Подемот на нелибералната демократија

17.08.2017 01:41
Подемот на нелибералната демократија

Подемот на „нелибералните демократии“ во Европа е еден од најпогубните трендови на нашата ера. Таквите режими вообичаено се организирани околу лидерите кои ја концентрираат моќта во своите раце така што ги заобиколуваат – и во некои случаи ги елиминираат – институционалните механизми за заемна контрола. Русија на Путин, Турција на Ердоган и Унгарија на Орбан се трите најпознати примери. Она што е особено интересно – и опасно – е успешноста на тие режими во обезбедувањето широка поддршка кај гласачкото тело.

Секако, еден од методите со кои обезбедуваат мнозинство на изборите е контролата над традиционалните медиуми како што се телевизијата, радиото и печатот. Но, манипулацијата и директната контрола на медиумите не можат да ја објаснат нивната долговечност и големата популарност, која ја потврдуваат истражувањата на јавното мислење.

Објаснувањето за политичката успешност на споменатите лидери треба да се бара во тоа што нивните режими, и покрај антизападната реторика, доследно ги применуваа начелата на Вашингтонскиот консензус кој промовира промислена макроекономска политика и слободна трговија.

Најдобар пример е Русија на Путин која годината вообичаено ја завршуваше со суфицит и акумулираше огромни девизни резерви. Унгарија на Орбан исто така применуваше конзервативни фискални политики, а Ердоган го прави истото во Турција откако дојде на власт. Јавниот долг во сите три земји е низок или (во случајот на Унгарија) се намалува. Во две од овие три земји, либералните претходници на сегашните режими го изгубија кредибилитетот кога ги туркаа земјите во финансиска криза.

Нелибералните лидери го прифатија основното начело на Вашингтонскиот консензус – кое вели дека внимателната макроекономска политика дава подобри економски резултати на подолг рок – и им го предадоа управувањето со макроекономијата на аполитични експерти.

Се спротивставија на искушението дека популарноста ја градат на краткорочни фискални или монетарни стимулуси и наместо тоа се потпреа на идентитетските политики како главно средство за одржување на својата доминантна положба. Долгорочен резултат се релативно добрите економски параметри – и релативно задоволните гласачи.

Таквиот пристап е спротивен на она што го правеше покојниот лидер на Венецуела, Хуго Чавез, кој 14 години ја одржуваше популарноста трошејќи ги приходите од изворите на нафта на великодушни социјални програми. Бидејќи цената на нафтата се преполови во однос на 2014 година, а земјата во меѓувреме не создаде фискални резерви, наследникот на Чавез, Николас Мадуро се соочи со катастрофална економска криза и растечко народно незадоволство.

Така се покажа дека најдобра долгорочна стратегија за одржување на режимот е промислената економска политика. Европските нелиберални лидери знаат дека деновите брзо ќе им бидат одбројани ако прекумерната потрошувачка ги турне во финансиска криза и ги принуди да побараат помош од Меѓународниот монетарен фонд.

Внимателната макроекономска политика придонесува за раст, но дава резултати единствено ако економијата е релативно слободна. Ни Путин, ни Ердоган досега не се обидуваа својата националистичка реторика да ја поддржат со протекционистички политики. Напротив, Русија под Путин ѝ се приклучи на Светската трговска организација, а Ердоган не ја доведува во прашање царинската унија на Турција и Европската унија, иако билатералните односи со ЕУ се влошуваат од месец во месец.

На подолг рок, најголем предизвик за автократските лидери ќе биде пронаоѓањето начини во нелиберално политичко окружување да се зачува режимот на либералната економија. Искушението контролата над големи делови од економијата да се пренесе на пријателите и членовите на семејствата со тек на време станува сè посилно, а корупцијата се шири, зашто во таков систем најважна работа на секој бизнисмен е развивање политички врски и размена на услуги со режимот. Кога ќе се случи тоа, растот почнува да опаѓа.

Таа долгорочна закана моментално е најзабележлива во Русија. Путин дојде на власт во време кога цената на нафтата почна да расте по историскиот минимум. Затоа не е необично што Русија оствари силен раст во новиот стоков супер-циклус кој заврши неодамна. Покрај тоа, макроекономските политики од периодот на бумот беа доволно конзервативни за да му овозможат на режимот да го преживее неодамнешниот пад на цената на нафтата.

Но сега, речиси три години по прекинувањето на стоковиот супер-циклус, економските перспективи на Русија не се сјајни. Животниот стандард стагнира; потенцијалниот економски раст се проценува на вкупно 1,5 проценти, а со таков раст Русија засекогаш ќе остане посиромашна од остатокот од Европа.

Можно е и Турција да се наоѓа на слична раскрсница. Партијата за правда и развој (АКП) на Ердоган наследи економија која закрепнуваше од длабоката финансиска криза и имаше значаен развоен потенцијал благодарение на урбанизацијата и подигнувањето на образовното ниво на населението.

Владата што ја предводи АКП до неодамна своето вмешување го ограничуваше на домашната економија, на јавните набавки и вложувања во инфраструктурата. Но, по минатогодишниот обид за државен удар, режимот си даде себеси право да ги одзема претпријатијата кои се во сопственост на наводните симпатизери на таканареченото ѓуленистичко движење, чии припадници Ердоган ги обвинува за организаирање на обидот за пуч.

Стотици претпријатија се веќе конфискувани и ставени под управа на блиските соработници на Ердоган. Ако продолжи тоа, претприемачите ќе престанат да инвестираат, а растот ќе запре. Проблемот е во тоа што кога нелибералниот режим ќе тргне по тој пат, многу е тешко потоа да го поврати кредибилитетот и да ја докаже решеноста за заштита на сопственичките права, зашто институциите кои ги гарантираат во либералните демократии – независното судство и професионализираната државна управа – веќе не постојат.

Автократските лидери во денешна Европа ја одржуваат популарноста штитејќи ја релативната економска слобода од која долгорочно зависи нивниот просперитет. Но, како што таквите режими стануваат сè поавторитарни, нивната способност да ги направат гласачите среќни е сè понеизвесна.

Извор: https://www.socialeurope.eu

Слични содржини

Европа / Свет
Општество / Европа
Европа / Свет

ОкоБоли главаВицФото