Препарираните фашо-мафијаши останаа да роварат

08.08.2017 11:23
Препарираните фашо-мафијаши останаа да роварат

Една работа е да се стремиме кон мирен и цивилизиран трансфер на власта, без реваншизам и спектакли. Друга работа е да се пропуштат криминалците низ ситото на правдата, сончогледите да се наградат, а сите заедно да си ги задржат украдените пари. А воедно, една од највидливите активности на новата власт да биде напорот да се задоволат апетитите на испостените опозиционери, а уште повеќе коалициските интереси. Кога принципот „фрли рипче – фати крапче“ ќе се примени по секоја цена, може да останеме и без рипчињата и без крапчето.

Како да немало промени – слушам сè почесто и сè погласно. Со оваа пакосна замерка се служат најмногу оние што и до вчера го релативизираа режимот. Но, има трошка вистина и во тоа. По првата паника, по пребродувањето на краткиот нокдаун, изгледа дека сè е по старо. Додека се занимаваме со груевистите, силеџиите продолжуваат со својата окупација. Сега малку затскриена и „конструктивна“, но окупација.

Кутрите колаборационисти! Се намачиле во времето на режимот на фашо-мафијата. Морале, страдалнички, да ги уживаат сите бенефиции кои го носи партократијата. Биле принудени да уценуваат и малтретираат свои колешки и колеги, за да го заработат лебот насушен. Човек да ги жали. Се збогатија на маката на другите, а сега се жртви. Кај го има ова?!

Ова се денови на измешани сигнали. Груевски и другите осомничени за тешки криминали, и понатаму го добиваат крајно незаслуженото внимание. И понатаму се третираат како „втората страна“ во медиумите, ја злоупотребуваат секоја придобивка на демократијата, а уште повеќе правниот лавиринт кој самите го создадоа. Како да не е доволно што доминираат со медиумскиот простор кој ни оддалеку не е вистински демократизиран и сè уште е под нивна контрола.

Дури и премиерите Заев и Борисов му дадоа преголемо значење. Го повикаа Груевски да го поддржи договорот со Бугарија. Зошто? Од една страна, тоа е сосема непотребно. Тој веќе не е значаен по ниедна основа, освен во процесите кои СЈО ги отвори против него и ортаците. По таа логика, можат да го повикаат и претседателот на Народно движење на Македонија, Јанко Бачев. Во овој миг, тие се подеднакво неважни фигурки на македонското политичко небо.

По години минати на улиците, со сиот ризик да бидат казнети од режимот, граѓанките и граѓаните очекуваа чисти резови. Тие се, сепак, невозможни, бидејќи би создале насилство и нови неправди (нели, покрај сувото, гори и суровото). Но, промените не се постигнуваат ни со напумпани патни трошоци, а уште помалку со пумпање на администрацијата во која старите колаборационисти со окупаторот остануваат да роварат низ системот. Или, уште пострашно – да се препарираат и привлечат на „наша“ страна, што и да значи тоа „наша“.

Слики: Александар Дојранлиев

Извор: http://www.plusinfo.mk/

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото