Руски бламажи и вмровски огнени тетоважи!

08.08.2017 13:56
Руски бламажи и вмровски огнени тетоважи!

Каква е врската меѓу поразот на вмро-дпмне, шумските пожари, комитското глупантропство на темите за Тиранската платформа и Договорот со Бугарија, фијаското на Горското началство на Илинден и новите бламажи на руската политика на Балканот!? Со инфантилните, во основа, шпионско-медиумски сапуници за Македонија како жртва на некаков надворешен заговор кој резултирал со смена на власта!? Или за Македонија како агресивен фактор кој, замислете, би можел да ја дестабилизира Србија!? Доѓе ми да се уфатим за голу жицу и да играм у рутму музике за плес: „Ој жица жица, жица, дрма ми се кабаница!“ Да не се навраќаме на неверојатната, но, во основа, разбирлива страст на големата мечка да се врзува со најсакатите подржикоњи и еднооки будали во балканските земји и од нив да прави свои резиденти. Демек, разни дефекти со кои некој сака да ја држи отворена понудата за хаусмајсторот од Москва.

Врската е векторска единица насочена кон Запад, не само како некаков стварен или фиктивен надворешен непријател, сеедно, туку и како медиум за совладување на внатрешните проблеми што ги има опозицијата во Македонија (пред затвор) и власта во Москва. Русија не ја интересира Македонија како држава, туку зоната во која може да врши притисок и дестабилизации од различен степен, прво, за да го проблематизира комплетното и целосното, односно континуираното исполнување на таканаречениот „римланд“ со натовски позиции и структури, второ за да има некој поситен или покрупен жетон за пазар околу западните санкции што пред извесно време беа засилени и продолжени и, конечно, за да може да се произведе уште едно мало внимание од серијалот кој ќе му овозможи на просечниот Русин да не забележи какви катастрофи по земјата и по луѓето предизвика режимот на Владимир Владимирович! Оставајќи ја државата со примитивна еднодимензионална структура, со балистичките ракети и гасови, светлосни години зад Западот, Кина, Индија и останатиот колку-толку нормален свет.

Русија нема вредносен систем на своето експортно мени, а македонската опозиција, замислете ја таа комбинација, има и тоа има жестоко антизападен вредносен систем и единствено по тоа оваа структура во распаѓање и се гледа атрактивна на Москва. Во Црна Гора тоа вмешателство произведе обид за државен удар. Во Македонија исто така, со тоа што и кај нас и во Подгорица операциите одеа преку српските удбашки инсталации. Црна Гора ја прегрме таа епопеја со приемот во НАТО, Македонија мора час поскоро да го изоди тој пат.

Мински полиња

Извонредното позиционирање на новата влада по тоа прашање, рехабилитираната улога на Македонија како фаворит на европската надворешна политика и на американските интереси во овој дел на светот, репетирано демонстрирани и на последниот состанок во Подгорица и интензитетот на геополитичкиот судир со Русија, одат во прилог на брзиот влез на Македонија во НАТО, но за реализација на таа цел потребно е да се исполнат неколку важни домашни задачи од кои јас би сакал да истакнам неколку:

Тоа што се вика вмро-дпмне, тоа не е политички фактор, туку е структура со која, не новата власт, туку Македонија е во војна. Како таа војна ќе се води, каква тактика ќе се одбере, тоа се други прашања, но целокупниот однос и политиките мора да се базираат на оваа оценка и на овој став: Ние сме во војна со нив, односно тие се со нас! Продолжување и интензивирање на разградбата на режимските инсталации на вмро-дпмне, чистење на минските полиња од чипирани идиоти на важни или помалку важни, но сепак влијателни позиции и разорување на културата на вмровштината во сите сфери. Без пардон и без преценување на моќта на нивната реакција.

Цврсто држење на правецот кон Европската Унија со стратегиското партнерство на САД и расчистување на преостанатите валканици на теренот, со итно прифаќање на компромисно име со Грција. Пробив и доминација во медиумската сфера, не на СДСМ, туку на демократските сили кои се борат против силите на деструкцијата, на смртоносната вмровштина. МРТВ, во таа смисла, мора под итно да се стави под таква контрола.

