Интервју со хрватскиот стрип јунак Марко Шуњиќ

07.08.2017 01:01
Интервју со хрватскиот стрип јунак Марко Шуњиќ

Херојот на хрватскиот стрип од крв и месо, Марко Шуњиќ, не е човек што се самопромовира и не сака интервјуа. Напротив, ги одбива. За да се согласи на интервју, мораше претходно да направи една грешка. Имав среќа да бидам жртва на печатната грешка во стрипот „Беше еднаш во Франција" од Фебиен Нури, надреална приказна за Јосиф Јоановици, човек кој навистина живеел и во еден човечки живот стигнал, меѓу другото, да биде: еврејско сираче од Романија, собирач на старо железо, неписмен француски милијардер, колаборационист и истовремено - херој на отпорот.

Кога совршено напнати и будни во три часот наутро, го читате овој стрип и кога во петтата од шесте епизоди недостасуваат 16 страници и кога пријателот Перо ќе ви каже дека баш тој стрип го нема во колекцијата, бидејќи е распродаден, тогаш настапува паниката и се прави се’ што се може во три часот наутро, и’ се праќа мејл на издавачката куќа „Фибра“: „Ве молам, може и во PDF, во JPG-во, не е важно како ..."

Веќе во раните утрински часови ви одговара сопственикот лично. Нема проблем, постојат уште два некаде во магацинот, ќе ме поврзе со човекот, најдоцна до утре. Олеснување и радост.

Е, сега пак, сакам да го запознаам тој Шуњиќ. Познато е дека е информатичар, семеен човек, сите нешто го фалат, сака да им плаќа на добавувачите, не живее од стриповите, но - без многу претерување – живее за стрипот. Затоа ја основаше „Фибра“, без претерување – најубавата од сите издавачки куќи во Хрватска. И’ даде феноменално име („фибра“ - треска како опис на состојбата во која се наоѓа човек кога работи нешто креативно и со голема страст), а штандот ... Тој нивен штанд на „Интерлибер“ се истакнува и ве привлекува, без разлика со колку илјадници луѓе, книги, полици и кутии ќе се судрите пред да стигнете до него и без оглед на тоа што стриповите не ви се високо на списокот на преокупации во животот. Хартиена супернова.

Фотографија на вистинскиот Џозеф, со предупредување за слободна интерпретација на драмските моменти во стрипот. 

Во издаваштвото не е правило дека совршениот надворешен изглед е симптом на нешто навистина големо помеѓу кориците. Постојат мудри изреки на оваа тема. Но, кај „Фибра“ тоа е навистина така, не само заради квалитетот на нивните стрипови. Добро се покажа опцијата на извлекување на „Фибра“ од огрмната дупка во касата што ја предизвика пропаѓањето на „Алгоритам“, што е „Агрокор“ помеѓу книжарниците во Хрватска. А бидејќи Шуњиќ и другите соработници не беа поканети во владата на разговори, оваа „алгоритмија“ мораше самите да ја решаваат. И јас не би го гонела човекот за интервју, да не беше нивната намера да ја санираат штетата со двомесечен попуст од најмалку 20 отсто на сите изданија. Ова е одлична работа, бидејќи една од моќните особини на нивниот штанд беше - со доза на претерување – што таму можевте да ја оставите целата своја просечната плата за само десетина минути.

На почеток кажете ни за цените на вашата стрипови.

- Кога луѓето ќе ги видат изданијата на „Фибра“, велат: „Еј, па вашиот стрип чини околу 35 евра! Па дали сте нормални?“, моето вообичаено објаснување е дека стрипот не мора нужно да биде таков каков што сме го запаметиле - Алан Форд, тетратче од мал формат за 2 евра. Ние правиме стрипови во голем формат, на добра хартија, со тврди корици, во боја, со голем број страници. Тоа главно се стрипови што содржат неколку епизоди, колоквијално се нарекуваат интеграли. Содржат цела приказна, по шест до седум продолженија. Еден стрип, но внатре има шест до седум.

Штандот на Интерлибер.

