Културата ја замислувам како динамичен систем заснован на четири столбови

08.08.2017 11:47
Културата ја замислувам како динамичен систем заснован на четири столбови

 Разговарал: Зоран Јовановски

Интервјуто со Роберт Алаѓозовски, новиот министер за култура, не е поврзано со дневно-политички теми. Наместо тоа, разговараме за концепти, за неговата визија за иднината на културата во Македонија, за нејзиниот потенцијал да создава нови работни места и да има бизнис елементи во своето функционирање наместо да чека да ѝ биде фрлена некоја паричка од буџетот на државата. Алаѓозовски има мошне јасни и длабоко засновани ставови за овие прашања. Реализацијата на оваа визија би можела да значи сосема нова патека на развојот на културата во земјава.

Да започнеме со перцепцијата за културата во Македонија. Впечаток е дека во нашава земја е длабоко вкоренет пристапот според кој уметноста е специфична активност што не треба да се поврзува со економијата, со бизнисот, со профитот. Зошто е тоа така?
Р. Алаѓозовски: Навистина е така. Причини за тоа има повеќе. Различните сфаќања за тоа што е уметноста и која е функцијата на културата во едно општество во различни историски времиња направиле еден амалгам од пристапи на кои заеднички им е неекономскиот карактер на уметничките производи и културните активности. Маркс ја сместува културата во т. н. општествена надградба спротивставена на материјалната база. Во поривите да создаде праведно општество, социјализмот се залага за бесплатна култура за сите. Истовремено императивот да се создаде национална држава на културата ѝ дава клучна улога. Таа го обезбедува престижот и ја легитимира нацијата. Да парафразирам, само нацијата што има илјадагодишна култура, што е лулка на цивилизацијата, што е културна, може да има своја држава. За да се покаже престижот на нацијата мора многу да се вложува во врвната уметност така што културните манифестации и производи немаат императив да се продаваат или да создаваат работни места, тие треба само да се одлични макар тоа буџетот да го чини и прескапо. За никаков економски бенефит не станува збор.
Пред налетот на идеите за културата како економска активност, уметниците и културните работници ја заговараат идејата за културата како јавно добро затоа што се плашат дека прашањето за економската цена на уметноста, во општество кое е сиромашно или пак ненавикнато да плаќа за уметноста, може да го доведе во прашање самото опстојување на уметноста и културата ако тие се исправат пред економскиот интерес, без своевидна просветителска дарежливост на политичарите.

Дали е ова пристап карактеристичен само за Македонија?
Р. Алаѓозовски: Не е. Не ниту само во регионот или во Источна Европа. На светско ниво има многу земји во кои националниот престиж е битен или пак културата креативно се користи за исполнување на разни општествени цели. Не само тоа, во многу земји има организиран отпор кон економскиот пристап на културата сметајќи го тоа за неолиберална агенда која сака да ја исцица, да ја уништи и слични негативни фрази. Се разбира, тоа е претерано, иако спротивната логика на буџетски кастрења најпрвин во културата, како непродуктивна дејност, е еднакво неприфатлива.

Кога уметноста се перципира како еден своевиден базичен канал за насочување буџетски пари за поддршка на уметниците тогаш ваквата системска поставеност ги мотивира уметниците да размислуваат за тоа како да дојдат што поблиску до оние кои носат одлуки за буџетските пари. Тоа го носи ризикот од политичко потчинување на уметниците. Има ли смисла „политизацијата“ на културата во една земја?
Р. Алаѓозовски: Културата и како јавно добро и како можност за креирање нови работни места треба да добива системска поддршка од буџетот. И во двата случаја причината за давање пари треба да биде јавниот интерес што одреден проект или настан или дело го исполнува, односно квалитетот на самиот проект, неговите цели, ефикасност и ефективност. Кај нас одлуките не се носат транспарентно и образложено. Присутен е споил системот, клиентелизмот или партијноста. Ова последново доведе до активно политичко потчинување на уметниците, нивно претворање во слуги и гласноговорници на одредени политички елити без одговорност да се заземе дистанца дури и при очигледни злоупотреби или недоветности. Општо кажано, секоја уметност е политичка. И ставот да се биде неполитичен е политички став. Уметниците и луѓето треба да бидат политички, треба да бидат свесни за состојбите во општеството и да имаат став. Но, тоа треба да биде интелектуален став со највисока етичка одговорност. Не став корумпиран од разни интереси. Уметниците имаат потреба да бидат одговорни и критички настроени.


Може ли ваквиот концепт да донесе голем и одржлив развој на културата?
Р. Алаѓозовски: Партијноста сама по себе не пречи. Но, зад концептот на управување со културата треба да стои стратешка определба. Партиите треба да се договорат до која мера функциите во културата се партиски, а од каде почнува техничкиот, односно експертскиот дел. Кај нас партиите успеаја донекаде да се договорат за тоа до 2006 година, но потоа договорениот политички систем не се испочитува, се отиде повторно во тотална партизација и со промените на законите во 2014 година таа партијност се цементираше во божемен експертски систем. На почетокот од мојот мандат имам доста проблеми со така цементираната аномалија.
Ќе биде потребен нов договор веднаш штом меѓупартиската конфликтност ќе се намали. Само нов политички договор за системот, кој нема да се злоупотребува, може да донесе одржлив развој.



