Народот е презаситен од среќните млади парови

26.07.2010 10:50
Народот е презаситен од среќните млади парови

Оук Парк, Илиноис

И покрај тоа што мислењето строго им се разликува околу војната против тероризмот и домашните полемики околу абортусот, дрогата и хомосексуалните бракови, Американците се речиси едногласни кога станува збор за едно нешто – парот од Оук Парк во државата Илиноис, Дејв Петрун и Џулија Де Симон, дефинитивно е одвратен.

“Тие како да си замислуваат дека се првиот заљубен пар во историјата на просторот и времето”, ни рече Алисон Кларк од Бостон, една од илјадниците кои велат дека попрво би се застрелале во глава гледајќи го напредокот на нежната врска меѓу Петрун (28) и Де Симон (25) во текот на последните четири месеци.

Според анкетата што ја спроведоа ABC News и Washington Post, а која е објавена во понеделникот, поголемиот дел од Американците смета дека нивното упорно искажување наклонетост – што вклучува речиси непрестајно држење за рака, кикотење и неподносливи,
срамежливи мали бакнежи – е “ебено смешно”.

Осум од десет анкетирани рекле дека посакуваат да умрат и обајцата, по можност во ужасна сообраќајна несреќа.

“Ако веќе морам да гледам како (Петрун) си игра со нејзините прстиња додека безгрижно шетаат и разгледуваат излози, се колнам во Господ дека ќе скршам нешто”, изјави Сем Вебер од градот Савана во Џорџија, а истото го повторија голем дел од Американците кои очигледно се изморени од бесрамните јавни изливи на чувства. “Тие двајца треба да се соочат со реалноста и да престанат да живеат во тој свет на фантазијата.”

Иако нивниот прв состанок на 30-ти мај помина прилично незабележано, мислењето на јавноста за парот драматично се промени откако се откри дека Де Симон го хранела Петрун со смрзнат јогурт за време на нивниот втор состанок три дена подоцна.
До втората недела во јуни откако Петрун и Де Симон се видени како си пикаат раце во задните џебови додека чекорат по населбата Оук Парк, помалку од 40% од испитаниците од повеќето национални анкети рекле дека ја одобруваат нивната врска. До почеткот на јули тој процент нагло се намалил откако Де Симон го праша Петрун кој од нејзините физички атрибути му е најсладок, по што Петрун одговори со најдетален попис.

“Ама, кого заебаваат тие”, се прашува Ребека Хилард од Анкориџ во Арканзас, самохрана мајка на две деца. “Штом ќе заврши нивниот меден месец, тој ќе ја изневери со бившата девојка, а таа ќе избега кај американскиот народ за да ја утеши.Тоа е толку очигледно што е и глупаво во исто време.”

Според анкетата што на 25-ти септември ја спроведе Институтот за истражување на јавното мислење Zogbs, 36% од Американците направиле гримаса кога Петрун минатиот четврток заиграно ја турна Де Симон без никаква причина, а 45% од испитаниците испуштиле гласна, лута воздишка кога Петрун и’ испрати цвеќе на работа минатиот вторник. Секој трет Американец го опишал начинот на кој Петрун го допре грбот на Де Симон додека таа влегуваше во такси вечерта на 19-ти септември како “сосем непотребен.” “Женската знае да влезе во такси без ничија помош”, изјави неодамна разведениот Адам Брукхајмер од Шревенпорт во Луизијана. “Не го сфаќам тоа непрестајно допирање.”

Во средата телефонските линии за поддршка беа затрупани од повиците на луѓе кои се жалеа на блага, односно силна мачнина откако Де Симон одби, а потоа прифати да ја облече Петруновата маица со ќулавка во текот на вечерната прошетка. Блоговите кои го поддржуваат анти-допирањето, како што е популарниот davejuliebarf.typepad.com, изобилуваат со гласини за тоа како Петрун и Де Симон ненадејно започнале краток и спонтан танц близу фонтаната на улицата Лејк на 20-ти септември. “Изгледа дека папучарот се насмевнува кога ќе го види нејзиното име на екранот од мобилниот телефон”, рече блогерот Џеси Фокс. “Ако толку се сакаат, да му се невиди, зошто тогаш не се земат и живеат среќно и весело до крајот на ебениот живот?”

Последниве недели нивните поддржувачи од Невада, Јужна Дакота и Вирџинија со мнозинство гласови донесоа симболична одлука “изнајмете соба”, со цел да се поттикнат Петрун и Де Симон да ги задржат изливите на нежност за себе. Наспроти тоа, Окоче во Флорида забрани да им се издаде соба на Петрун и Де Симон во кругот на градот.

Додека однесувањето на Петрун и Де Симон не е закана кон ниту еден од постојните статути, градските собранија на Чикаго и Сан Франциско едногласно донесоа заедничка одлука која предлага парот малку да олабави. Дел од одлуката гласи: “бидејќи Дејв и Џулија се впуштија во нивната прва сериозна врска без никакви изгледи дека таа ќе потрае, и бидејќи нивната способност за водење незадолжителен разговор, за инстинктивно знаење што другите мислат и дрдорењето за тоа како се запознале случајно додека седеле еден покрај друг во авионот, натера речиси 300 милиони луѓе да им посакаат да ја затнат устата, нашите градови силно им препорачуваат на Дејв и Џулија
добро да размислат за итно раскинување.”

Недостапни за коментар, Дејв и Џулија наводно веќе правеле планови за патување низ Европа за одбележување на шест месеци од нивната врска во ноември, што веќе ги засили стравовите дека нивната склоност да си ги покажуваат чувствата би можела да ја зголеми меѓународната тензија.

Извор: The Onion, Маргина 79/80

ОкоБоли главаВицФото