Избегнувате да го употребите изразот што се поврзува со вашите изданија, но другите не пропуштаат да го употребат, а тоа е дека вашите стрипови се уметнички дела.

- Добро, во ред, да убавината е во окото на гледачот. Не би сакал да прејудицирам, секој има свој вкус. Да ја скратам приказната: според книжевната класификација стриповите што ги издаваме се ликовни монографии. Едноставно, вакви книги, во толку мал тираж, на толку мал пазар и мала публика, никако не може да чинат помалку. Бројките се сурови. Печатењето на 500 примероци, вклучувајќи ги сите трошоци за производство, плус дистрибуцијата – едноставно тоа е цената, без оглед колку се трудиме. Работите се подобруваат, публиката се шири, па тиражите ги подигнавме од 500 на 600 примероци, што повторно е малку. Ако тиражот беше илјада до две илјади парчиња, тоа значително ќе влијаеше врз цената.

Колку помогна акцијата со намалување на цените?

Помогна, затоа што луѓето се ставија во нашата ситуација. Некој те измамил и те ограбил, без твоја вина. Кога станува збор за некој што го сакаш, реагираш човечки – ајде да им помогнеме. Се разбира, тоа нема да биде доволно да се покрие целиот износ, но јас сум многу поласкан и драго ти е кога ќе видиш колку се грижат луѓето. Вревата што се крена покажува дека луѓето се грижат се’ уште да постоиме. Многу ми значи што има група луѓе на која „Фибра“ и’ е важна и сака да преживееме. Тоа ми поважно од парите што се собираа.

„Фибра“ е така направена што нејзините изданија, со време, ќе вредат многу повеќе.

- Па, добро, ова се мали тиражи и тоа е природата на нештата. Сигурно е дека имаат колекционерска вредност, барем не би смеело да ја губат вредноста, иако тоа не е идејата на „Фибра“. Јас сум собирач и обожавател на стрипови, некои стрипови сум ги плаќал по илјада, две или три илјади куни. Мојата сопруга беше алергична на тоа колку пари трошам за стрипови и тогаш и’ реков дека секогаш може да ги продаде, па ми рече: „Ајде, добро."

Штедите во стрипови?

Некој собира акции, некој стрипови.

Можете ли да ја процените вашата колекција или не сте размислувале за монетизација?

- Не сум размислувал за тоа. Имам среќа што работам како програмер и од тоа живеам многу пристојно и можам да си дозволам некои мали луксузи, но не можеш да бидеш колекционер без дополнителни пари. Денес, која било култура, уметност, театар се луксуз. Неодамна отидов на концерт на „Рејдиохед“ и тоа ме чинеше 200 евра, што денес, за жал, не може секој да си го дозволи. Се надевам дека нема да морам да ги продавам стриповите, бидејќи тоа би значело дека сум многу, многу лошо.

Трите крила на врвниот стрип.

Што вам лично ви е највредно?

Имам многу оригинални цртежи, колекција од Југославија, збирка на Алан Форд, збирки на сè и сешто. Всушност, највредна е количината на тоа се’, бидејќи поединечно тие наслови вредат по неколку стотици евра.

Страста трае од детството?

- Пораснав со тоа. Кога отидов на факултет во 1994 година, стриповите престанаа да излегуваат. Едно време си мислев дека веќе не сум дете и дека треба да читам посериозни работи. Но, по пет - шест години во трафика го видов стрипот „Мистер Но“ и се’ ми се врати, комплетен флеш бек. Тоа беше искрата која повторно ме запали и тогаш здивев. Тоа метастазираше во 1998 година. Бидејќи јас сум програмер, сфатив дека е погодно да се поврзат професијата и страста, па така ја направив страницата Stripovi.com, сајт за собирање на луѓето од регионот на екс ЈУ, што ги сакаат стриповите. Но, интернет е само виртуелен простор, а јас сакав со луѓето да го споделам она што ме воодушевува, да им го поттурнувам она што мислам дека треба да го читаат, што мислам дека е добро. Имам голема потреба да бидам креативен, а не пишувам и не цртам, па како начин на изразување го избрав „ширењето на евангелието". Земете, прочитајте го ова! Сите работи што сум ги издал ми се важни , ме допреле на овој или на оној начин, затоа што зборуваат за работи што ми се значајни или се поклопуваат со мојот поглед на свет, со пораките на тој стрип. На некој начин се изразувам преку нив и промовирам вредности што би ги промовирал како автор. Така создавам, не како автор, туку како уредник и селектор. Како Ќиро Блажевиќ.

