Илустрирана книга за деца за љубовта меѓу Гертруда Штајн и нејзината сопруга

12.08.2017 11:47
Илустрирана книга за деца за љубовта меѓу Гертруда Штајн и нејзината сопруга

Едно септемвриско попладне во нејзината триесетта година, првиот ден како американска иселеничка во Париз, Алис Б. Токлас (30 април 1877- 7 март, 1967) се сретна со една "златно кафена појава, изгорена од тосканското сонце, со златен зрак во нејзината темна коса "- жена облечена во кафен кадифен костум, која малку зборуваше и многу се смееше, а чијшто глас, како што ѝ се чинеше на Алис, се емитува од големиот корален брош прицврстен на градите.

Таа магична жена беше 33- годишната Гертруда Штајн (3 февруари 1874 - 27 јули 1946 година), која беше воодушевена од Алис како што Алис беше фасцинирана од неа. Од тој ден, па сé додека смртта не ги раздели четири децении подоцна, тие животот ќе го поминат заедно. Гертруда за Алис ќе наслика љубовен „портрет со зборови", обраќајќи ѝ се со „најмила моја“ и ќе остава ноќни белешки покрај нејзината перница, потпишани со „твојата мила". Гертруда ја нарекуваше Алис „жена ми“, а Алис го опиша нивниот заеднички живот во една необична мемоарска книга за готвење.

Во книгата „Среќен роденден, мила Алис“ (Happy Birthday, Alice Babette), писателката Моника Кулинг и илустраторот Чин Ленг ја внесуваат имагинацијата во светот на Гертруда и Алис, креирајќи мека фикција во новелата што опишува еден ден од вистинскиот живот на двојката.

Книгата почнува со епиграф од Штајн:

„Потребно е многу време да се биде гениј, мора многу да седите не правејќи ништо, навистина не правејќи ништо.“

Приказната започнува еден ден кога Гертруда е толку зафатена со неправење ништо што го заборава роденденот на Алис - или така Алис си мисли кога ќе се разбуди чекајќи го изненадувањето, а тоа не се случува. Илустрацијата ја прикажува двојката како во тишина појадува кроасан и чај, нивната сакана француска пудлица Баскет спие во близина, како да е кој било обичен ден.

Загрижена и обесхрабрена заради тоа што Гертруда не ѝ го честитала роденденот, Алис одлучува да го помине денот шетајќи низ Париз. Таа нема поим дека Гертруда ѝ пишува роденденска песна и подготвува специјална роденденска вечера.

Но, има еден голем проблем: Гертруда не знае да готви, па дури ни како да го вклучи шпоретот - таа деновите ги поминува посветена на пишувањето, Алис е задолжена за домашните работи.

Сепак, одлучната Гертруда продолжува со својот план - оди на пазар со кучето, соседот го замолува да ѝ покаже како работи шпоретот и истовремено ја смислува песната за Алис.

Во меѓувреме, Алис ужива во својата прошетка - оди до парк, се вози на рингишпил и гледа куклена претстава.

За тоа време Гертруда го остварува својот план, фалбаџиски честитајќи си ја леснотијата со која ѝ тргнало готвењето.

Но, додека го става главното јадење на шпоретот и тортата во рерна, ѝ паѓа на ум совршен стих и таа ита кон работната соба за да го запише.

И како што кажал, со својата безвременска мудрост, Вилијам Џејмс за поделеното внимание – мултитаскингот го зема својот данок - нејзиниот ум преплавен од зборови и стихови, го губи чувството за време.

Одеднаш, мирисот на чад алармира за реалноста на изгорената торта „најтажниот десерт што Гертруда некогаш го видела".

Токму тогаш влетува Алис зашеметена од радостите на градот.

Откако ќе ја види катастрофата во кујната, таа не се лути, туку брзо и стручно чисти и пече брауни колачи (не смеат да се мешаат со нејзините славни колачиња со хашиш), а Гертруда незгодата со готвењето ја преточува во приказна.

Додека двојката седнува да ужива во колачите, ѕвони ѕвончето – доаѓа група пријатели што Гертруда ги покани на пропаднатата вечера за роденденското изненадување. Тие ѝ честитаат на Алис, јадат, пијат и се смеат, Гертруда ја чита роденденската песна, на Алис ѝ се допаѓа. Навистина, колку среќен, иако непредвидлив роденден.

Иако „Среќен роденден, мила Алис“ е апсолутно шармантна книга, посакувам Гертруда да не ја нарекуваше Алис „пријателка", бидејќи ниту еден хетеросексуален сопруг нема својата сопруга да ја нарече „пријателка" - што е пропуштена можност децата да научат дека љубовта има различни облици и форми и дека има многу видови семејства.

Сепак, сладоста и искреноста на нивната љубов се издигнува над јазикот и зрачи од самата приказна. Дополнете ја со уште некоја документарна илустрирана книга од животот на Гертруда и Алис, а потоа повторно разгледајте ги овие прекрасни ЛГБТ детски книги кои ги слават разновидноста и различноста.

Илустрации: Чин Ленг

Извор: Brain pickings

ОкоБоли главаВицФото