Сем Шепард – мојот најдобар другар

06.08.2017 23:37
Сем Шепард – мојот најдобар другар

Сем Шепард и Пати Смит пред хотелот Челзи, 1971; Фото: Дејвид Гар.

Понекогаш ќе ми се јавеше среде ноќ од пат, од некое пусто гратче во Тексас, од паркинг во близина на Питсбург, или од Санта Фе, каде седеше во автомобилот среде пустина и го слушаше завивањето на којотите. Најчесто се јавуваше од својата куќа во Кентаки, во оние тивки студени ноќи кога се слуша како дишат ѕвездите. Неочекуван ноќен повик кој го потресува човека како платно на Ив Клајн; синило во кое може да се залута, кое може да те одведе каде било. Јас со радост ќе се разбудев и ќе направев нескафе, а потоа разговаравме за сè. За смарагдите на Кортес, за белите крстови на гробиштата Фландерс Филдс, за наште деца, за историјата на дербито во Кентаки. Најмногу разговаравме за писателите и нивните книги. Латино писателите. Руди Вурлицер. Набоков. Бруно Шулц.

„Гогољ бил Украинец“, испука одеднаш, би се рекло од никаде. Но тоа не беше од никаде, туку „од никаде“ со многу лица, избрусено од сите страни, така што кога ќе се погледне под одредена светлина станува „секаде“. Јас ќе ја прифатев нишката и потоа ќе импровизиравме до зори, разменувајќи теми како два стари истрошени тенор саксофони.

Ми испрати порака од планина во Боливија каде Матело Гил го снимаше филмот „Блекторн“. Воздухот на Андите е редок, но Сем добро го поднесуваше тоа и можеше да издржи повеќе и сигурно да јава подолго од младите гумци. Секој ден оседлуваше пет различни коњи. Рече дека ќе ми донесе мексиканско серапе, црно, со пруги во боја на рѓа. Горе на планината, покрај огнот, пееше стари песни за скршени луѓе, заробени во сопствената природа која исчезнува. Замотан во ќебе, спиеше под ѕвездите и пловеше под Големиот Магеланов облак.

Сакаше да биде во движење. Ќе ставеше трска за риболов или стара акустична гитара во пикапот, можеби ќе го земеше и кучето, за одеднаш, без најава, да отпатува на запад. Ги сакаше улогите кои го водат на места на кои всушност не сака да биде, места кои ќе го исполнат со својата необичност; осаменичка храна за некои идни дела.

Зимата 2012 се сретнавме во Даблин, каде на Колеџот Тринити му беше доделена титула на почесен доктор по книжевност. Не ги поднесуваше добро пофалбите и наградите, но ова го прифати со радост, зашто му беше врачена на место каде и Бекет некогаш престојувал и студирал. Го сакаше Бекет и имаше неколку негови ракописи кои ги чуваше врамени на ѕидот во кујната, покрај сликите од децата. Тој ден ја видовме машината за пишување на Џон Милингтон Синџ и очилата на Џојс, а навечер им се придруживме на музичарите во омилениот локален паб на Сем, Коблстон, од другата страна на реката. Додека живо се тетеравевме преку мостот, ми рецитираше напамет страници и страници од Бекет.

Ми вети дека еднаш ќе ме поведе да ми ги покаже пејзажите на југозападот на Америка, зашто, иако патував многу, не видов многу од својата земја. Но животот му подели други карти, го погоди болеста. Повеќе немаше пакување и заминување. Оттогаш јас доаѓав во посета кај него. Заедно читавме и разговаравме, но главно работевме. Средувајќи го својот последен ракопис, Сем храбро собираше ментална сила да се соочи со секој предизвик кој судбината му го испраќа. Неговата дланка, со полумесечина истетовирана меѓу палецот и показалецот, лежеше неподвижно на масата пред него. Полумесечината е спомен од нашата младост. Мојот спомен е молња на левото колено.

Читајќи еден опис на пејзаж на западна Америка, одненадеж го крена погледот и рече: „Жал ми е што не можев да те однесам таму“. Се насмеав, зашто на некој начин го направи токму тоа. Без зборови, со склопени очи, талкавме по тепихот на американските пустини во многу бои - шафран, тонови на црвенкаста, дури и боја на зелено стакло, златнозелена, и потоа, одеднаш, речиси нечовечки сина. Песокот е син, реков, зачудено. Сè е сино, одговори. Песните кои ги пеевме имаа своја посебна боја.

Имавме дневна рутина: Будење. Подготовки за денот. Кафе и нешто за појадок. А потоа на работа, пишување. Подоцна ќе направевме пауза и ќе излезевме надвор да седиме на столчиња од летви и да гледаме во далечината. Веќе не чувствувавме потреба да разговараме - тоа е најдлабоко пријателство. Не ни пречеше тишината, која во својот добредојден облик е продолжение на разговорот. Се познававме еден со друг толку долго. Нашиот живот и нашите постапки не можат да се сумираат или опишат во неколку зборови за лудата младост. Бевме пријатели; добри или лоши, бевме тоа што сме. А минувањето на времето не го промени тоа, само го зацврсти. Работата беше сè потешка, но продолживме и го завршивме ракописот. Лежеше на масата. Ништо не остана неискажано. Кога си заминав, Сем го читаше Пруст.

Минуваа долги, бавни денови. Беше вечер во Кентаки, со трепкачките светла на светулките, гласовите на скакулците и хорот на жабите. Сем отиде во кревет, легна и заспа стоички, во благороден сон, сон кој го внесе во оној миг за кој нема сведоци, опкружен со љубов која го дишеше истиот воздух. Дождот почна кога воздивна за последен пат, тивко, токму онака како што сакаше.

Сем беше повлечен човек. Знам по нешто за таквите луѓе. Морате да им дозволите да управуваат со настаните до самиот крај. Дождот паѓаше и ги криеше солзите. Неговите деца, Џеси, Вокер и Хана, се простија од таткото. Сестрите Роксана и Сани се простија од братот.

Јас бев далеку, стоев и киснев пред заспаниот лав од Луцерн, колосалниот, благороден, стоички лав исклесан во камен. Дождот паѓаше и ги криеше солзите. Знаев дека повторно ќе го сретнам Сем некаде во пејзажите на сонот, но во тој миг замислив дека сум во Кентаки, близу потокот кој на бескрајните полиња се претвора во мала река. Ги замислував книгите на Сем на полиците, чизмите наредени долж ѕидот, под прозорецот низ кој гледаше како коњите пасат од другата страна на дрвената ограда. Замислив дека седам на масата во кујната и ја пружам раката да ја допрам дланката со полумесечина.

Некогаш одамна, Сем ми напиша писмо. Долго писмо за сонот за кој се надеваше дека никогаш нема да заврши. „Сонува коњи“, му реков на лавот. „Среди му го тоа. Ќе може ли? Нека го чека голем, црвен коњ, вистински шампион. Не му треба седло, не му треба ништо“. Продолжив по патот кон француската граница додека на црното небо се подигна полумесечина. Се простив од мојот најдобар другар, повикувајќи го во мртвата тишина на ноќта.

Извор: The New Yorker, 01.08.2017.

Слични содржини

Книжевност / Култура / Настан

ОкоБоли главаВицФото