Јерговиќ неодамна многу ве пофали, пишувајќи за „Алгоритам“ и „Фибра“.Тој напиша дека за стрипот сте направиле повеќе од Крлежа.

- Да, толку ме пофали што дури ми е непријатно, заради тоа пријателите сега жестоко ме заебаваат. Непријателите, пак, ме напаѓаат, но тоа е така. Миљенко го сака и го разбира стрипот и многу пишува за стрипот, за што сум му бескрајно благодарен. Тој направи многу за да естабилишментот го прифати стрипот, затоа што стрипот секогаш беше тринаесеттото прасе во културата, се третира како ѓубре, шунд. И кога некој со такво име водушевено и упорно пишува, тогаш и луѓето од библиотеките и министерствата почнуваат сериозно да го сфаќаат. Мислам дека тоа резултираше со подобар третман на стриповите.

Од стрипот „Беше еднаш во Франција“.

Како го забележувате тоа?

- Според откупите во библиотеките, како и според средствата што ги добива. Порано стриповите беа слабо откупувани. И понатаму тоа е малку во однос на поголемиот број продукции, од вкупниот буџет за откуп на книги на Министерството за култура, за стрип се троши околу пет отсто, но за нас и тоа е значајна помош. Јерговиќ многу ни помогна. Откако ја создадовме веб продавницата, забележавме дека по објавувањето во медиумите за некој стрип, секогаш се појавува нарачка за тој стрип. Обично е тоа некаде од провинција кадешто луѓето се’ уште немаат доволно книжарници и библиотеки што продаваат стрипови. Значи некој во весник го прочитал текстот на Јерговиќ, отишол на интернет, го пронашол изданието на нашата веб продавница и го купил. Моќта на медиумите.

„Беше еднаш во Франција" е распродаден. Дали постои можност за уште едно издание?

- Повторните изданија се прилични ризични, но правам ре-принтови на изданијата ако лично заради нешто ми се многу важни или културолошки се толку важни што се изгинуваат над медиумот и секогаш треба да се достапни во печат. „Беше еднаш во Франција" мене ми е многу драг стрип. Тој не е толку клучен, ниту пак ја одбележа епохата, но за мене е многу важен и затоа ќе оди во печат кога повторно ќе застанеме на нозе. Таа приказна е толку фасцинантна, добро раскажана, толку поучна - таму ќе видите колку работите не се црно- бели, затоа што има толку многу сиви нијанси, гледате што им прави војната на луѓето. Приказната е паметна и забавна, го има сето она што добар стрип, филм или книга треба да го имаат.

Препорака на Марко Шуњиќ.

Дали се случува нешто возбудливо на домашната сцена?

Порталот Mojstrip.com. Го држи група автори што секој месец ги објавува нивните стрипови. Стрипот, за жал, исчезна од весниците и списанијата и се пресели на интернет. Домашните автори главно работат за странски издавачи, најмногу франшизи, цртаат според странски сценарија. Единствен исклучок се Игор Кордеј и Дарко Мацан на кои им го објавивме „Ние мртвите", серијал што го работеа за францускиот издавач „Delcourt“, но тоа сепак е домашен стрип. Оваа година им излегува „Маршал Бас", стрип за првиот црнец шериф во Америка кон крајот на 19 век, кој „Фибра“ ќе го издаде во Хрватска. Есад Рибиќ Горан Суџука, Горан Парлов, Тончи Зоњиќ, Далибор Талајиќ се врвни автори кои главно работат според туѓи сценарија. Помладите автори се обидуваат да се пробијат на различни начини, но, главно, единствената шанса да успеат со стрип е да се пробијат во странство и да почнат да работат за некој голем издавач. Во Хрватска, од стрип практично нема леб.