Кој е алтернативниот концепт за развој на културата во Македонија?
Р. Алаѓозовски: Културата ја замислувам како динамичен систем што се засновува на четири столбови: негување на слободарскиот, критичкиот и креативниот дух како предуслов за создавање врвни уметнички, интелектуални и културни производи; подобрување на квалитетот на животот на граѓаните преку културата што ќе придонесе до општествена кохезија и еднакви можности во процесот на општествената мобилност; создавање ефикасен и ефективен оперативен систем кој ќе го овозможи динамизмот на културниот живот; разбирање на целиот културен сектор како креативна класа во која треба да се инвестира, потенцијал што треба да развие, сектор кој може да создаде нови вработувања, каде што најбрзо може да се прескокнат скалилата во создавање квалитетен културен производ и да се примени општествено сензибилен систем на пристап, достапност и ценовна политика.


Кои се првите чекори кои ги планирате?
Р. Алаѓозовски: Првите чекори кои ги планираме е да создадеме ад хок најава на новиот пристап во културата преку серија културни настани за првите 100 до 150 дена од мандатот, каде што доминантно ќе ги маркираме првите три столба за кои говорев. Културната партиципација и проширување на публиката, еманација на слободарскиот и креативен дух, подобрување на културниот живот на граѓаните и ставање во погон на расположливата културна инфраструктура со цел да се создадат тие уметнички практики и културни настани. При тоа ќе создадеме веднаш интерсекторско партнерство во кое ќе ги обединиме и институционалните и граѓанските, а се надевам и приватните ресурси.
Меѓу 90-тиот и 180-тиот ден од мандатот ќе ја донесеме новата стратегија за развој на културата за периодот 2018 – 2022 година. Нацртот што ќе се подготви меѓу 30-тиот и 90-тиот ден од работни групи во рамките на Министерството за култура, во кои ќе има претставници од институционалната и од граѓанската сфера, ќе биде даден на широка јавна расправа во која ќе се соберат идеите, предлозите, сугестиите и критиките на целокупната културна фела и ќе се одредат стратешките приоритети. Очекувам во првите две години од планот повеќе да се занимаваме со консолидација на системот и дека вистинските развојни компоненти ќе дојдат во вторите две години од мандатот, особено четвртиот столб, концептот за креативната класа и создавањето нова стратегија за развој на културните и креативни индустрии.


Новиот концепт ќе биде тектонско поместување во начинот на поставеноста и функционирањето на културата во нашава земја. Очекувате ли предизвици во фазата на прифаќање и на имплементација на новиот концепт?
Р. Алаѓозовски: Доаѓањето на новата власт и мојот избор за министер за култура наиде на воодушевено прифаќање од јавноста. Тоа се должи на големите надежи и очекувања дека работите во културата ќе тргнат на подобро. Во таа смисла соочен сум со поддршка која го буди чувството за голема одговорност и стремеж да го извлечеме најдоброто од себе и од културниот систем. Во однос на предизвиците, јас првично лоцирам три. Првиот е борбата на опозицијата, од која очекувам барем во првите шест месеци тврдоглаво и инаетливо инсистирање на нивниот застарен концепт за сфаќање на културата и уметноста како скап (а во практичната реализација и како коруптивен) кичест украс на од нив новокомпонирата етнонација. Но, ние сме подготвени тој концепт да го одмериме во широка граѓанска и парламентарна дебата.
Вториот предизвик е рутината на самиот сектор кој дури и во своите најдобри намери дејствува во еден комфорен начин на разбирање на нештата. Креативната економија, глобализацијата, новите европски и светски културни политики нѐ исправаат пред предизвикот да ја преиспитаме и да ја пресоздадеме сликата за тоа што треба да биде културата во иднината. Ако не се фатиме во костец со тој најголем предизвик на нашето време, ако не влеземе во грлото на вулканот, ќе ја сведеме културата на ќелијно одржување на умрен јазик, додека далеку од нас ќе се одвива една ренесанса во која новите културни процеси ќе се одвиваат далеку од нашите очи.
Третиот предизвик е од техничка природа. Системот е прилично уништен инфраструктурно, од аспект на несоодветни човечки ресурси, застареност на културните мисии и технологиите, неодржливост на новите квази инвестиции, од разни аномалии на споил културата за која говорев на почетокот. Но, верувам тоа ќе го оправиме во првите две години.

Кои се светските примери за успешен развој на креативните индустрии?
Р. Алаѓозовски: Креативните индустрии се развиваат во првите светски економии кои се воедно први и во квалитетот на животот, и во образованието, и во реформите на образованието, кои имаат развиена демократија и ниско ниво на корупција, земји кои предничат во развојот на постиндустриското и зелено општество. Останатите се обидуваат да создадат креативна ниша, да оценат кои сектори од креативните индустрии им се најперспективни и со насочена поддршка да направат разлика. Во таа смисла можеме да зборуваме за фински моден дизајн, исландски натур туризам, редизајн на културата на храна и вино која доаѓа од регионот Ланге во Италија, развојот на технолошкиот парк во Нант и слично.



