BODY & SEX SPACE

15.08.2017 12:15
BODY & SEX SPACE

Деновиве вниманието на македонската јавност го привлече голото тело на министерот за култура, Роберт Алаѓозовски. Интересно е што истите монструми кои десет години го поддржуваа тоталниот надзор над 20.000 луѓе (надзор што најгрубо и најсоголувачки продира(ше?) во најинтимните и најприватните сфери на човекот) сега се божем згрозени од невината фотографија на машки акт. Но, тоа се лудилата и лицемеријата на македонската јавност.

Нам (Окно на некој начин е наследник на списанието Маргина кое излегуваше од 1994 до 2013) ни останува само да го објасниме изворниот контекст на фамозната фотографија. Прв пат е објавена 2003 година во списанието Маргина, во рамките на уметничкиот проект на Христина Иваноска: Колектив во Body & Sex Space. Тој, пак, уметнички проект беше еден од дваесетината прилози во големиот тематски блок под наслов „Простори“.

Во продолжение го пренесуваме контекстот од којшто фамозната фотографија беше изместена (украдена) и грубо злоупотребена од груевистичките чудовишта. Последниот текст, пак, во тематскиот блок „Простори“ токму како да го антиципира „ризикот на комуникацијата“ 14 години после...

Окно, август 2017.

ОТВОРЕНИ ЗА ПОГЛЕДОТ НА ДРУГИОТ

На крајот, си дозволуваме само уште пар зборови, кои прават лак со почетокот, со приказната за информацијата како примарен простор - пар зборови за просторот на средбата или контактот... Тие завршни зборови намерно се поврзани со последниот прилог во тематот, од Христина Иваноска, за просторите на телото и родот.

Како и од повеќе други уметници, архитекти, мислечки луѓе, редакцијата на Маргина нарача прилог и од Христина Иваноска, како еден од попровокативните помлади македонски уметници. Христина доби идеја да ја изложи, можеби (де)мистифицира, токму редакцијата на Маргина, поточно луѓето кои едновремено работат и во културниот центар Точка. Ние рековме да, нема проблем, спремни сме во името на уметноста да скокаме и низ огнени обрачи. За среќа, тоа не беше потребно, но беше потребно одредено соголување. И тука искрснаа проблеми, заради кои е и текстов, кој ќе поучи вака:

Битен - дури би рекле: пресуден - е погледот на другиот. Другиот така ме гледа. Другиот има право да го артикулира гледањето, да (ми) соопшти нешто, па и ако тоа нешто не ми се допаѓа. Се разбира, само во случај ако воопшто сум ги прифатил елементарните комуникациски начела, договорот да соопштувам и да ми биде соопштувано, па и рефлектирано, па и огледалски одблеснато она нешто "мое" што лебди наоколу. И велиме, исто така за наук: комуникацијата е ризик. Не можам да ја контролирам сопствената слика. Сликата е промискуитетна и хиперконтаминирана (каков што сум и јас, впрочем).

Овие принципи особено изострено важат кога станува збор за уметнички проект. Така што, и тоа го соопштува текстов: во проектот на Христина Ивановска не фуравме, како Маргина, егзибиционизам, саморекламерство или специфичен адвертајзинг. Само бевме отворени за погледот на Другиот, па и кога тој поглед е критичен или не ни се допаѓа.

Другите долгови на наше име не ги признаваме.

 

Маргина 62, стр. 124; година 2003.

 

Христина Иваноска

КОЛЕКТИВ ВО BODY & SEX SPACE

(Искра Гешоска, Владимир Јанковски, Никола Гелевски, Роберт Алаѓозовски, Елена Вељановска и Бојан Ивановиќ)

 

Маргина 62, стр. 117-123; година 2003.


ПРОСТОРИ

Овој наш темат за "просторите" е инспириран од сличен темат кој летово (2003-то), под уредништво на славниот архитект и дизајнер Рем Колхас, беше објавен во Wired. Дел од текстовите од таму ги преведовме овде, но речиси половина од овде поместените текстови беа создадени специјално за Маргина и се во потесна релација со нашиот контекст.

Зошто "простори"? Затоа што менувањето на просторно-временската парадигма го одбележа и минатиот век, а допрва ќе го обележува и овој. Затоа што по Ајнштајновото релативизирање на физичките поими и појави, по воспоставувањето на неговиот континуум простор-време, денес сè повеќе чувствуваме дека живееме во, не само општествено или политички, нестабилен свет, туку во свет на дезинтегрирани димензии и на квантна неодреденост.

Да потсетиме: во една постара Маргина беше поместен еден темат за "Не-простори". Таму беше посочен Пол Вирилио кој ја воведува брзината како стандард за сите димензии и како некаков "примитивен простор". Според Вирилио, вообичаените поими за висина, ширина и должина доживеаја трансмутација, која влијае врз организацијата на нашата перцепција, а така и врз целокупното администрирање со териториите и со изградбата.

Тоа е само една важна димензија од бескрајната приказна за просторите, која ние овде ја отвораме и во теориска и во политичка смисла, обидувајќи се да бидеме барем толку "вон" и толку "во" за всушност да не бидеме нигде, како електрони по орбитите-маргини, прескокнувајќи ги традиционалните позиционираности.

Маргина 62, стр. 66; година 2003.

Слични содржини

Општество / Книжевност / Култура
Општество / Култура / Историја
Фотографија / Живот / Култура / Уметност
Фотографија / Книжевност / Култура / Настан
Книжевност / Култура / Уметност
Општество / Активизам / Стрип / Култура / Уметност
Општество / Книжевност / Култура
Општество / Активизам / Стрип / Култура / Уметност

ОкоБоли главаВицФото