Вештачката интелигенција ја презема креативната индустрија

14.08.2017 03:23
Вештачката интелигенција ја презема креативната индустрија

Истражувајќи ја иднината на музичката вештачка интелигенција, новинарот на „Пичфорк“ ни откри два проекти што ги развиваат „Гугл“ и „Сони“, а коишто користат техологија со чија помош во иднина музиката би можела сама да се компонира. Дали треба да се плашиме или нестрпливо да го очекуваме ова, се прашува Џејсон Грин.

Како пример за таква музичка вештачка интелигенција тоја ја наведува песната „Daddy’s car“, која лесно би можела да биде една од бројните копии на Битлси. Но, песната е напишана во многу необични околности – ја осмислил мозокот на еден компјутер. Тој „мозок“ го вградила софтверската фирма во сопственост на „Сони“, а се вика „Flow Machines“. Мелодијата ја финиширал францускиот музичар Беноа Кар, уметнички директор на фирмата.

Денес, компјутерите пишуваат сè повеќе и повеќе музика, а фирмите вложуваат милиони долари во овој сложен процес. Освен „Flow Machines“ која Европскиот совет за истражувања ја финасира со 2,5 милиони долари, тука е и „Магента“ што е иницијатива на „Гугл“. Даглас Ек е вработен во проектот „Магента“, одделот за вештачка интелигенција „Гугл бреин“, чијашто цел е да развива алгоритми што можат да научат да создаваат музика и уметност. Тој е инженер и музичар, кој во раните деведесетти години свирел блуграс и панк по баровите во Инидијана. Можеби е изненадувачки, но Ек не сака Магента да ги лаже слушателите или да ги замени музичарите: „Не се занесувам со мислата дека без луѓе можеме да создаваме музика со човечко чувство. Не ме интересира да стиснам копче и компјутерот да направи нешто што, самото по себе, е емоционално возбудливо. Иако мислам дека е тоа интересна цел, не е моја цел.“

Во моментов, на „Магента“ ѝ недостасува тим музичари што би свирел заедно со софтверот и би го насочувал кон облици што инженерите никогаш не би можеле да си ги замислат. „Видете што се случи со ритам-машината, се покажа одлична кога почна да се користи за креативни цели за коишто не беше наменета. Магента е оспособена да создава нови звуци или нови секвенци на мелодијата, но она што ја прави интересна е дека друг музичар може да свири со неа“, вели Ек.

Неодамна „Магента“ претстави и нова алатка наречена „NSynth“ – невронска мрежа научена да препознае речиси 300 илјади звуци од инструменти. Начинот на кој оваа алатка ги „научила“ звуците претставува скок во размислувањето: компјутерите ги репродуцираат физичките вибрации на звучните бранови во бројки што приближно им одговараат на тие вибрации, а машината ги пресметува тие броеви. Така, на тастатурата од компјутерот може да свирите флејта, труба или виолончело.

Софтвер за инспирација

„NSynth“ работи на повисоко ниво. Наместо претворањето на брановите во броеви, тој работи од низа на „идеи“ кои претходно се програмирани во него. Всушност, станува збор за паметен синтисајзер, а неговиот наједноставен трик е способноста за преоѓање меѓу два звука во неговата база на податоци и создавање на нов звук. Значи, ако го замолите да вклопи глас на гуска со звук на харфа, тој ќе исфрли нешто што звучи како чудна апроксимација на тие два звука.

На интернет страница на фирмата „Flow Machines“ можете да видите како софтверот „научил“ да ја напише хармонијата за „Ода на радоста“ од Бетовен, а може да погледнете и видео снимки како Беноа Кар ја изведува песната „I feel fine“ од Битлси со „паметна“ луп-педала што ја креирала оваа фирма. А наместо да го снима тоа што го свирите, т.н. „Reflexive looper“ го „слуша“ тоа што го свирите и самостојно одлучува што ќе сними и што ќе повтори. Доволно е интелигентен да го преземе снимениот материјал и самостојно да го пренесе во нов тоналитет.

„Flow Machines“ работи поинаку од „Магента“. Станува збор за огромна база на податоци, песни и стилови, а некои од нив може да ги изберете како инспиративни појдовни точки. Вториот чекор е на софтверот да му кажете неколку работи за музиката што сакате да ја генерирате: на пример, не премногу акорди и средно темпо. Потоа, програмата почнува да исфрла идеи: ги задржувате оние што ви се допаѓаат, а може да вклучите само дел од мелодијата, поттикнувајќи го софтверот да продолжи да развива одредена идеја. Со други зборови, „Flow Machines“ е некој вид виртуелен музичар, а неговиот координатор Франсоа Паше тврди дека не постои ниедна слична машина на оваа.

„Со користењето на нова технологија секогаш сме станувале покреативни. Треба да се признае дека нашите мозоци не се толку паметни без околината врз која се потпираат. На пример, повеќето од нас не можат да поделат големи броеви без помош на молив и хартија“, вели Ек.

Слично размислува и Паше. Тој смета дека , „Flow Machines“ е способен самиот да произведе „совршено добри“ песни, но дека тие навистина се оригинални само кога е присутен и уметникот. Споредувајќи го напредокот на музичката вештачка интелигенција со раѓањето на дигиталниот синтисајзер, Паше заклучува; „Тоа беше само алатка и станува збор за сосема иста работа. Алатката нема поим што создава, а ова е само нова генерација алатки. Сè што мора да направиме е да научиме како да ги користиме“.

Извор: Јутарњи лист

ОкоБоли главаВицФото