Зошто треба да се учи германски јазик

11.08.2017 14:36
Зошто треба да се учи германски јазик

Почнав да учам германски на возраст од 13 години и сè уште точно не знам зошто беше тоа љубов на прв звук. Одговорот мора да е: совршеноста на мојот учител. Г-дин Кинг беше ретка појава во англиското приватно училиште, тој не се фалеше со својата културна широчина: благороден и интелигентен човек, кој во екот на Втората светска војна и понатаму без задршка ја сакаше Германија, за која знаеше дека сè уште постои таму некаде.

Не се приклучи на хорот на антигерманскаta пропаганда, туку избра своето мало одделение упорно и доследно да го инспирира со убавината на јазикот, литературата и културата. Еден ден ќе се врати вистинската Германија, имаше обичај да каже. И беше во право: таа се врати.

Зошто за мене тоа беше љубов на прв звук? Во тоа време малкумина наставници на своите ученици им пуштаа грамофонски плочи, како што практикуваше г. Кинг. Плочите беа стари, многу вредни за него и за нас, а ги чуваше во кафена кеса, во чантата што ја ставаше во кошничка на велосипедот кога доаѓаше во училиштето.

Што имаше на тие скапоцени плочи? Гласовите на германските класични актери, кои читаа германскa романтична поезија. Плочите малку крцкаа, но тоа беше дел од нивната убавина. Во моето сеќавање продолжија да крцкаат до ден денес:

Du bist wie eine Blume - кврц - So hold und schön und... - кврц (Хајнрих Хајне)

Bei Nacht im Dorf der Wachter rief... - кврц ( Едуардо Морике)

Многу ги сакав. А научив и да ги имитирам, а потоа и да рецитирaм, сосе крцкањето. Открив дека јазикот ми одговара. Тој соодветствуваше со мојот говорен апарат. Беше милозвучен за моето нордиско уво.

Ми се допаѓаше идејата дека овие песни и јазик што ги учев се само мои, бидејќи германскиот не беше популарен предмет и малкумина од моите соученици знаеја повеќе зборови оd оние nekolku: „Achtung!“ и „Hande Hoch!“ што ги научиле од пропагандните филмови.

Но, благодарение на г-дин Кинг бев попаметен. И кога ми здодеа моето англиско училиште, германскиот јазик ми беше засолниште. Тоа беше во 1948 година. Не можев да одам во Германија, па отидов во Швајцарија и на 16- годишна возраст се запишав на Универзитетот во Берн.

Vо Швајцарија имав прекрасна учителка, Фрау Карстен, строга госпоѓа од северниот дел на Германија, со побелена коса врзана во коњска опашка, која исто како г-дин Кинг возеше велосипед исправена како стрела додека побелената коса ѝ скокаше по грбот.

Затоа не беше чудно што, кога подоцна го служев воениот рок, ме испратија во Австрија. Ниту беше чудно што по војската отидов да студирам германски јазик на Оксфорд. А потоа да го предавам во Итон.

Германскиот јазик може да биде многу забавен. Со него може да се задевате, поигрувате и да се потсмевате. Само заради забава, можете да измислувате сопствени огромни зборови, кои истовремено се точни. Еднаш Гугл ми го понуди зборот Donaudamp-fschiffsfahrtsgessellschaftskapitän.

Веројатно сте слушнале за анегдотата на Марк Твен кој кажал: „Некои германски зборови се толку долги што имаат сопствена перспектива". Можете да измислувате смешни придавки како „мојот-неодамна фрлен – од моите родители преку прозорец- плеј стејшн". И кога ќе се изморите од именки и прилози нанижани во сложени зборови, може да се одморите со беспрекорните песни на Хелдерлин, Гете и Хајне, кои ќе ве опуштат и ќе ве потсетат дека германскиот јазик може да го достигне врвот на едноставноста и убавината и зошто за многумина од нас, тој е јазикот на боговите.

И покрај целата своја претенциозност, германскиот јазик ја сака едноставната моќ на едносложните зборови.

Според мене, одлуката да се научи странски јазик е знак на пријателство. Таа е подадена рака. Тоа не е само пат кон преговори. Тоа е начин подобро да те запознаам, да ти пријдам, да се доближам до твојата култура, социјални обичаи и до твојот начин на размислување. А одлуката да се предава странски јазик е израз на посветеност, дарежливост и посредување.

Тоа е ветување дека ќе едуцирате и ќе оспособите. Но и дека ќе разбудите; ќе запалите пламен за кој се надевате дека никогаш нема да згасне; дека вашите ученици ќе ги поведете кон сознанија, идеи и откритија до кои никогаш не би дошле без вашата посветеност, трпение и вештина.

Да го цитирам Карло Велики: „Да се има втор јазик значи да се има уште една душа“. Можел да додаде дека предавањето втор јазик значи всадување на уште една душа.

Се разбира, да се помират овие две души на кое било сериозно ниво бара значителна ментална агилност. Нè тера да бидеме попрецизни, да се соочиме со значењата, да размислуваме рационално и креативно и никогаш да не бидеме задоволни сè додека не го најдеме соодветниот збор или - како што се случува - додека не сфатиме дека таков збор не постои и тргаме во лов на фраза или парафраза што ќе ја заврши работата.

Не е чудо што најсовесните редактори на моите романи не се оние на кои англискиот им е мајчин јазик, туку моите преведувачи, кои безмилосно ги откриваат моите тавтологии и фактички грешки - што ги има многу кај мене. Мојот преведувач на германски знае да биде особено иритантен.

Во необичниот период низ кој во моментов поминува светот – само нека биде пократок - во чудо слушаме контрадикторни и неразбирливи изјави што ни доаѓаат од другата страна на Атлантикот. Преку ова чудење се соочуваме лице в лице со употребата и злоупотребата на јазикот.

Јасниот, луциден и рационален јазик претставува егзистенцијална закана за човек што војува со вистината и разумот. Тој јазик е директен напад на неговите замаглувања, контрадикции и лаги. За него, тоа е гласот на непријателот. За него тоа се лажни вести. Бидејќи тој го знае, дури и само интуитивно, она што ние сме го платиле со сопственото искуство, дека без јасен јазик нема стандард за вистината.

Тоа му значи јазикот на лингвистот. Оние што го предаваат јазикот, оние кои ја негуваат неговата убавина и прецизност се чувари на вистината во опасни времиња.

А ако предаваат германски јазик и тоа во Велика Британија зафатена со проблеми – треба особено да се ценат зашто се загрозен вид. Кога деновиве ќе слушнам некој од нашите политичари како вели: „Да бидам сосема јасен", се фаќам за пиштол.

Предавајќи германски, ширејќи разбирање на германската култура и живот, денешните добитници на награди и нивните колеги ќе помогнат да се балансира европската расправа, да се направи пристојна и да остане цивилизирана.

Тие ќе им се обраќаат првенствено на оние кои се најголемото богатство на оваа земја: просветената младина која - со Брегзит или наспроти него – ја гледа Европа како свој природен дом, Германија како свој природен партнер и заедничкиот јазик како нешто што природно ги поврзува.

......

По завршувањето на студиите и воениот рок во Швајцарија, Џон ле Каре (Дејвид Корнвел) беше назначен за втор секретар на Британската амбасада во Бон, а потоа за британски конзул во Хамбург. Овој текст е дел од говорот кој Каре го одржа на церемонијата на доделување награди на наставниците по германски јазик во германската амбасада во Лондон на 12 јуни оваа година.

Извор: The Guardian

ОкоБоли главаВицФото