Биљана Тануровска и Ивана Васева на фестивалот „ImPulsTanz“ во Виена

12.08.2017 11:38
Биљана Тануровска и Ивана Васева на фестивалот  „ImPulsTanz“ во Виена

Македонските кураторки Биљана Тануровска Ќулавковски и Ивана Васева со перформативната игра-дискусија „Како да направиш фестивал за 100 или за 1000 000 евра", учествуваат на фестивалот „ImPulsTanz“ во Виена (13 јули — 13 август), на симпозиумот насловен „Crisis? What Crisis?! - Dance & Aesthetic – Dance & Labour – Dance & Politics“.

На 13-ти август учесничките од Македонија преку колаборативен концепт ќе иницираат дискусија/игра Како да се направи фестивал со 100 и 1.000.000 евра.

Идејата за овој перформанс/игра потекнува од текстот „Фестивалот како микрофизика на моќта” (Фуко) во регионот и поранешна Југославија” од Ивана Васева, Елена Вељановска и Биљана Тануровска - Ќулавковски, направен во рамките на работната група Термини (Скопје) како дел од проектот „Расшколувано знаење“ во 2012 година. Во овој текст, промената/трансформацијата на поимот, структурата и значењето на фестивалите е дадено низ краток преглед исто како и современото поимање на терминот во контекст на земјите од поранешна Југославија.

Васева и Тануровска Ќулавковски развија идеја за игра која ќе испровоцира дискусија(и) за тоа како кураторските концепти/идеи се влијаени од економската сила, кои правци уметноста и кураторството можат да ги развијат и, на крајот на краиштата, во каква уметност ние веруваме или можеби уште повеќе какво општество ние замислуваме во овие прекаријатни времиња. Оттаму, овој проект поттикнува на размислување надвор од познатото: какви можат да бидат уметничките практики и со тоа уметноста што ја промовираме и продуцираме кога многу добро сме запознаени со границите кои мораме да ги скршиме со цел да овозможиме свеж и нов воздух на уметничката сцена и со тоа да не бидеме жестоко приврзани за фондовите? Исто така, овој проект ја преиспитува улогата/ите на кураторите и програмерите и како оваа улога ја оформува политиката, економијата и контекстот.

Или да бидеме поцинични, кој е прв: кураторството или маркетот?

Проектoт „Како да направиш фестивал за 100 или за 100 000 евра" до сега беше претставен на фестивалот за современ танц Locomotion во ноември 2014 година , на АКТО фестивалот за современа уметност во Битола во август 2015 година, на Co-festival Ljubljana во ноември 2015 година како и на регионалното биенале за кореографија Re//Dance во Букурешт во ноември 2016.

Соработката на Тануроваска-Ќулавковски и Васева веќе подолго време својот фокус го насочува кон проекти кои се на гранична линија на различни медиуми, како истражување, перформанс, театар и обработуваат општетсвено ангажирани теми важни за заедницата. Нивниот последен долгорочен проект беше истражувачкиот перформативен проект „Како мојот живот стана куlтурен работник” кој ја обработуваше прекаријатноста на културните работници во земјава и беше претставен во форма на перформативно предавање во Кино Култура и на POP UP АКТО фестивалот за современа уметност во 2016 година.

„ImPulsTanz“ е еден од најреномираните фестивали за современ танц, формиран во 1984-та година во Виена од културниот менаџер Карл Регенсбургер и кореографот Исмаел Иво.

Со својата годишна програма од околу 50 продукции, изведена на најважните сцени во градот, и повеќе од 200 работилници, каде што танцот се слави во сите негови форми, ноќни концерти и DJ настапи, „ImPulsTanz“ се разви во еден од најзначајните фестивали за современ танц и изведбени уметности во светот.

Во 2012 година, фестивалот е награден со Bank Austria Kunstpreis, најпрестижната уметничка награда во Австрија.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото