме за подемот на Насер на власт во Египет 1952 година, подемот на револуционерниот национализам во целиот регион и падот на монархијата во Ирак 1958 година. Ова вриење, како и ривалствата помеѓу арапските држави кои се натпреваруваа која прва ќе му се освети на Израел, го олеснија создавањето на Палестинската ослободителна организација (ПЛО) во 1964 година. Паралелно со тоа, Фатах, дотогаш непозната организација, на 1 јануари 1965 година започна со првите вооружени операции против Израел. Новиот арапски пораз во јуни 1967 создаде услови за осамостојување на палестинската борба. Водачот на Фатах, Јасер Арафат, на 1 февруари 1969 година беше избран за претседател на извршниот одбор на ПЛО.

Палестинското национално движење се вклопи во меѓународниот пејзаж обележан со антиколонијалните борби на народите ширум светот: од борбата против американската интервенција во Индокина, преку герилските движења во Латинска Америка, до појавата на вооружените движења против португалскиот колонијализам и режимот на апартхејдот во Јужна Африка. Зафатени во либанските интерни конфликти, изложени на израелските операции во окупираните територии и во Либан, но и станувајќи жртви на поделбите во арапскиот свет и вмешувањето на државите од регионот (Ирак, Сирија, Јордан) во нивните работи, Палестинците беа принудени да се откажат од некои од целите и да ја прифатат идејата за поделба на Палестина. Откажувајќи се постапно од вооружената борба и „надворешните операции“, како киднапирањето авиони, со кои привлекоа меѓународно внимание и заради кои западните држави ги квалификуваа како „терористи“, му се посветија на политичкото и дипломатското дејствување, и создавањето релативно стабилни институции (организации на младите, жените, синдикатите, друштва на писателите итн.).

Потпирајќи се пред сè на сè посилните протести на жителите од Западниот брег, Газа и Источен Ерусалим, окупирани 1967 година, Палестинската ослободителна организација (ПЛО) стекнува меѓународен углед, па на 13 ноември 1974 година Арафат беше повикан да се обрати во Генералното собрание на Обединетите нации. Во таа прилика мнозинството земји ја признаваат ПЛО, со исклучок на Израел и САД (САД го направија тоа во почетокот на деведесеттите). Во осумдесеттите години Европа придонесе за формално воспоставување два принципи: правото на Палестинците на самоопределување и нужност од дијалог со нивниот претставник, ПЛО.

Но, дури по Интифадата, која избувна во декември 1986 година, и завршувањето на Студената војна, дојде до договор во Осло, кој на 13 септември 1993 година, под покровителство на Бил Клинтон, го потпишаа израелскиот премиер Јицак Рабин и Јасер Арафат. Веднаш потоа, на 1 јули 1994 година, Арафат воспоставува Палестинска самоуправа во Газа и Јерихон. Генерално, потпишаните договори требаше да бидат надоместени со двострано признавање на јасниот принцип: создавање палестинска држава паралелно со Израел, со почитување на границите од 4 јули 1967 година. Како што веќе знаеме, овој „мировен процес“ заврши со еклатантен неуспех. И покрај добиената „автономија“, секојдневниот живот на Палестинците се влоши, слободата на движењето станување сè поограничена, а колонизацијата продолжуваше незапирливо, како под десните, така и под левите израелски влади.

Како понатаму?

Иако, може да се дискутира за причините за ваквиот расплет, како темелен заклучок се наметнува колонизаторскиот карактер на ционистичкото движење кое, поттикнувајќи чувство на супериорност над домородните народи, создаде атмосфера во која израелските лидери де факто одбиваат да ја признаат еднаквоста на Палестинците и нивното право на самоопределување. На владата во Тел Авив безбедноста на еден Израелец ѝ е сè, а животот на Палестинците ништо.

Пропаста на втората Интифада, која изби во септември 2000 година, доведе до слабеење на Палестинската самоуправа и поделби помеѓу Газа (под контрола на исламистичкото движење Хамас) и Западниот брег (под контрола на Фатах на Јасер Арафат). Но, имаше и несомнени дипломатски успеси, вклучувајќи го добивањето статус набљудувач во ОН и меѓународното признание од страна на речиси стотина држави. Освен тоа, како достигнување може да се смета и консолидацијата на силниот национален идентитет кој ги надминува локалните припадности и различките искуства во егзил. Палестинците не се откажаа и покрај внатрешните конфликти, како и покрај израелските притисоци. Не само што не дозволија да им се одземат домовите, туку и гордо го истакнуваа својот идентитет, без разлика дали под окупација или во егзил. На територијата на некогашниот Британски мандат над Палестина денес се наоѓаат повеќе Палестинци (седум милиони, вклучувајќи ги и оние во Израел) отколку израелски Евреи (шест милиони): ноќна мора за ционистичките водачи кои сонуваа за колонизација на „ненаселената земја“.

„Оживувањето на мировниот процес“ сега им изгледа како илузија, на сите освен на претседателот Махмуд Абас и „меѓународната заедница“, на која вештачкото одржување на неговата администрација во живот ѝ е нужно за да ја оправда сопствената пасивност и недостатокот на какви било иновативни предлози кои се темелат на меѓународното право. Прашање е која нова стратегија би можеле да ја усвојат Палестинците. За создавање нов план потребно е одредено време, а историското поглавје кое е отворено со војната од јуни 1967 година дефинитивно е затворено со пропаста на договорот од Осло. Мислењата се поделени: дали треба да се откажат од идејата за поделба на подрачјата и да бараат единствена држава? Да се распушти Палестинската самоуправа? Каков став да се заземе спрема насилството? Дури ни Хамас, познат по својата дисциплина, не е изземен од оваа дебата, а тоа може да се прочита од нивната нова програма која за првпат јасно ја поддржува идејата за држава во рамки на границите од 1967 година.

Меѓутоа, како што објаснуваат двајца палестински универзитетски професори, „во недостаток на јасно и дефинитивно политичко решение главните цели би требало да бидат темелните права кои се есенцијални елементи на правото на самоопределување на палестинскиот народ и кои како такви мора да бидат дел од секое идно политичко решение. Тоа се правото на ослободување од окупација и колонизација, правото на бегалците на враќање во сопствените домови и поседи и престанување на дискриминацијата и целосна рамноправност на палестинските жители во Израел. Токму овие три цели... истакнати во повикот на палестинското цивилно општество на бојкот, дезинвестирање и санкции (БДС) против Израел, сè додека не се остварат наведените цели.“

Движењето БДС, создадено на 9 јули 2005 година на иницијатива на 171 невладино здружение, означи нова фаза во палестинската историја: соочено со немоќта на политичките движења, иницијативата ја презема цивилното општество. Ова пацифистичко движење за еднакви права, кое некои западни влади се обидоа да го криминализираат, доживеа исклучителна поддршка, од Латинска Америка, преку Азија до Европа, а тоа можеше да се види за време на војната во Газа, летото 2014. Зошто е така?

Во текот на втората половина на дваесеттиот век, две борби мобилизираа широка меѓународна поддршка која беше клучна за победа: Виетнам и Јужноафриканската Република. Бројот на убиените не беше централна причина за тоа; меѓународното јавно мислење се покажа чувствително и за симболичното значење на ситуацијата. Во одредени моменти, конфликтот може да ги надмине своите тесни географски рамки и да стекне меѓународно значење изразувајќи ја „вистината“ на историскиот период. И покрај нивните различности, и Виетнам и Јужноафриканската Република се најдоа на линијата на обвинувањата на северот и југот, а на тој начин двата конфликти имаа колонијална димензија.

Таков е и случајот со Палестина, иако контекстот е поинаков. Јужноафриканското искуство, со проектот „нации со бои на виножитото“ на Африканскиот национален конгрес, со кој се интегрираа белците наместо да се следи теоријата „црна моќ“, се покажа дека времињата се промениле: вооружената борба веќе не беше единствениот избор. Се отворија нови патишта кон слободата, а еднаквоста во правата стана централно прашање.

Во случајот на Палестина, најдолгиот конфликт на современата ера, не станува збор само за територијален спор, туку пред сè за правда, односно континуирано нанесување неправда. На окупираните територии, популацијата е соочена со феноменот кој изчезна во другите делови од светот – колонијализмот. Од 1967 година Израел го населија повеќе од 650 000 доселеници на Западниот брег и во Источен Ерусалим – Меѓународниот казнен суд оваа практика ја квалификува како „воено злосторство“. Секојдневниот живот на Палестинците е одбележан со одземање на нивната земја, уништување на нивните домови, апсења (повеќето возрасни мажи во одреден момент биле уапсени) и измачувања. Војската пука како што сака, а ѕидот не раздвојува два народи туку затвора само еден од нив. Создаден е архипелаг со повеќе бантустани, окружени со патишта резервирани за Израелците – облик на сегрегација кој не постоел дури ни во Јужноафриканската Република. За палестинската популација важат посебни закони, а режимот во голема мера потсетува на апартхејдот: два народи на иста земја (Западниот брег и Источен Ерусалим), Палестинците и доселениците, подложени на различни закони и судови.

Ширум светот, милиони луѓе можат да сочувствуваат со борбата што ја водат Палестинците, поистоветувајќи ја со сопствениот револт против дискриминацијата и нееднаквоста. Во кожата на Палестинците може да се стави млада личност од општествените маргини на Западот, Индијанец исфрлен од својата земја или Ирец кој е горд на минатото на ирската борба против британскиот колонијализам. И, иако оваа солидарност не им гарантира успех, таа е еден од главните адути кој гарантира дека нивната борба ќе продолжи да живее ширум светот.

Лордот Артур Џејмс Балфур на 2 ноември 1917 година потпиша писмо во кое тврди дека британската влада „позитивно гледа на создавањето национален дом за еврејскиот народ [во првата верзија пишувало 'за еврејската раса'] во Палестина“ и дека „ќе направи се што е во нејзина моќ за да го олесни остварувањето на оваа цел“. „Една нација свечено ѝ ветила на друга нација земја на трета нација“, подоцна напишал писателот Артур Кеслер, кој одредено време бил активист на ционистичките организации. Овој колонијален проект создаде долг век на нестабилност, војни, огорченост и омраза. Тој ги хранеше и продолжува да ги храни сите фрустрации во регионот. Решавањето на палестинскиот проблем нема одеднаш да донесе мир, но додека трае окупацијата, на Блискиот исток нема да има ни мир ни стабилност.

Фотографии: Mohammed Abed

Извор: http://lemondediplomatique.hr