Жана Моро

08.08.2017 11:10
Жана Моро

Жана Моро (Jeanne Moreau, родена во 1928) на фестивалот во Берлин, во февруари 1999 година, доби посебна награда. Во својата 72 година сè уште не го изгуби својот познат, малку злобен, продорен поглед на жена, која не се занесува со никакви илузии: за волја на вистината, тој поглед на супериорна женственост денес е малку разблажен, можеби „почовечки“ отколку што беше, но не помалку впечатлив. Какви улоги и да играше, таа останува запаметена по погледот, најсилниот елемент од иконата што ја создаде: независна, опасна, неконформистичка европска жена, чија главна привлечност не е во убавината, туку во сексуалната енергија што зрачи од неа. За разлика од Брижит Бардо, која на светот му ја нудеше сликата на новото потрошувачко француско општество, оптоварено со морал помалку отколку остатокот од Западот, Жана Моро претставува икона на оној дел од француската култура што мислеше, и тоа мислеше критички за општеството. Привлечноста на ваквата икона се покажуваше кај веќе сосема поинаква публика. Кога, конечно, ББ и Жана Моро заедно настапија во малку револуционерната комедија „Вива Марија!“ (1965, режија на Луј Мал), сместена во Мексико на почетокот од 20 век, двете страни на привлечноста можеа да се споредат. Во секој случај, американската машка ѕвезда во овој филм, Џорџ Хамилтон, зад камерите беше заведен од Жана Моро.

Жана Моро е совршено образована актерка, чие прво место, штом излезе од Конзерваториумот во Париз, беше француската комедија. Нејзината модерна привлечност и отсуството на стереотипна убавина, пред другите, ги забележа токму Луј Мал, и така набргу Жана Моро стана препознатливо лице на францускиот „нов бран“. Кога веќе имаше триесет години настапи во филм и во истата година, 1958, ја возбуди светската филмска публика во два филма на Мал, „Лифт за губилиште“ и „Љубовници“. Вториов беше забранет во некои делови на САД поради смелите љубовни сцени. Лицето на Жана Моро, неговата смиреност и немилосрдното забележување на светот што на него се читаше, одговараше на критичкиот дух на егзистенцијализмот и повоената безнадежност, на откажувањето од разубавувањата што ги бараше „новиот бран“. Тоа беше лице на студена анализа и истовремено внатрешен оган, икона на жената што ги познава вредностите, но исто така и цинизам со кој светот манипулира со нив. Слободна и непредвидлива, ваквата жена беше визуелно остварување на ликовите од прозата на Маргарит Дирас, која често пишуваше сценарија мислејќи на Жана Моро како интерпретаторка. Бунтот на ваквиот женски лик против светот е индивидуален затоа што таа не верува во колективни идеи. Осамена, таа самата ги избира своите љубовници, со истата леснотија и со истото непочитување со кои мажите ги избираат љубовниците. Нејзината ослободеност се покажува во кражбата на системот на машкото заведување, и безгрижната употреба на мажите како објекти. Внатрешен револуционер, таа на мажите им покажува како изгледа тоа кога светот на половата „рамнотежа“, односно неприкосновената машка власт, ќе се сврти наопаку. Лицето на Жана Моро секогаш многу малку се движеше. Нејзината совршена актерска дисциплина ја направи „минималистичка“ актерка. Во нејзиниот случај, заведувањето ги преминуваше границите на комплицираните филмови во кои играше; без желба за допаѓање на широката публика, беше далеку од популарните форми - на пример, заведувањето на вамп-жените. Единствената комбинација од интелектуална и нескротена сексуалност, во нејзиниот случај, ја враќаше довербата на милиони жени, кои не беа подготвени да се маскираат во кукли за да бидат привлечни и „прифатливи“ во потрошувачкото општество. Нејзините подочници, сведоштво за бурните љубовни ноќи, зрачеа со еротика, која сè повообичаеното соблекување на филмот не може да ја достигне. Новата жена, која ниту кариерата, ниту семејството, ниту љубовниот живот не можат да ја изместат од рамнотежа, ниту од одредената иронична дистанца кон лудостите на модерниот живот, доби свое лице. Еден од нејзините партнери и љубовници, Марчело Мастројани, заклучи, не без медитеранска машка носталгија, дека таа умее да ја возврати љубовта... сè до крајот на снимањето на филмот.

