Вистинските луѓе и места

12.08.2017 23:01
 Вистинските луѓе и места

А, бе кога младите и оние млади во срце интелектуалци од урбани револуционери се претворија во конзервативни чувари на вечниот оган на Струшките вечери на поезијата? Дарко Лешоски за претседател на УО на СВП е многу панкерско (радикално) решение (популарен „фејсбук поет“, им окара сто мајки на скопајни што му ја украдоа јакната, автор на досетливи коментари, со контроверзен став кон мејнстрим книжевната сцена, црна дамка: сомнително пријателство со Бетмен, но редовен и дотеран учесник во Шарената револуција). Што правиме со оние повици: Дајте им шанса на младите за да со нешто ново и современо ја заталасаат смрдливата баруштина што зад себе ја оставија оние што во изминативе 10 години уништија и разграбија и парчосаа сè што можеше да се парчоса, а од традицијата направија провинциска националистичка гротеска? Гледавте ли лани како изгледаше кога големата Маргарет Етвуд имаше портрет во Св. Софија? Дали го гледавте преносот на МТВ, она кога таа читаше, а камерата ги прикажуваше фреските во црквата, она, кога имаше два реда публика, главно другите гости на фестивалот? Она, кога Роберт Велјановски беше во центарот на вниманието наместо славната писателка? А, што се случувало на лице место не знаеме зашто СВП ги следеа едвај двајца тројца новинари, за разлика од 2001 кога на пресот на Шејмас Хини имаше 50–тина домашни и странски медиуми. Дали Лешоски e „вистински човек на вистинско место“? Ќе видиме. Дали неговото неискуство и младешкиот бунтовнички презир кон фестивалот ќе му помогне да го претвори во кул место да се биде, како што тоа било во 70-тите години, а истовремено да не ја посрамоти вистинската интернационална тежина и значење на Струшките вечери? Ако успее да го осовремени фестивалот во Струга, ќе му кажеме браво, ако не – се знае – оставка и одговорност!

Инаку и мене ми текнуваат неколку побезбедни и веројатно посоодветни решенија, ми текнува и на Румена Бужаровска и на Лидија Димковска и на нивните контакти во странство и знаење и меѓународно искуство и елоквентност, ама ајде прво да видиме, иако Дарко го ставаат на функцијата десетина дена пред почетокот на фестивалот и нема да има многу простор за промени, првата цел како веќе да ја постигна - по долги години граѓанствотосе заинтересира за подзаборавените и подостарени Струшки вечери.

П.С. Овој пост не е спонзориран од Владата на РМ

ОкоБоли главаВицФото