Зошто книжевната критика упорно молчи за досегашните раководители на СВП?

17.08.2017 11:43
Зошто книжевната критика упорно молчи за досегашните раководители на СВП?

Каква беше грижата на јавноста за СВП и претседателот на управниот одбор пред неколку месеци?

На 20 март 2017 година, претседателот на управниот одбор на Струшките вечери на поезијата излезе да држи говор пред масата демонстранти кои протестираа пред собранието. Беше претставен од актуелниот член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ како поддржувач на „Иницијативата за заедничка Македонија“.

Поетот Славе Ѓорѓо Димовски му се обрати на „морето од народ“ со следните зборови: „Добровечер Македонци од сите вери, нации и политички определби. Вечерва ви се обраќам како македонски поет, на кого јазикот му е единственото оружје со кое знае да ракува. Тоа е и повик до сите мои колеги македонски поети да го поддржат овој чин, чин во којшто на некој начин се осудува и јазикот, јазикот којшто е најстар во Европа, но и најмлад озаконет. Зарем за тоа треба и најбрзо да исчезне? Ние сме деца на оваа земја. Ние имаме јазична традиција што не знам дали некој друг народ ја има во Европа. Со основата на нашиот јазик, со светата Свети Климентова Охридска школа, е описменета речиси пола Европа. Тој јазик и денес го користат. Корените на тој јазик се оттука, од оваа земја, а не некои платформи кои што доаѓаат од туѓи земји. Да ни го делат тоа јазично катче кое што е на 25 и кусур илјади квадратни километри. Не може тоа. Како да го делиме ова мало парче земја? Овдека ние не сме многу Македонци. Зборувачи на овој јазик не се многу. И затоа нема место во ова катче, да се дели со друг јазик…

Не може во Уставот да се делат два јазика. Не може исконскиот јазик да биде поделен со друг, бидејќи и толку немаме место во оваа земја…”.

Оваа мобилизаторска беседа на претседателот на УО на СВП пред членовите на профашистичките патриотски здруженија (кои претходно ширеа говор на омраза врз основа на етнос и јазик, а подоцна и насилно упаднаа во собранието) не наиде на никакви реакции од книжевно-критичката и пошироката јавност. Немаше никакво јавно скандализирање, немаше дури ни новинарска вест која ќе предупреди за етнонац(ионал)истичкиот говор кој поттикнува на дискриминација врз основа на јазик. Не беше покренато ниту прашањето дали претседателот на УО на СВП ја злоупотребил својата функција, со повикот до македонските поети да се придружат на демонстрантите кои ширеа омраза и повикуваа на насилство. Насилство, коешто кулминираше еден месец подоцна, кога поетски-инспирираните и мобилизирани демонстранти упаднаа во собранието со намера да линчуваат народни пратеници.

Единствената јавна реакција што можев да ја прочитам беше од професорката и писателка Румена Бужаровска на нејзиниот фејсбук профил:

„На велелепните македонски писатели кои скоро никој не ги читал па сега го бранат мaкедонскиот јазик обидувајќи се да го затуршијат и на другите да не им даваат да си го зборуваат својот, им се приклучува и уметничкиот директор Славе Ѓорго Димоски со следната неверојатно речовита, високо интелигентна и стравотно причинско-последична беседа
Како да го делиме ова мало парче земја
Овдека ние не сме многу Македонци
Зборувáчи на овој јазик не се многу
И затоа нема место во ова катче
Да се дели со друг јазик
Не може во Уставот да се делат два јазика
Не може исконскиот јазик да биде поделен со друг
Бидејќи и толку немаме место
во оваа земја”

И на тоа остана. Немаше лавина реакции. Немаше ни јавно барање за смена на претседателот на УО на СВП, а ни грижа за урнисувањето на угледот на СВП. Ретко кој и знаеше дека Славе Ѓорѓо Димовски е претседател на УО на СВП. Дури и Бужаровска го опиша како „уметнички директор“, без воопшто да го спомне СВП.