Филмот со кој Жана Моро за цела една генерација стана икона, и кој сè уште е култен филм, е филмот „Жил и Џим“ на Франсоа Трифо, од 1962. Во овој филм, Жана Моро игра жена во која се заљубени двајца мажи, пријатели. Без волја да се одлучи, таа и двајцата, но и себе, ќе ги одведе во пропаст. Необичниот лиризам на филмот, релативизацијата на сексуалните компетенции, доведувањето под прашање на пропишаното однесување, рафинираниот хумор, сето ова од овој филм и денес прави ненадминат културен модел на европската сензибилност. Жана Моро во машки костум, со нацртани мустаќи, во огромен пуловер и во панталони, со качкет на главата, останува слика за сексуалната привлечност на која не ѝ е потребен никаков декор ниту фиксирана полова улога. Во одредена смисла, Жана Моро и нејзините партнери во овој филм остануваат симболички слики на внатрешниот отпор против конвенциите, буржоаските правила, капиталистичките фиксации на половите и митовите за индивидуална среќа. Во голема мера пророчки филм, „Жил и Џим“ ги навестуваше посериозните промени во животниот стил на помладите генерации, кои во Франција и во цела Европа се случија во 1968, а во САД започнаа една година порано. Песничката што Жана Моро ја потпевнуваше во овој филм, и која зборува за непоправливата заводничка („Носеше по еден прстен на секој прст...“) остана, исто така, дел од култот.

Талентот и ликот на Жана Моро првенствено се поврзани со авторскиот, комплициран, авангарден, со високи барања – и дефинитивно европски филм. Играше во филмот на Антониони „Ноќ“ (1961), во „Дневникот на собарката“ (1964) на Буњуел, и во многу европскиот филм на американскиот бегалец Џозеф Лоузи, „Ева“ (1962). Сите три лика се негативни на свој начин, и го истражуваат опсегот од немилосрдната желба за моќ до губењето на секоја желба. Жана Моро умееше, како можеби ниедна друга филмска актерка, да ја прикаже состојбата на губење смисла, тапоста на изгубената мотивација, апсурдот. Нејзиното молчење е еден вид авангарден текст за бесмислата. Не треба, меѓутоа, да се заборави дека дикцијата на Жана Моро е една од најголемите актерски вредности. Одвреме-навреме се појавуваше на париските театарски сцени, а широката филмска публика можеше да види за каква актерска школа станува збор во филмот од 1959 година на неодамна починатиот Роже Вадим, „Опасни врски“. Во овој филм, во кој класичното истоимено скандалозно дело, романот во писма на Шодерло де Лакло од 1782, е пренесено во модерно време, Жана Моро играше со Жерар Филип. Од двајцата аморални љубовници, жената е таа што никогаш не се кае. Облечена во црно, непогрешливо ефикасна во уништувањето на туѓите животи, Жана Моро, со цигара и музички фон на апстрактен џез, тука остварува еден од своите највпечатливи ликови. Делото неодамна доживеа дури две речиси истовремени филмски обработки, и двете амбициозно посегнаа по костимите и амбиентите на епохата, крајот на 18 век, но дури и извонредната Глен Клоуз не е рамна на кобната визија на Жана Моро. Не треба да се заборави дека многу години беше „муза“ на модниот креатор Пјер Карден, отелотворување на неговите рационални модни концепти.

Жана Моро и самата режираше филмови. Но, во приказната за оваа женска икона, во која нема ниту трошка сентименталност и мелодраматичност, можеби најинтересен е односот на староста и креативноста. Во овој миг, Жана Моро го очекува прикажувањето на мега-ТВ проектот „Клетници“ според романот на Виктор Иго. Се подготвува за големиот меѓународен проект, снимањето на „Галеб“ според Чехов, и за биографскиот филм во кој ќе ја игра својата пријателка и сценаристка, Маргарит Дирас. Тоа се само две нешта на листата за работи и проекти: Жана Моро никогаш не била толку барана. Во општата хипер-продукција на затегнати мускули и булимиска виткост и младост, европската филмска публика очигледно сака да види нескриени траги на годините, промислено искуство, самостојни, самодоволни жени на кои не им се потребни лифтинзи. Наспроти американизираната невротизација на тешко одржуваната младост, Жана Моро не само што не ги крие своите години туку и настапува со изразито млади и убави актерки. Културолошкото недоразбирање меѓу неа и Американците неодамна се покажа и во тоа што поради своите европски обврски се откажа од учеството во популарната американска ТВ серија „ЕР“. Токму сега го подготвува филмот што самата ќе го режира, и во кој ќе настапи новата ѕвезда на францускиот и европскиот филм, Жилиет Бинош. Сценариото го напиша Жан Реноар, уште во 1971, и тоа токму за Жана Моро. Предизвикувачка приказна и женска професионална солидарност: пораката на Жана Моро, која на екранот највпечатливо ја прикажуваше бесмисленоста на животот, е дека жената единствено самата за себе може да ја оствари смислата.

Извор: Женски икони на XX век, Темплум, Скопје, 2003.

Слични содржини

Никола Гелевски
Активизам / Фотографија / Култура / Филм
Никола Гелевски
Активизам / Свет / Култура / Уметност
Книжевност / Филм
Култура / Историја

ОкоБоли главаВицФото