Каталонска реприза со југо-сценарио

10.08.2017 14:15
Каталонска реприза со југо-сценарио

Одамна е забележано дека темите за распад на сложените држави во Западна Европа се присутни и подолго од времето на „падот на комунизмот“ во 1989 година. Но, оттогаш се распаднаа само федералните држави на истокот и ниедна на западот од Европа. Ако за почеток го занемариме Брегзитот, иако тоа реално не е можно, распадот на Велика Британија е тема која е циклично присутна во политичкиот живот на земјата со различен интензитет уште од седумдесеттите години. И денес страдаме од настојувањата на шкотските сепаратисти за самостојност и зачленување во ЕУ. Таквите движења не ја следат линијата на раздвојување на политичката левица и десницата, поточно во нив можат да се согледаат двете тенденции, но и „суверенистичката“ цел која ја надминува таквата поделба.

Веќе долго време истото се случува и во Шпанија, каде богатата и голема покраина Каталонија, со Барселона како свое средиште, се заканува со отцепување, кое сè уште не се случи. А, не недостасуваа неколку обиди. Ако ја оставиме настрана историјата на милитантните облици на борба за независност, многу Каталонци сакаат со референдум и почитување на правото на самоопределување преку одвојување да создадат нова независна држава. Но, токму тоа „народно чувство“ претставува дел од проблемот за кој не се знае дали може да се разреши со референдум спроведен само во дел од Шпанија, во Каталонија. За тоа како сепаратистичките движења бараат легитимитет на референдум и дали тој може да им го даде и на каков начин, на овдешните простори имаме големо искуство, но и после четвртина век од „мрачниот распад“ сето тоа не е подложно на едно единствено толкување. Шпанија е на половина пат да учи од нас, но големото прашање е дали ќе ја помине другата половина.

Еден референдум веќе се одржа. Тоа се случи пред три години, кога 80 проценти од оние што изглегоа, гласаа за независност на Каталонија. Бидејќи се работеше за бројка од 2,3 милиони гласачи наспроти 5,4 милони кои добија право на глас од покраинските власти, референдумот не беше важечки зашто не се изјасни апсолутното мнозинство. А, и да беше поинаку, ништо немаше да се промени зашто централната влада во Мадрид јасно порача дека нема да ги признае резултатите. Три години подоцна, на шпанската политичка сцена многу нешта се поинакви, но барањето за нов референдум и неговото повторно распишување за 1 октомври годинава се чини како повторување на историјата. Дали ситуацијата ќе се повтори или ќе се случи нешто сосема друго, засега е тешко да се каже, зашто двете страни ја заоструваат реториката со нови елементи. А, ни играчите веќе не се исти. Да се потсетиме само на состојбата на партиската сцена во Шпанија, каде на изборите во декември минатата година конзервативците од Народната партија (ПР) освоија 28 проценти од гласовите. Втори се социјалистите (ПСОЕ) со 22 проценти, а речиси ист број гласови (21 процент) доби и левото движење, претворено во партијата Подемос. Пред самите избори десничарите преку своето контра-движење создадоа нова партија Граѓани (Ciudadanos), која веднаш успеа да освои 14 проценти од гласовите.

Досега, коментаторите главно констатираа дека Обединетата левица, формирана по изборите, ја поткопува независноста на Каталонија. Или, подобро кажано: нејзината голема автономија, која, меѓу другото делумно веќе и ја има. Партијата-движење Подемос не се противи на уште еден референдум, но националните прашања не се во центарот на нивното внимание фокусирано на економијата. И, додека по прашањето за референдум се либерални (иако, историскиот либерализам – додека сè уште се идентификуваше со ширењето на пазарот според начинот на „правење“ нации – секогаш беше за обединувачите и ширачите на нациите, а не за сепаратистите), социјалистите од стариот ков околу ПСОЕ жестоко се противат. Но, ни едните ни другите не сакаат нова, независна држава, туку Каталонија, додуша на радикално поинаков начин, да остане во состав на Шпанија.

Она што е поинакво во актуелната ситуација се и големите расцепи во рамки на кампањата за независност, која веќе ја спроведува владата во регионот. Критиката е присутна и во јавноста, каде што мудроста мора да ја собере во фишек. А, како што знаеме од искуство, само вистинските патриоти грицкаат семки од фишек. Иако каталонскиот е поголем од мадридскиот, кај вториов е сконцентрирана поголема моќ.

Каталонската режисерка Изабел Коишет, меѓународно позната по своите филмови „Мојот живот без мене“ и „Тајниот живот на зборовите“, е само последната во големата низа познати личности, но и организации кои станаа критични не само спрема идеите за референдум, туку и спрема пропаѓањето на демократската, отворена и јавна дискусија. Иритирана од пропагандниот плакат на кој има слика од младиот диктатор Франциско Франко и насловот кој алудира дека секој што нема да заокружи „да“ и да биде за независност е потенцијален или реален фашист, таа даде подолга изјава за весникот El Pais во која ги изнесе своите аргументи против референдумот. Зашто, како што кажа, создадена е атмосфера во која луѓето се плашат јавно да зборуваат, половината од нив се чувствуваат замолчени и елиминирани од јавниот дискурс зашто постои опасност да бидат етикетирани, па дури и, како што гледаме, како фашисти. Пред сè, се истакнува нејзината теза дека дебатата за националниот идентитет со својата жестокост ги проголта сите други политички теми. „Сè уште чекам некој да ми каже како ќе изгледа таа наша каталонска република“, рече таа.

Дека идната Каталонија ќе биде република, се знае од веќе објавеното референдумско прашање кое гласи: „Дали сакате Каталонија да биде самостојна држава во облик на република?“ Но, за Изабел Коишет е тешко да се согледа разликата помеѓу десничарските, центристичките партии и каталонската националистичка десница. Најмногу зашто и на двете страни повеќе им одговара заострувањето отколку дијалогот.

