Обиколницата не е поправена. Дали ја заборавивме страшната поплава од 2016?

07.08.2017 12:08
Обиколницата не е поправена. Дали ја заборавивме страшната поплава од 2016?

Една година од смртоносната поплава во скопскиот крај.

Ланските поплави во скопско, однесоа 22 животи, оштетија 5000 домаќинства и 600 хектари земјоделско земјиште. По една година дел од штетите се санирани, но доцни реконструкцијата на обиколницата. Работите бавно се движат. ЈП за државни патишта без одговор за јавноста до каде е стигнато со поправките, бидејќи кобната ноќ на 6 август најмногу жртви имаше токму на оваа сообраќајница. Обновата на обиколницата почна на во октомври и според договорот кој ЈП за државни патишта го потпиша со „Трансмет ДОО Скопје“ на Сеад Кочан осомничен за проневера на 17 милиони евра во случајот “Труст“што го води СЈО.
Градежните работи требаше да завршат во февруари, годинава, но 6 месеци по истекот на рокот работата не е завршена. Од 27 јули затворена за сообраќај е насоката кон Тетово во делот каде што оштетувањата беа најголеми, па сообраќајот во двете насоки се одвива на правецот кон Куманово.
Водата која лани надојде од скопска Црна Гора го искрши асфалтот на обиколницата, а на насоката кон Тетово беше направена грпка повисока од еден метар. Екипи на Јавното претпријатие за државни патишта, заедно со екипи од „Македонија пат“ неколку дена по поплавата и оштетувањата, излегоа на терен и направија привремена санација.


Една година подоцна директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Александар Стојанов, не сака да одговори на прашањето на Дојче веле: колкав е степенот на реализација во реконструкцијата на скопската обиколница и кога таа ќе заврши. Од она што може да се види на терен, реконструкцијата на обиколницата, на која во кобната ноќ имаше најмногу жртви, се уште е далеку од завршница. Од ЈП беа многу „поажурни“ лани во март, кога решија да изберат компанија што ќе ја изврши реконструрање на 1.500 метри оштетување на патот. Со образложение „за итност“, без тендер, ЈП за таа цел склучи договор со градежната компанија „Трансмет“ во износ од 2,6 милиони евра. Во итна постапка беше избрана и фирмата „Евро консалтинг ДОО увоз-извоз Скопје“, да врши надзор врз работите за 32.000 евра. Според договорот, штетите требаше да бидат поправени до средината на февруари. Ни во изминатите месеци од ЈП не одговараа на новинарските прашања зошто доцни реконструкцијата и дали дали градежната компанија ќе добие казна за доцнењето. Градежни експерти кои имале увид во состојба на патот велат дека се работи за „срамна немарност“, која повторно може да ја доведе во прашање функционалноста на патот, но и безбедноста на околните села, ако каналите повторно не се во состојба да примаат вода по посилни дождови.


И во селата кои беа погодени од поплавата ситуацијата не е добра. Дел од улиците и понатаму се во катастрофална состојба. На високите температури, жителите се жалат на недостиг на вода. Помошта од државата е недоволна целосно да ги обноват нивните домови. Луѓето кои беа жртви на невремето се од Сингелиќ, Стајковци, Смилковци и Арачиново. Во текот на едно деноноќие лани на 6 август во Скопје наврнале 92,9 литри на метар квадратен, а во текот на првите два часа од почетокот на невремето имало над 800 громови.
Tогаш многу домови останаа без електрична енергија, а околу 1000 граѓани беа евакуирани во текот на ноќта на 6 август.
Граѓаните од целата држава координирани од Црвениот крст, Кризниот штаб и надлежните институции во наредните денови се солидаризираа за собирање на најнеопходната помош за настраданите и за расчистување на теренот.


На годишнината од катастрофалната поплава еве дел од реакциите на социјалните мрежи:

Една година од страшниот ден со поплавата во која загинаа многу луѓе, а уште толку останаа без домови и претрпеа голема материјална штета. За смртта на луѓето и загрозување на безбедноста на останатите не одговараше никој. Груевски се смени, имаме нова власт а институциите одговорни за ужасното справување со невремето се уште ги водат истите луѓе како на тој 6ти август. Ако утре има слично или посилно невреме, со него ќе се справуваат истите директори, неспособни партиски кукли кои досега не само што требаше да бидат сменети туку веќе одамна требаше да се испита нивната кривична одговорност за начинот на кој институциите реагираа таа вечер.
Кристина Озимец

Коце си има проблеми.Темпираше лента да сечи за 15 октомври,ама тој пусти газда на Трансмет многу е по „службени патишта".Толку од грижата за народот, угледот на државата,а посебно за угледот на партијата.
Петар Дамјанов

Важно парите за реконструкција, 3 милиони од ЕУ, се лапнати...
Адем Липовица

Епа заврши поплавата...Ние сме со кратко паметење, па се брзо забораваме.Сè ни е во „моментот", а потоа ништо де.....
Мира Бошњаковска

Виновниците се странски служби и жолти комбиња.
Љупчо Максимовски

Лани на овој ден се случија поплавите во Стајковци.
Никогаш да не се заборават жртвите, кои најмногу настрадаа од неодговорноста на човечкиот фактор. Се надевам дека некогаш ќе научиме како треба да се однесуваме со природата и едни со други. Им благодарам на големите луѓе што од секаде од срце лично помогнаа преку иницирање акција/и (и особено со директно присуство на терен) со цел да им се ублажат маките на настраданите. Особено им благодарам на големите луѓе што лично ги познавам – Владимир Лукаш, Јана Јакимовска, Ненад Тонкин, Дороти Пачкова, Ивана Настески, Тони Димитров, Маја Кировска, Јасна Шоптрајанова, Сашко Дете Илов, Зоран Кардула, Дарко (со помошта од Шабац), Деспина КрсDespina Krstevska и сите други другари што несакајќи ги изумив. Горда сум на другарите и уметниците кои со својата индивидуална и непосредна посветеност ги мотивираа и институциите на акција.
Ве сакам сите, вие сте моите херои.
Маја Чанкуловска


Фотографии: Георги Личовски

Како Окно ја проследи поплавата од август 2017

Слични содржини

Општество / Активизам / Јавни простори
Општество / Активизам / Јавни простори / Фотографија
Општество / Активизам / Јавни простори / Фотографија
Општество / Фотографија / Скопје 1963-2013 / Историја
Општество / Јавни простори
Општество / Активизам / Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото