Сите зборуваат, а никој не слушa

07.08.2017 00:27
Сите зборуваат, а никој не слушa

Откако „коментарите на социјалните мрежи“ станаа главен начин како се мери пулсот на јавното мислење, почнав поупорно да ги читам коментарите. Од ова истражувачко испосништво (да гледаш и читаш разни ораторски бравури, а да не се мешаш) би пренел само неколку хајлајци:

-Речиси да нема некоја разлика на расправање и коментирање за жешките политички и општествени теми и расправиите на фудбалските фанови. Доминира навивачко настроение со расправии во стил уа, браво, тооо, уа судија, уа влада, и сл. Фини дебати, троа поретко, како исклучок речиси.

-Да можеме барем малку да се приближиме до Јавната демократска сфера како што си ја замислувал Хабермас, потребни се промени во образованието. Од начинот како дебатираме и се расправаме на СМ очигледно е дека фалат поооодолги изучувања на барем неколку предмети: Логика, Основи на дебатирање и политичка култура, Етика (Кирил Темков :(), Медиумска писменост...Има и други, овие се основни.

-Социјалните медиуми често преминуваат во „анегдоха“, разговор во кој сите зборуваат, а никој не слушa, а ако слушаат, слушаат како им одговара. Конверзациска турли-тава.

-Мора некој да направи сеопфатен речник на пцости на македонски јазик, и да се објави што поскоро, да се тргне од збирките на Марко Цепенков, таму да почне да се копа под итно. Преголема е доминацијата на српско-хрватски и англиски пцости. Пцовките, низ кои блика есенцијата на јазичниот идентитет и колективен ерос, се премногу важни да бидат препуштени на доминација на странски јазици.

-Социјалните мрежи се извонредно игралиште за вежбање и усовршување на говорот на омраза. Но, да се нападне и да се критикува само говорот на омраза не е доволно. Говорот на омраза извира од други важни процеси, како што е на пример форсирање на Политики на омраза. Ако се практикуваат политики кои имаат цел да мобилизираат поддршка преку поларизација и антагонизација, говорот на омраза на социјални мрежи е само последица и рефлексија на тоа. Изворот на проблемите најчесто е во политиката и во мејнстрим медиумите, и културата која не знае да им се противстави, а секако штети и неказнивоста на делата.

И конечно, да не заборавиме, What Happens on the Internet, stays on the Internet (forever!), па во таа смисла треба многу да се внимава што сè оставаме по СМ, секоја навреда и пцовка таму имаат многу поштетно дејство, како за примателот така и за испраќачот на пораката.

ПС: Благодарност до Дона Колар-Панов за споделување на графиконот на Paul Graham.