Разделба

11.08.2017 11:13
Разделба

Ги има секакви, рече таа. Гласно ми зборуваше за разделбите а мене сè како шепотење ми звучеше. До моментот ќе да е, си помислив. Сè наоколу тажно беше. Згора, изгледаше и малку глупо на разделба да збориш за разделби. Како да немаше останато ниедна друга тема. Знае ли оваа дека има и вакви, безвезни разделби, си помислив. Толку безвезни што при нив не можеш никаков муабет да развезеш. Барем некоја индиректна темичка; само колку да не се заврши онака како што оваа сигурно ќе заврши, без испраќање.

Но не реков ништо, ќутев и слушав; дека имало кратки разделби, за идење на работа, на школо, на супермаркет. Тие станувааат рутински. Но радоста е во враќањето. Враќањата не се рутински. Тоа се идимидојди разделби, ја слушав и преведував за себе. Па има и малку поретки, печалба, студирање надвор итн.

Застана на кратко и не продолжи да зборува, се плашеше да не стигне до мене и мојот пример. Знаеш, ми рече, мислам дека во природата најдобар еквивалент за овие разделби се преселбите на птиците.

И пак престана, знаеше дека и јас кога-тогаш на југ ќе отпатувам. Одеднаш сакав да прозборам и да викнам гласно: немаш поим, ластовице, колку гнездата се менуваат кога во нив ќе се вратиш, следната сезона. Ама не, пак заќутив, разделба е сепак, не се ласка при разделби, па ни на ластавици. А при разделба ни од укор ќар нема.

Возбудено, како учителка на пет минути до ѕвонче, ми кажа дека има и конечни. Беше толку млада за и на смрт да помислила. Ама теоретски тоа беше логичен крај на нејзиното предавање. И заќуте, погледна кон мене, тоа значеше дека на мене е ред да кажам нешто. Јас само промрморив дека има и невозможни. Не сфати. Се разделивме, тажно, молкум и без испраќање.

Мене после таа разделба само ми се пееше, и тоа секогаш една тешка, плачлива арабеска која завршуваше со: смртта Бог ја одредил, барем разделба да немаше. Не запеав, не плачев и сигурно таа разделба не ја сфатив. Всушност, докрај не ги бев сфатил ни другите разделби.

Та така отсекогаш се чудев зошто кога мајка ми ме испраќаше имав чудни проблеми со здравјето. Мислев дека е од патот. Мачно ми беше при секое испраќање, мислев дека е од уморот. Не открив колку мудра беше баба ми кога здружено со мајката на мојот другар од детство решија да нè скараат за да можеме да си го поднесеме испраќањето. Кога другар ми се иселуваше од земјата јас имав девет години и една лута рана. Намерно нè скараа за лути еден на друг да се разделиме.

Не сфатив колку разделби имало при раздружувањата на балканските народи додека читав за Грците и Турците кои според државен договор требало да си ги менуваат маалата, спомените, градовите и бавчите. Дури ни еден од најсаканите раскази кои сум ги прочитал не го бев сфатил до крај зашто разделбите не ги разбирав. Расказот од „Даблинците“ на Џојс каде се опишува разделба на девојка која во последен момент не заминува со морнарот. Везден: чуму останување, чуму одење, се прашував, трудејќи се да разберам.

Многу, многу години подоцна разбрав. На пола живот сум, стареам, сега сум кај конечните разделби. Сега слушнав една друга песна која вели дека секоја приказна има крај, секое племе роден крај. Не е важно кој иде кој останува. Важно беше сè да дојде на свое место. Ова е нешто повеќе и од иднина и од судбина - правдина. И мажот да дојде од работа и жената од шопинг и птиците во гнездо.

Јас, планинскиот морнар во мојата пештера, таа во куќата покрај реката. Па какви ќе беа судбините да немаше разделби? Стварно, само преку разделби сè доаѓа на свое место. Зарем не научивме дека не треба да се осврнуваме, плачеме, збогум да кажуваме а на довидување да мислиме?И уште, притоа, невозможни си остануваме, онака како што само ние луѓето знаеме да бидемe.

Фотографија: Анета Георгиевска Шајн

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Јавни простори / Книжевност
Книжевност
Книжевност / Култура
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото