Баукот на бурката кружи над Европа

26.07.2010 14:17
Баукот на бурката кружи над Европа

Откако долниот дом на францускиот парламент ја изгласа забраната за носење на женската муслиманска облека која го покрива лицето, некои коментатори заклучија дека Европа е зафатена од своевидна зараза околу овој „симболично најоптоварен предмет за облекување во светот“, како што го нарече политикологот Сара Силвестри. Оваа научничка од британскиот универзитет Кембриџ, авторка на едно од ретките истражувања во кои за мислењето на таа тема се прашуваа само жените, тврди дека причините за оваа „зараза“ се бројни и различни, почнувајќи од незавршените нелагодности поради исламот па до промените на националниот идентитет и односот меѓу секуларизмот и верата во општеството.

„Ткаенина натопена со крв“

Во прилог на нејзината теза дека трендот на масовно забранување на носењето бурка и никаб е ирационален оди и фактот дека различните европски влади во образложенијата наведоа сосем разни аргументи, од заштита на жените до заштита на „европските вредности“ и „безбедноста“, додека ниедна од овие влади не спроведе истражување за тоа како на забраната гледаат муслиманките, како и тоа дека сите влади се оглушија на предупредувањата дека со забраната се кршат основните човекови права и дека таа може да биде контрапродуктивна. За разлика од другите спорни прашања кои се однесуваат на човековите права, во кои ставовите по правило се спротивставени по линијата конзервативци/десница наспроти либерали/левица, во европскиот камп за забраната на носење бурка се најдоа политичари од целиот идеолошки спектар. Освен сето тоа, кога се знае дека во Европа бројот на муслиманки кои носат таква облека е смешно мал, но поради нив се носат закони по итна постапка, тешко е да не се види дека во прашање е нешто посложено од доброто за европските граѓанки.

Меѓутоа, некои муслимански активистки сметаат дека не треба да се преминува преку фактот дека целата дебата околу бурката е изразено оптоварена со симболика, бидејќи „наметката, или велот, е нешто повеќе од предмет за облекување“, како што вели иранско-британската активистка Марјам Намази. „Таа стана симбол на угнетувањето на жените во исламот, па и треба да се третира како таков“, смета Марјам и додава дека тоа е причината зошто „исламистите го наметнуваат секаде каде што имаат моќ“. Британската писателка Рахила Гупта вели дека за таа „ткаенина натопена со крв не може да се зборува без да ги имаме на ум жените во Иран, Авганистан и Саудиска Арабија, каде нејзиното носење го осигурува полицијата, а секоја отстапка се казнува со насилство“.

Што се однесува до носењето на законот, Франција донекаде претставува исклучок, бидејќи тамошните политичари единствено експлицитно рекоа дека бурката „не е во склад во вредностите на Републиката“. Министерката за правосудство Мишел Елиот-Мари законот го нарече „победа за француската демократија и вредности“, додека претседателот Саркози со месеци водеше кампања во која тврдеше дека целосното покривање „не е прифатливо во француското општество“. Иако од петте милиони француски муслимани целосно се покриени едвај две илјади, муслиманките кои на јавно место ќе се појават така облечени ќе мораат да платат казна од 150 евра или да посетуваат интеграциски курс. На мажите кои ќе ги присилуваат жените на носење на бурка им се заканува казна од 30 000 евра и една година затвор, иако не е јасно како ќе се спроведе тој дел од законот. Еден од пратениците, комунистот Даниел Гариг, за медиумите изјави дека „Франција во борбата против екстремистичкото насилство ризикува да се претвори во тоталитарно општество“, иако борбата против тероризмот не се споменуваше како причина за овој закон.

Белгија, во која бурка носат околу триесетина жени, беше првата европска земја која ја донесе забраната, со образложение дека таквите покривала претставуваат „облик на угнетување на жените“. Против евентуалните тврдења дека забраната е противуставна и вон меѓународното право Белгија ќе се обиде да аргументира дека таквата облека ја оневозможува идентификацијата, па затоа претставува закана за безбедноста.