„Ставот на владата во Мадрид е речиси како познатата карикатура на мајмун. Мадрид е глув и нем“, рече таа и додаде дека каталонската власт е среќна заради тоа, зашто никогаш не тежнеела кон дијалог. Напротив, смета Коишет, нејзе како да ѝ одговара владата во Мадрид за забрани одржување на референдум, а тие потоа за инает со уште поголем жар секако ќе го распишат. Каталонската влада се одлучи за независност и не ја интересира ниедна друга опција, ниту има интерес за нејзините ставови. „Тоа е емоционализиран пристап кој го игнорира разговорот за економијата, а место него постојано поттикнува чувство на исклучителност и разлика. Меѓутоа, тоа е детинеста основа за создавање една нова земја. Досега не видов ниедна реална анализа за тоа кои би биле предностите од независоста“, смета Изабел Коишет.

Значи, референдумот непотребно го поларизира општеството и од дискусијата ја исклучува онаа половина од населението во кое спаѓа и Коишет. За неа, да се чувствуваш Каталонец и Шпанец не е антагонистички концепт. Покрај тоа, владата од регионот веќе подготви специфична законска легислатива која би требало да им ја обезбеди независноста така што чекор по чекор ќе го исклучува дејствувањето на законодавната рамка на Шпанија во регионот. Прогласувањето независност, доколку за тоа се одлучи сè уште недефинираното, потребно мнозинство, ќе се случи веднаш, поточно 48 часа по објавувањето на резултатите од референдумот. Подготвениот Закон за референдум би вовел „исклучителен правен режим“ кој би имал предност пред другите правни прописи, па и спрема шпанскиот Устав. Сето тоа се изведува од членот 2 од Законот во кој се наведува дека „народот на Каталонија е суверен политички субјект“. Со Законот се предвидува воведување независен изборен авторитет, задолжен за организирање и надзор на гласањето. Дали пред референдумот ќе биде изгласан таков закон во каталонското собрание, ќе се знае за еден месец, кон крајот на август.

Расколот во редовите на оние кои се залагаат за независност се случи по настапот на каталонскиот министер Џорди Беже, кој се посомнева во смислата на уште едно правно необврзувачко изјаснување, па доби јавен укор од страна на претседателот на Каталонија, Карлос Пучдемонт. Веќе се сменети и три министри во регионалната влада кои беа недоволно ревносни за самостојноста. Изминатиов месец, сто каталонски академици и политичари, а меѓу нив и поранешниот социјалистички градоначалник на Барселона, го потпишаа манифестот за суспензија на референдумот, зашто, како што тврдат, со него „не се обезбедени минималните демократски барања“. За идејата за постапно законодавно „исклучување“ велат дека претставува „перверзија на политичкиот систем, руинирање на граѓанската хармонија и хаос во каталонското општество“. Минатата недела се појави уште еден манифест, потпишан од страна на 200 претставници на каталонскиот дел од шпанското левичарско движење-партија Подемос, во кој велат дека нема да го поддржат референдумот зашто „значаен дел од населението не се чувствува повикан да партиципира во целата приказна“. Да потсетиме, на првиот референдум одржан 2014 година повеќето гласачи кои излегоа на референдумот горливо ја поддржаа независноста, но повеќето и беа такви, додека реалното, апсолутно мнозинство апстинираше. Истражувањето на јавното мислење кое го нарача каталонската власт покажува континуиран пад на поддршката за независност. „Само“ 41,1 проценти велат дека ќе заокружат „да“, додека 49,4 проценти во моментов се определени за „не“.

Во своите настапи кои не се чести, премиерот на Шпанија, Маријано Рајо им се закануваше на организаторите на референдумот и со затвор, а Уставниот суд ги забрани сите такви активности, нагласувајќи дека сите кои го подготвуваат се во конфликт со законот. А, што им се случи на оние кои го подготвуваа референдумот пред три години? Некои од нив навистина завршија на суд. Така, Јоана Ортега, сега поранешна премиерка, доби законска забрана за извршување јавни функции на 21 месец, а тогашниот гласноговорник на каталонската влада Францеск Хармс, кој во меѓувреме стана критичар на идејата за новиот референдум, 13 месеци забрана за јавна работа.

Како заклучок, треба да се каже дека повеќето жители на Каталонија го поддржуваат одржувањето на референдумот. Сега таа поддршка е 74 проценти. Па, и новата лева партија Catalunya en Comu, од која потекнува градоначалничката на Барселона, Аде Колау, ја поддржува идејата за референдум, токму како и повеќето синдикати, здруженија на работодавачи, па дури и фудбалскиот клуб Барселона. Истовремено, истото мнозинство кое се залага за одржување референдум верува дека со него нема да се постигне ништо, зашто тој повторно нема да има правна тежина. Исто така, тешко е да се замисли дека тој би поттикнал низа меѓународни признанија за независната каталонска држава. Но, тоа нималку не ја возбудува сегашната гласноговорничка на каталонската влада. Секако, таа мисли дека институциите на Европската унија не само што нема да им го забранат тоа, туку во одреден момент би можеле и да им помогнат. Притоа, се повикува на искуството на поранешната југословенска република Словенија, а би можела да ја земе предвид и Хрватска. Зашто, тие земји се примери кои потврдуваат дека некогашните сепаратисти станаа полноправни членови на ЕУ. Уште само да наведеше дека тие поранешни сепаратисти сега се противат на секаков сепаратизам во Унијата.

Извор: http://www.portalnovosti.com

ОкоБоли главаВицФото