Разрешување на Зврлевски пред одморите, а веднаш по одморите енергична акција за криминалистичка обработка на злосторничките инсталации во правосудството. Се разбира и политичка, во рамките на најавените реформи, но мислам дека криминалистичката обработка е законска обврска и ќе помогне да се реализира и политичкиот дел од обврските.

Законот за јазиците и другите прашања од меѓуетничкиот сет можат да одат на рецензија во Венецијанската комисија, но основата на решенијата е во ставот на македонската страна дека со апсолутната рамноправност со Албанците, никој не губи ништо, туку сите добиваат сè.

Чувство на незадоволство

Договорот со Бугарија и спектакуларниот настап на Џафери во Крушево, покажуваат дека општеството е зрело за сериозни промени и исчекори од себе и таа атмосфера мора да се искористи за нови зафати со кои Македонија и луѓето ќе се менуваат за да можат да опстанат и да се развиваат.

Поголем дел од критиките кон новата власт ги сметам за оправдани, а поголемиот дел од тие што не ги сметам за оправдани, ми се гледаат благородни и добронамерни. Критиката мора да биде конститутивен елемент на политичкиот процес и воопшто на реконституцијата, на просперитетот на Македонија. Комбинацијата од тешкото наследство на злосторничкото здружување на вмро-дпмне, високите очекувања од освоените простори на слободата и политиките, кадровските и идејните структури на новата власт се тој амбиент во кој и Заев да го прашате ќе ви рече: можевме побргу, потемелно, подлабоко, попаметно...

Но, тука сакам да обрнам внимание на еден друг вид на критики, на една форма на специјална војна што се води по социјалните мрежи и во другите медиуми, во комплетниот јавен и подземен простор, со упумпување на најдеструктивни и депресивни ставови и проекции, преку која систематски се шири чувството на незадоволство и не само на незадоволството од моменталните ситуации и резултати, туку и ставот дека сите шанси се загубени и дека не ја бива работата, дека се е договорено со старата власт, дека никој во суштина нема да одговара и така натаму.

Тоа е, се разбра, елемент на геополитичкиот судир за кој говоревме на почетокот и во кој на надворешниот фактор, на Москва и на некои кругови во Белград им одговара да се шири таа зараза на безизлезот, а на домашните бандити и потешки злосторници од вмро-дпмне им одговара како ментален пожар што тие и нивните луѓе го шират исто како што ги шират и шумските пожари.

П.С.

Сите се согласија дека би било убаво првиот удар во Суперкупот да го изведе Никола Груевски. Така што ќе ја шутне сопствената глава! Но, дебатата што во меѓувреме се отвори, се закани да ја упропасти благородната намера на авторот на овој бисер.

Мојата скромност.

Демек, кој треба да му ја отсече главата?!

Дали Груевски ќе се согласи да му ја отсечат главата!?

Ако се согласи да му ја отсечат главата, дали ќе сака да си ја шутне!?

Што би требало да им се даде на шутерот и на главата за да се ублажи ударот, да не биде болен и за телото и за главата, морфиум, можеби...И така натаму.

Но, јас мислам дека прашањето не е најкоректно поставено.

Кој би можел да му ја скине главата на скотот, не е вистинското прашање.

Макар што лицитацијата може да биде интересна: новиот извршен одбор, злотворите што испаднаа од играта на троновите во вмро-дпмне, реформистите, групата околу Кекеновски, личностите што влегоа во обвиненијата на Специјалното јавно обвинителство...

Јас мислам дека главата му ја отсекоа шрапнелите на првата бомба, а решението да се декапитира е донесено уште пред да биде устоличен, тој беше донесен со идеја да ја одработи работата што ја одработи и да биде политички ликвидиран.

Во Пржино му беше ставена протеза.

А низ третманот во СЈО и таа протеза му беше демолирана.

Бламажите што му се случија и нему и на неговото злосторничко здружување во врска со внатрешното и надворешното позиционирање на вмро-дпмне, вклучувајќи ги тука спектакуларните глупости што ги направија околу договорот со Бугарија и прославата на Илинден, ја дополнуваат глетката на еден обезглавен човек и на една обезглавена идеја. Се разбира, тоа не значи дека не е опасен, но не е толку опасен за да не му пријдеме и не го шутнем од теренот на Националната арена Македонија!

Слики: Свирачиња

Извор: Слободен печат