Не ги тепајте децата!

16.08.2017 11:48
Не ги тепајте децата!


Не сакам, но очигледно некој мора да каже. Нашиот дневен весник Блиц, случајно или намерно, во желбата да го зголеми бројот на кликови на сајтот, со еден квиз денес направи мал социјален експеримент со изразито мрачен резултат. Од него би можело да се заклучи дека меѓу другите загрозени групи, и покрај разните политики, денес во Србија можеби е најтешко да се биде – дете.

Имено, масовниот тест на сајтот кој проверува „дали сте станале роб на модерното родителство“ нема да ви помогне навистина да го разберете одговорот на тоа прашање, но неочекувано ќе ви открие дека децата, се чини, растат во полоши услови од оние што ги очекуваме. Секако дека тестот од овој вид не е релевантно мерење, а покрај тоа, како што ми изгледа, овој тест имплицитно им сугерира на испитаниците дека насилството над децата не е само опција туку и посакувано социјално однесување (оф!).

Како и да е, достапната статистика покрај одговорите, на 12000 анкетирани родители на овој начин, ни покажува дека: само 3 проценти од родителите кои го пополниле овој квиз не им викаат на децата, само 4 проценти редовно се информираат за родителството, а 14 проценти ги прашуваат децата за мислење околу некои прашања.

Од друга страна, ужас – 73 проценти од родителите кои ја пополниле анкетата на Блиц применуваат насилство над децата кога ќе ги исцрпат другите решенија, а 5 проценти тоа го прават веднаш. Особено ми е морничав одговорот кој покажува дека 50 проценти ги носат децата дома за да ги истепаат, а 15 проценти не се двоумат физички да ги казнуваат децата на јавно место.

И, сега би можел да ви кажам дека некој треба да се зафати со посериозно мерење на овој распространет феномен, или, како што инаку правиме кога нешто нè загрижува, да ги повикам институциите да излезат од амбиваленцијата, да започнат широка кампања или да ги изведат пред лицето на законот мрачните типови (како оној Миливојевиќ) кои заради малку слава јавно ги поттикнуваат родителите да ги тепаат децата.

Но, нема да го направам тоа зашто е сеедно.

Сакам да кажам нешто поважно – не правете го тоа!

И сакам да ви кажам – ако веќе сте го направиле, не сте имале избор, животот носи такви безизлезни ситуации, да заборавиме, децата растат... Но, не правете го тоа веќе!

Зашто, сакам да ви кажам дека тепањето деца е кривично дело и во Република Србија, се разбира, и во секоја цивилизирана држава на денешницата, дека тепањето деца е осакатена верзија на традиционализмот во воспитувањето, дека тепањето деца е нехристијански, недораснато, неодговорно, дека тепањето деца е корен на општествените девијации, дека тепањето деца е неправедно, дека тепањето деца е израз на немоќ, дека тепањето деца е порака која нема да биде заборавена, дека тепањето деца секогаш е погрешно, дека тепањето деца е болно, дека тепањето деца е сурово.

Сакам да ви кажам нешто, сосема човечки – не ги тепајте децата.

Слики: Готфрид Хелвајн

Фејсбук статус, 15.08.17.

 

ОкоБоли главаВицФото