Што треба конкретно да направи Македонија за развој на креативните индустрии? Што значи тоа за поодделните сегменти на културата во земјава, за литературната книжевност, за драмската и филмската уметност, за музиката итн.?
Р. Алаѓозовски: Македонија прво треба да ги направи функционални и одржливи културните индустрии. Тоа значи да се воспостави нов синџир на односи во одделните дејности. Во книжевната индустрија фалат сегментите уредништво, читатели, критика, дистрибуција и книжарство. Во филмската уметност фали динамизација на човечките ресурси (сите професионалци да работат повеќе и почесто, макар и на помали продукции), воспоставување технолошки парк, студија, локации, киносали и повторно филмска критика. Така е и во разните други сегменти. Новата стратегија за развој на културните и креативните индустрии треба да инсистира на воспоставување на потребните системи. Министерството е подготвено да ги поддржи и да создаде амбиент на инвестиции во културата во тие сегменти кои недостасуваат.


Како Македонија да ги сочува и дополнително да ги развие некои од своите автентични брендови во културата? На пример, фестивалите „Охридско лето“, „Струшките вечери на поезијата“, „Браќа Манаки“ или детскиот фестивал „Златно славејче“.
Р. Алаѓозовски: На сите знаменити манифестациии им треба подобар менаџмент, подобар дизајн, подобра промоција и маркетинг, развој на програма, особено во насока на развој на публика, различност, сензитивност кон различните целни групи. Министерството има одговорност да ја обезбеди поддршката, тимот треба да менаџира успешно, а програмските уредници да најдат креативни начини на реализирање на мисијата на манифестациите.

Своевремено, во една од колумните за „Економија и бизнис“, пишувавте за најпознатиот саем за книги во Германија и направивте споредба со саемот за книги во Скопје. Што треба да се направи во тој поглед?
Р. Алаѓозовски: Саемот во Скопје треба да се развива во насока на повеќе промоција и развој на публиката. Ние прво треба да инвестираме во развој на книжарството за саемот да не биде компензација на недостатокот на продажни места за книгата. На саемот книгите треба да се промовираат и да се ловат нови читатели, постојната публика да се продлабочува. Како национална манифестација треба да има и меѓународна димензија и на саемот да се засили агенциското работење, нашите агенти да ги канат заинтересираните странски колеги и да склучуваат договори за превод на наши автори во странство. Но, најпрвин треба да поттикнеме создавање профил книжевен агент. Со тоа ќе се занимава Агенцијата за книга дизајнирана од претходната власт, а доразвиена од сегашнава.


Организиравте, би ја нарекол, рок-средба. Што произлезе од таа средба? Или малку пошироко, каков е Вашиот став во поглед на турбофолкот? Зошто е тоа културолошки феномен што доминира на овие простори? Треба ли нешто да се преземе во поглед на турбофолкот?
Р. Алаѓозовски: Таа средба беше иницијатива за поголем развој и застапеност на урбаната култура, каде што припаѓа рок-културата. Учесниците на средбата си ветија себеси дека ќе се организираат подобро и дека ќе настапат подготвено на претстојната јавна расправа за новиот стратешки план.
Што се однесува до турбофолкот, секоја пунитивна или прохибистичка политика би била контрапродуктивна. Ако ние обезбедиме добра клима за развој на урбаната култура, ако создадеме простор таа да биде присутна во јавната сфера, ако поддржиме нејзина институционализација во смисла на простори за вежбање, за концертирање, ако создадеме пазар и обезбедиме емитување, ќе се намали просторот за кичот и турбофолкот.
Подигањето на благосостојбата, на културните потреби, на културните навики, создавањето нова етика – се меките оружја во борбата за повеќе уметност, а помалку кич.

Реакциите по Вашето именување за министер за култура покажуваат дека јавноста Ве перципира како неортодоксна појава на политичката и културната сцена. Како го објаснувате Вие тоа?
Р. Алаѓозовски: Јас сум можеби неортодоксен како политичка појава со самото тоа што не сум политичар, туку доаѓам од професионалното поле на културата. Мојот голем ангажман на културната и јавната сцена како слободоумен, а критички и одговорен менаџер во културата и автор ми донесоа огромна поддршка. Но, во Европа доминираат неортодоксните политичари во полето на културата, дури и кога доаѓаат од класичните партиски и политички средини. Секако дека мене ми претстои мало рафинирање што нужно го налага позицијата министер. Но, иако мојот бекграунд, физичка појава и надворешен изглед лесно ме сместуваат во категоријата необичен, Владата во целина е решена да манифестира еден нов, неортодоксен пристап во политиката и во унапредувањето на состојбите во земјава.

 

Извор: Економија и бизнис

ОкоБоли главаВицФото