Токсична машкост

09.08.2017 12:34
Токсична машкост

Токсична машкост. Побарајте го овој израз на интернет – тој се однесува на верзијата на машкоста заснована на стоицизам, доминација врз другите, сексуална агресија, насилство и мизогинија – ќе ви се појават повеќе од 500 000 резултати. Овој концепт доспеа во фокусот на јавноста изминатите неколку години од неколку причини: нашиот врховен недоделкан мангуп кој сака да фаќа жени е во Белата куќа, Бил Козби ја избегнува раката на законот обвинет за сериозни сексуални напади, полицајци не одговараат за убиство на невооружени црни момчиња и мажи, масовните пукања со огнено оружје од страна на пореметени мажи се случуваат хронично, кандидат за конгресмен нокаутираше новинар и сепак беше изгласан, а неконтролираниот и бездушен Конгрес дополнително се труди да ги обесправи жените, децата, сиромашните и старите одземајќи им ја и онаа мала контрола врз сопственото здравје.

Пред неколку месеци уште една иницијација во универзитетско братство заврши со смрт кога Тимоти Пиаца на Универзитетот „Пен Стејт“ под притисок на врсниците се предозира од алкохол и како последица на падот им подлегна на смртоносните повреди, затоа што неговите „браќа“ одбиле да повикаат брза помош. Малициозното онлајн малтретирање на жените, особено феминистките, денес се прифаќа како составен дел на модерниот живот. Затоа не изненадува што медиумите како Слејт, Форбс, Атлантик, Плејбој, вестите на ABC и Фокс се занимаваат со овој феномен.

Иако феминистките се особено загрижени заради оваа појава, тие не го измислиле терминот токсична машкост. Тој потекнува од машките движења од 80-тите и 90-тите години на 20. век кои сакаа да укажат на тесната, општествено коструирана верзија на машкоста што ги присилуваше мажите да ги негираат своите вистински чувства и меѓусебно да се натпреваруваат наместо да се поврзуваат и соработуваат.

Но, овој концепт почнаа да го употребуваат и социјалната и клиничката психологија при анализата на начините на кои екстремната везија на машкоста ги повредува не само другите – особено жените, децата и геј мажите – туку и самите „токсично мажествени“ мажи.

Различни студии ја докажуваат врската меѓу мажите кои ги прифаќаат моделите на однесување на токсичната машкост и делуваат во согласност со неа и од друга страна, редицата проблеми: од проблематични врски и депресија, алкохолизам, манифестирање на бес, физички напади и други криминални однесувања, па се’ до самоубиства. На Универзитетот во Инидијана, во 2016 година биле прегледани 78 студии кои опфаќале речиси 20 000 испитаници и се покажало дека мажите што одговараат на стереотипните мачо модели на однесување многу поретко бараат помош за тие проблеми и главно се одликуваат со лошо ментално здравје. Еден од моделите кои „најдоследно и најсилно“ се поврзуваат со негативно ментално здравје е желбата да се има „моќ врз жените“. Што е заклучокот на авторите на тие истражувања? Сексизмот е штетен и за мажите.

Зборот „токсичен“ на десницата ѝ послужи како громобран: врз него се прекршија молњи и громови затоа што конзервативците го расипаа, така што сега сугерира омраза кон мажите. Кога новинарот на тв каналот „Фокс“, Тод Старнс дознал дека некои колеџи нудат курсеви кои ја објаснуваат токсичната машкост и ја поттикнуваат борбата против таа појава (реакција делумно условена од зачестеноста на сексуалните напади во универзитетските кампуси), изјавил дека тие курсеви „се обидуваат да ги уверат мажите да развијат женски гениталии“. Текстот во „Федералист“ едноставно насловен „Со трендот на токсичната машкост, момчињата се обвинети што се од машки род“, инсистира дека „вродениот физиолошки склоп на мажите е погрешен, глупав и дури токсичен“.

Всушност, научниците го тврдат спротивното – токсичното однесување нема врска со вродениот физиолошки склоп. Како што инаетливиот (и расистички) одговор: „Сите животи се важни“ ја промашува поентата за структурниот расизам, така и реченицата „тие ги мразат мажите“ го замаглува фактот дека насилството и мизогинијта стануваат составен дел на животот на некој маж заради насилничко воспитување, тешките економски услови и бруталното опкружување или пореметените односи меѓу врсниците.

Погрешното претставување на проблемот кој без сомнение е сериозен и неспорно културно конструиран и родово втемелен е неодговорно и кратковидо, особено со претседател кој со задоволство се препушта на таквата практика, ја оправдува и ги охрабрува другите да му се придружат.

Можеби ни е потребен подобар збор од „токсичен“. Но десницата на многумина свои верни следбеници им прави лоша услуга со тоа што автоматски одмавнува со рака кога станува збор за проблем што е погубен за јавното здравје.

Во меѓувреме, ние феминистките и прогресивните луѓе мораме не само да продолжиме со искажувањето огорченост заради насилството врз најчестите жртви на токсичната машкост – жените, луѓето со поинаква боја на кожа, децата, ЛГБТ заедницата, туку мора да ги потенцираме и отровните последици врз мажите. Тоа не е само стратегиски важно, туку е клучно за сузбивање на проблемот. Заради подемот на трамповската верзија на силеџиска машкост (која што милиони мажи не ја отелотворуваат, а многумина и ја осудуваат) лесно се прави превид за штетата што им ја прави токсичната машкост не само на луѓето на маргините, туку и на многу мажи.

Слики: Boino

Извор: In These Times

ОкоБоли главаВицФото