Добар ветер, Кежо!

14.08.2017 19:53
Добар ветер, Кежо!

Гледај да се снајдеш како знаеш и умееш. И да го продолжиш едногодишното отсуство, колку што можеш подолго, или да ги прибереш и своите и да останете Таму… Најдобро самиот почувствува дека едните Те мразеа од сè срце, а за жал, добар дел од другите, демек, Те „сакаа“, ама само како лампион. А, ако во Македонија нешто, што било, навистина се смени на подобро, за толку кус период, оти и премногу долго траеше бесчестието и беззаконието, веднаш ќе Ти се јавам да се враќаш…

„Сите сме Кежо!“. Не сме, не сме де, да не се лажеме! Тој напиша текст со кој мислеше дека ќе исправи неправда, и потоа, храбро опстана и ги издржа притисоците и уцените – да стане мивка, па го осудија на карикатурален процес од кој се срамеа и публиката и новинарите, и адвокатите и останатите обвинети, па одлежа затворска казна и денес, збирштина непрокопсаници го третира без срам и перде – како осудувано лице… Па, па, па…

Апсењата, понижувањата, годините зад решетки, кинењето нерви во домашен притвор, последиците по неговото здравје и здравјето и душевниот мир на неговото семејство, тој, сопругата и ќерката, најдобро си ги знаат и чувствуваат и ден-денес…

Во саботата, со автобус, Томче замина за Германија. И стигнал, по 36 часа клацкање и чекање по границите. До крајната дестинација, Хамбург, продолжил денес, со воз. Поради веќе традиционалниот хаос со превозниците, сопругата и ќерката, ќе му се придружат деновиве, да бидат со него, барем првите денови, па ќе се вратат во вечната Македонија, која си ги отфрла чедата, клоцајќи ги како да се натрапници, туѓи…. Викендов, кога уште знаевме дека сите заедно заминуваат, на Кежаровци им посакавме среќен пат, убав престој, барем две недели квалитетен заеднички живот… Како и оние, само утрово, најмалку 200 пријатели, познаници, почитувачи…, кои им посакаа на Фејсбук, што побрзо заборавање на сето она што е зад нив, и поубаво утре…

„Сите сме Кежо!“, викавме. Да де, врескавме, ама… Скандиравме и пред „сваровски – судот“ и пред капијата на Шутка. Саркастично им ветувавме на сатрапите и дека ќе пишуваме како што сакаат, по нивниот ќеиф, само да го ослободат. И маски со неговиот лик носевме, иако беше морничаво. Ги пцуевме ем колневме, тие кои го „пакуваа“ случајот и сите оние кои овозможија таква подлост, гнасејќи си ги професиите и продавајќи си ги евтино и душите и задниците… И само еднаш, во судница, молејќи го да не се скрши, оти слабоста ќе им докаже на криминалците дека ја скршиле и професијата, и јавноста, и каквата-таква демократија, го молевме да ги скрие, да ги избрише солзите…

 

На една од годишнините и свеќи палевме – до на земја оставените камери и фотоапарати, „за помен на убиеното македонско новинарство“, откако штитовите на кордонот специјалци, нè спречија да протестираме со молк, пред Музејот на ВМРО. (Што ли ќе беше да се соберевме сите новинари, сосе оние помолчаливите, кои останаа чисти и не забегаа меѓу давајгазовците и мегафоните, и да вресневме, навистина!) И цвеќиња положувавме, уште потоа… И врз грбот на Кежо, баравме демократија за нас. До одлуката на Апелација. Пред две ипол години, ми се чини… Кога го „ослободија“…

Потоа, на ослободениот Кежо, му честитаа, го гушкаа, на раце го креваа, за народен херој ќе го прогласеа, се туркаа за да бидат до него на протестите и маршевите – за фотка, за снимка де, за „селфи за баба ми, многу те сака“… И го удираа по рамо, ветуваа помош на семејството, градите си ги помодруваа, тврдејќи дека знаат оти е жртва, море – маченик, и дека штом дојде слободата за сите, тоа ќе знае да се цени…

И слободата дојде. За сите. Во неговиот случај: глува како топ, засипната од хорско славење на победата, јасно фалшира до балчак…

А Кежо, не бараше да биде нечиј портпарол ни советник, ни директор, ма ни специјален советник, ни член на управен или надзорен одбор, ни гагаџија, ни кодош, ни трчилаж… Тоа можеше и со арамиине, да прифатеше…

Гледајќи го кадровскиот панаѓурски рингишпил деновиве (знам дека јавно ветив дека до 100-иот ден на новиве, збор критика нема да напишам – оти победниците на политичките избори, носени од позитивната енергија на студентите, на средношколците кои ги збоднаа и умртвените родители, на дел од професорите, на „шарените“, на дел од невладините, мора сепак, да се остават раат, зашто за 11-те години девастација и тешко труење, ќе треба барем две децении детоксикација на почвата, пресадување од корен и одгледување на нова, здрава Македонија – ама, не се издржува!), на сиктер-кафето ем пивото со Томче, низ заби му процедив, да бере памет…

Ајде, да речеме и дека бевме сите Кежо. Сега, Кежо си е Кежо.

Таму. Сам.

Извор: civilmedia.mk
Фотографии: Ванчо Џамбаски