Препорака на Марко Шуњиќ.

Колку стриповите денес се омилени кај децата?

Мојата ќерка Ника сега заврши прво одделение и сака да чита стрипови, но немам што да и’ дадам. Сега пронајдов неколку супер стрипови за деца кои ме воодушевија, би можел да ги објавам и да и’ ги дадам. Тие се како филмовите на Pixar, цртани филмови за деца, но се доволно слоевити и доволно паметни, па можат да бидат и за возрасни. Да, стрипот постоеше во „Радост“, „Модра ласта“ и во други детски списанија, но исчезнува. И тоа е голема штета, бидејќи тоа е одличен начин децата да го засакаат читањето, да научат да читаат. Јас научив да читам од стрипови, како речиси сите од мојата генерација, многу пред да тргнам на училиште. Немам поим зошто домашните уредници го исфрлаат и зошто го нема во трафиките. Таму може да се најдат секакви барбики и виолети, нив ги сакаат девојчињата и гледам дека за списанието е најважно да има некаков подарок, шминка или играчка. Како „Happy мeal" во Мекдоналдс. Ќе дадам се’ од себе да издадам добри стрипови за деца, но тоа е нешто што треба да оди масовно, преку големите издавачи. Добро би било големите дневни весници да издаваат паметни и забавни стрипови за деца, бидејќи „Фибра“ не може. Немам многу време да се занимавам со наслови што не ме интересираат, затоа што целото слободно време го трошам за „Фибра“. Ако правам и работи што не ми се допаѓаат тоа би било ужасно. Вака барем на крајот на денот јас сум задоволен, а дали публиката ќе прифати, тоа е прашање на среќа.

За крај препорачајте некое издание на „Фибра“ за луѓето што не читаат стрипови.

Постојат неколку стрипови кои се апсолутна препорака и кои може да ги читаат луѓе кои никогаш не прочитале стрип или читале многу одамна и мислат дека само „Загор“ или „Алан Форд" се стрипови. .Тоа е „Маус" на Арт Спиглеман, кој за стрипот доби и Пулицерова награда. Ремек-дело, никого не остава рамнодушен. Би го препорачал и стрипот „Секојдневна борба" на Ману Ларсенет, едно од првите изданија на „Фибра“. На некој начин тој не’ прослави, многу луѓе воодушевено го прифатија. Потоа "Персеполис", автобиографијата на младата Иранка, Марџан Сатрапи. Тоа е една горчливо – слатка приказна за животот, со која публиката лесно ќе се поистовети . Потоа, „Чувари", познатите „Watchmen" од Алан Мур и Дејв Гибонс кои го редефинираа жанрот и кои го направија можеби најдобриот стрип за суперхероите и не само за нив.

И за крај „Eternaut" од Аргентина, СФ стрип за инвазија на Земјата од вонземјани, во 1957 година. Тоа е многу атмосферичен стрип и неверојатно те вовлекува во дејството затоа што е фасцинантен, но кога ќе ја погледнеш судбината на авторите ... Значи Хектор Истерфелд и неговите четири ќерки, од кои две биле бремени и двајца од нивните сопрузи, беа убиени од воената хунта во 1977 година, заради тоа што тој пишувал стрипови.

Препорака на Марко Шуњиќ.

Најмногу настрадал заради биографијата на Че ( „La Vida del Че", 1968) и неговите левичарски ставови; буквално ги платил со живот. И не само тој, туку и неговите четири ќерки и двата зета. Кога ќе го прочитате тоа, тешко е да се остане рамнодушен. Дваесет години откако го напишал стрипот, ја доживеал истата атмосфера, само што окупацијата не беше од вонземјани. На некој начин ја претскажа судбината на својата земја и за жал не преживеа.

Извор: Lupiga. com

Слични содржини

Книжевност / Стрип / Култура
Книжевност / Стрип / Култура
Стрип / Култура / Теорија / Историја
Стрип / Култура
Стрип / Култура / Теорија
Стрип / Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото