Непристојност, најблаго кажано!

10.08.2017 11:35
Непристојност, најблаго кажано!

Еве, да речеме дека и Суперкупот и Стадионот и Аеродромот и Вардар и Водно и Крстот на Водно, ги има направено Тој, од на мајка му парите!

Налага ли минималната пристојност да го поштеди народот од себе и од приказната за своето дело, додека овој ужива во неговите добродетелства.

Налага, се разбира.

Но, не!

Тој влегува во породилната сала и приоѓа на жената што се напнува да се отвори уште некој прст, чека да се намести камерата на Шител што ја влече со себе и и вели: се разбира, госпоѓо, вие и вашиот сопруг сте главни во целата операција, но боксот на кој лежите и целава Гинекологија, се е тоа мое дело, дело на мојата влада, да не бевме ние, можеби, ќе се пораѓавте на нива, кравите ќе ви го лижеа детете...дали ме разбирате госпоѓо, за кого ќе гласате во октомври!?

Потоа се качува на еден од корабите на Вардар. На масата лево од влезот, човек јаде варена коњетина во сос од портокали, модри сливи и мед. Груевски му приоѓа и му вели: "Како коњетината господине, добра, а, а знаете ли кога ќе јадевте коњетина на кораб во Вардар да не бевме јас и вмро-дпмне, нашата влада, никогаш, драг мој господине, никогаш, со комуњарите ќе си јадевте десет со кромид кај Дестан, ете тоа е, за кого ќе гласате на локалните избори. За вмро-дпмне? Нормално, не е нормално вие да уживате во нашите дела, а ние да наебеме и да завршиме во Идризово само затоа што вие можеби немаше да ги знаете овие работи што јас ви ги кажав сега, извинете, ако бев напорен, пријатно!

Движејки се така во превец југ- север, бившиот премиер доаѓа до капелата на гробиштата Бутел, вади од фрижидерот сандак со некој пресно умрен човек, го штипнува за се уште мекиот образ и уште пред овој да ги отвори очите му вели: Ех, драг мој господине, вие и вашите најмили сметате дека вашата смрт е случајност, но јас ве уверувам дека не е така, да не бевме јас и вмро-дпмне и нашата посветена влада, вие се уште ќе бевте жив, и ден денеска ќе живеевте под власта на комуњарите, нели ви се чини дека јас оправдано барам од вас да ни помогнете да ги победме на локаланите избори во октомври!

Слики: Свирачиња