Архитектот на пештерите

09.08.2017 11:34
Архитектот на пештерите

Теологијата, моралот, историјата и секојдневното искуство нè учат дека за да се постигне сталоженост не постојат безброј тајни, туку само една: да се покоруваш. „Прифати го јаремот“, ни повторуваат тие, „и ќе бидеш среќен; биди нешто и ќе бидеш избавен од своите маки“. Навистина, на земјата сè е занает: професионалци на времето, службеници на дишењето, великодостојници на надежта, нè чека едно место уште пред да се родиме: нашите кариери ни се спремаат во мајчината утроба. Како членови на еден официјален универзум, ние во него треба да имаме едно место, преку механизмот на една строга судбина, што е попустлива само спрема лудаците; тие барем не се принудени да имаат вера, да ѝ пристапат на некоја институција, да поддржат една идеја, да проследат некоја активност. Откога настанало општеството, оние што сакале да се оттргнат од него биле прогонувани и исмејувани. Сè ти се простува ако имаш некој занает, еден поднаслов природен на твоето име, еден печат врз твоето небитие. Никој нема смелост да извика: „Не сакам ништо да работам“; поблаго постапуваме со еден убиец одошто со еден дух што се ослободил од делата. Мултиплицирајќи ги можностите да се покорува, откажувајќи се од слободата, убивајќи го скитникот во себе - така човекот го усовршил робувањето и се потчинил на фантомите. Дури и својот презир и својата бунтовност ги негувал само за да им биде потчинет, зашто тој е роб на своите постапки, дела и расположение. И по излегувањето од пештерата, тој си го задржа суеверието спрема нив; бил нивен затвореник, а станал нивен архитект; тој ја овековечува својата првобитна состојба со голема инвентивност и суптилност; но, во основа, зголемувајќи ја или намалувајќи ја својата карикатура, тој прави плагијат од самиот себе. Шарлатан, кому му недостасуваат конци, тој сè уште создава илузии со своите превиткувања и гримаси...

Извор: Précis de décomposition, Gallimard 1993

Вез: Мишел Кингдом

ОкоБоли главаВицФото