Минариња и црковни камбани

Во Шпанија сенатот во јуни исто така изгласа забрана на „секој обичај или дискриминирачка пракса која ја ограничува слободата на жената“. Во Германија, пак, таквата забрана на федерално ниво е прогласена за противуставна, па тоа прашање им е оставено на пониските нивоа на власт. Поради тоа, половина од нејзините 16 сојузни држави, чии 4 милиони муслимани не носат бурка бидејќи главно се Турци, не дозволуваат носење марама (хинџаб) во училиштата, а управниот суд во Берлин неодамна забрани вршење муслимански молитви во просториите на училиштата. Што се однесува до изградбата на минарињата, локалните урбанистички тела некаде дозволуваат тие да имаат височина колку и црковните камбани, а некаде воопшто не ни дозволуваат да се градат. Граѓанската иницијатива не успеа да ја спречи изградбата на една од најголемите европски џамии во Келн.

Во Швајцарија, каде што живеат 400 000 муслимани, сè уште нема таква забрана, но затоа кон крајот на минатата година со Уставот се забрани изградба на минариња, што претставува случај кој илустрира, барем кога станува збор за оваа земја, дека не се работи за доброто за жените туку за очигледна исламофобија. На националниот референдум за забрана на градење минариња гласаа 57,5% од населението, а американскиот новинар Кристофер Колдвел, кој се занимава со исламот во Европа, забележа дека во анкетите значително помалку луѓе ја поддржале забраната отколку на самиот референдум. Поради тоа, смета тој, Европа би требало да се загрижи, бидејќи таа разлика покажува дека нема официјална дебата за прашата поврзани со исламот, туку таа се случува во „подземјето“.

Освен овие држави, забраната за носење бурка и никаб се разгледува или ја разгледуваа во Италија, В. Британија, Холандија, Данска и Австрија, а сите истражувања покажуваат дека повеќе од половината жители на овие држави ја поддржуваат забраната. Кога се во прашање минарињата, во март годинава во Германија се сретнаа претставници на десничарските партии од оваа земја, од Холандија, Франција, Белгија, Шведска и Австрија со намера да започнат граѓанска иницијатива за забрана на градење минариња на европско ниво, со оглед на тоа дека Лисабонскиот договор ја обврзува Европската комисија да ги разгледа – но не и да ги прифати – сите граѓански иницијативи за кои ќе се соберат половина милион потписи.

Забраната на симболите не е исто што и решавање на проблемот со угнетувањето

На забраната за носење покривало на лицето се спротивстави и Human Rights Watch кој тврди дека „не постојат никакви докази дека бурката и никабот претставуваат закана за безбедноста, јавниот ред, здравјето, моралот или основните права и слободи на другите“. Од Amnesty International предупредуваат дека таквата забрана претставува кршење на меѓународното право за слободно искажување на верата, а Парламентарното собрание на Советот на Европа донесе резолуција со која од европските земји се бара да не носат такви забрани, дури ни со референдумска поддршка бидејќи „мнозинството нема право да ги прекршува основните човекови права на малцинството“.

Сара Силвестри во своето истражување дошла до заклучокот дека „омаловажувањето на верата во обидот да се осудат опасните пракси или рестриктивниот менталитет“ не само што нема ефект туку „тој пристап може да го засили чувството на фрустрираност и оттуѓување кај жените“. Таа напоменува дека и мнозинството муслиманки кои ја осудуваат инфериорната улога на жената во исламот „не ја отфрлаат верата во целост, туку повикуваат на право на избор во нејзините рамки“. Угледните теоретичарки Сесил Лаборд и Марта Нусбаум, кои се занимаваат со феминизам и ислам, исто така предупредуваат дека „забраната на симболите не е исто што и решавање на проблемот на репресијата“ и дека дури може да го продлабочи, бидејќи некои жени ќе бидат приморани да останат затворени во куќите, без пристап до образование и другите средства за интеграција.

Извор: novossti.com

Слики: Макан Емади

ОкоБоли главаВицФото