Прилог кон интерпелацијата на Алаѓозовски

13.08.2017 22:16
Прилог кон интерпелацијата на Алаѓозовски

Настанот се случува во август 1971 година. Бев ангажиран како преведувач при посетата на Џанкарло Пајета на Македонија како гостин на Сојузот на комунистите на Југославија и Македонија. За оние кои не чуле, Пајета беше историска личност во врвот на Комунистичката партија на Италија, партизан, интелектуалец, новинар, писател... Сè на сè, еминентна, уникатна и над сè прогресивна политичка фигура, ценета во светот заради своите напредни идеи и заложби.

Додека тој престојуваше во Охрид, во Света Софија се случи оној познат скандал од претставата на Свети Никита Голтарот, кога покојниот артист Ненад Стојановски се соблече гол. (Скандалот не му попречи да стане еден од најголемите македонски артисти.) Тоа добронамерните и прогресивни луѓе го сфатија како своевиден театарски израз, како протест, некои како политичка провокација или како сè не се толкуваше тогаш. А за тоа е доста пишувано.

Утредента домаќините на Пајета (сите високи и највисоки функционери на македонската комунистичка партија) на вечерата со него зборуваа и за претставата, се згрозуваа од чинот, говореа дека пукнал голем резил, срам ги изел, дека Света Софија е опоганета и треба да се преосвети... Пајета ги слушаше највнимателно, јас највнимателно преведував. Откако ги ислуша нивните ламентации за големиот срам и кога му стана јасно дека се работи за нешто повеќе од испад, само им кажа: „Другари (камаради) мои, јас ќе бев најсреќниот човек такво нешто да се случеше во Свети Петар во Рим!“

А јас се прашувам: каде сме стасале ние после половина век?

Тоалетоидот Курир ја злоупотреби фотографијата на Христина Иваноска, објавена 2003 година во списанието Маргина во рамките на уметничкиот проект Body & Sex Space