Грција: со пиво против кризата

08.08.2017 12:24
Грција: со пиво против кризата

Малкумина се оние кои не го препознаваат Никос Роидос кога шета низ многуте продавници за вино и деликатеси во Солун. 32-годишниот Грк е еден од основачите на Али-пиво, првата микро пивара во Солун. „Секогаш бевме конзументи, но никогаш не ни падна на памет и професионално да се занимаваме со производство на пиво", вели тој. Постојано му ѕвони мобилниот телефон. Се извинува објаснувајќи дека сега е сезоната за пивото. „Самите вршиме испорака, а баш сега кога баровите на плажите се преполни со одморџии, работиме нон-стоп". Во времиња кога грчките трговци поединци мака мачат на пазарот, Никос и пријателите се меѓу ретките кои на пазарот успешно излегуваат со нов производ.

Околу 40 микро пивари се борат во Грција со трите главни бренда на пазарот, Алфа, Митос и Фикс - грчки пива, кои веќе со години се во сопственост на меѓународни концерни. И покрај тешката ситуација на пазарот побарувачката за нови грчки пива континуирано расте. Тоа е една од причините што Никос по студииите во странство одлучил да се врати во татковината.

Али-пиво е едно од омилените пива во Солун: речиси сите продавници за алкохол го имаат во својот асортиман. Дополнително на тоа пивото се продава во многу кафеани, барови и супермаркети. "Сите ние студиравме во Холандија и таму сфативме дека пивото е многустран пијалок", вели Никос. „Така ни се роди идејата за грчкиот пазар да произведуваме наше сопствено пиво". Било тешко да се дојде до почетниот капитал, па дури со комбинацијата од многу сопствен влог и европски субвенции по долго барање се нашла банка која била подготвена на младите пивари да им даде стартен кредит.

Измачувачкото чекање на потребните дозволи

И Никос, како и сите останати претприемачи во Грција, морал да го помине долгиот пат низ административната џунгла. „Во 2012-та ја купивме пиварата, па чекавме на дозволите од институциите. Првото пиво го произведовме дури во 2015-та година. Тековните трошоци за цело време мораш да си ги плаќаш, а тоа не може да си го дозволат повеќето претприемачи овде", се жали тој.

Дури изминатата година тој и неговите пријатели почнале со произвпдот и да заработуваат пари, и покрај големата побарувачка. За малите претприемачи не се проблематични само административните пречки, туку и високите даноци. Во 2016-та година грчката влада драстично ги зголеми даноците на кафе, цигари и алкохол. Грција има четврта највисока стапка на данок на алкохол во Европа, но тоа не е главниот проблем, смета Софокле Панајоти, сопственик на малата пивара Септем и заменик претседател на Здружението на грчки пивари. Неговите пива се познати и надвор од границите на Грција и наградувани на престижни натпревари. „Пред се големите даноци за компаниите и задолжителните осигурувања за нашите вработени ни се товар. Само на овие две ставки трошиме 27% од профитот", вели тој. Владата има воведено и солидарен данок, кој претставува дополнителен трошок: „Тоа секако ги засега сите, но колку е помала компанијата, толку поголемо е оптоварувањето."

Импулси од други европски земји

И покрај сите овие проблеми трговијата бележи пораст на интересот за нови сорти пиво, како што забележува и Елина Петру. Таа е сопственик на продавницата за вино и друг алкохол Ен Оло во Солун. Таа свесно нуди речиси исклучиво производи од домашни производители: „Регионалните производи во Грција се многу квалитетни, а со кризата се разви и нова свест. Муштериите го ценат тоа што млади производители не ѝ вртат грб на земјата и развивааат нови производи за домашниот пазар."

Новите сорти пиво според неа се дел од трендот кој го зафатил целиот сегмент на деликатеси: „Новите производи се базираат на традиционални идеи и рецепти, а притоа се инспирирани од вкусови и производствени процеси од странство". Причина за тоа е тесната поврзаност на младите Грци со други европски земји. Таму тие учат и за модерни форми на маркетинг и менаџирање на компаниите. „Многумина и покрај добрите идеи и ИС правниот пристап за жал се сопнуваат на бирократските или финансиските пречки", вели Петру. Таа смета дека е многу неверојатно во тој поглед нешто во догледно време да се смени.

Извор: http://www.dw.com