Што се смени за неколку месеци?

Како прво, по неуспешниот терористички напад врз собранието од страна на демонстрантите (мобилизирани од претседателот на УО на СВП и од функционери на други културни институции) се смени извршната власт, која почна да ги менува директорите и претседателите на УО на културните институции. Беше објавено дека како претседател на УО на СВП е сменет и поетот Славе Ѓорѓо Димовски (од охридско Велестово), и дека е именуван поетот Дарко Лешоски (од струшко Вевчани).

И одеднаш, станавме сведоци дека сепак имало македонска книжевно-критичка јавност која пројавува голема грижа не само за поезијата, туку и за СВП, која била „таква сериозна, голема и толку интернационална афирмирана институција“, па „битната функција на претседател на управен одбор треба да ја врши некој со многу подлабоко и поголемо меѓународно искуство“ од „поп сензацијата“ Дарко Лешоски.

Искрено, многу ме израдува што конечно се појавија во јавноста луѓето што се разбираат во поезија и кои почнаа да се интересираат за тоа кои се членовите на управните одбори на најважните културни манифестации во Македонија.

Уживав да ги читам нивните аргументи и критички прашања. Со многу од аргументите се согласував и не чувствував некоја посебна потреба да се вклучам во жестоката “фејсбук дебата”.

Но, по неколкудневната фејсбук опседнатост со ликот и делото на новонаименуваниот поет (поради тоа што бил „поп сензација“), почнав да си поставувам и други прашања и решив да го напишам следниов статус дури по четири дена:

„Само нешто ќе кажам. Не прочитав ниту еден од поетскиве критичари кои изникнаа од земја да се побуни кога поранешниот Претседател на УО на Струшки вечери на поезијата читаше хушкачка поезија пред собрание заедно со Бетмен и фашистите.“

Прва коментираше Румена Бужаровска укажувајќи дека таа се побунила, и притоа обвинувајќи „Ако мислиш дека на таков начин треба да ги заќутиш тие што сега се бунат...“

И, симптоматично, никој не сакаше да се занимава со прашањето: Зошто одеднаш поезијата стана главна тема, а рецитирањето на фашистичка поезија пред собранието од страна на претседателот на УО на СВП беше проследено со јавен молк?

Критичкото прашање, кое укажуваше на двојни стандарди, беше избегнувано со оправдување на двојните стандарди:

„Од оваа власт повеќе се очекува, и треба да се критикуваат лошите решенија. Барем сега луѓето и можат да критикуваат за разлика од порано кога беа извадени од памет.“ (Румена Бужаровска).

Но, токму поради овие двојни „критички аршини“ и се вклучив во „полемиката“.
Зошто книжевниците кои „се разбираат во поезија“ немале барем слични очекување од претходната власт и не ги критикувале лошите решенија со барање на нивна промена? Биле извадени од памет, и не можеле да бараат оставка од претседателот на УО на СВП од 2008 година наваму, па ни тогаш кога поетски ги мобилизираше своите колеги за одбрана на режимот? Или молчеле и не биле опседнати како сега, затоа што главниот на УО на СВП не бил „поп сензација“? Или, не критикувале, иако можеле, затоа што не сакале да бидат изгорени од пропагандните зраци на „античкото“ сонце на груевизмот, како што беа изгорени тие што се осмелија да критикуваат?

Наместо одговори на овие болни прашања, критичарите почнаа да глумат жртви и почнаа неосновано да обвинуваат дека некој се обидува да ги замолкне, дискредитирајќи ги таквите прашања како „апсолутно импотентни и дури глупави аргументи што се користат за да замолчат критика“.


Но, баш напротив! Аргументите беа повик критиката да биде подеднакво гласна кон било која власт и да се применуваат исти критички стандарди.

Никој не им брани на критичарите да го критикуваат сегашниот избор, но исто така никој не им брани да ја критикуваат и работата на неговиот претходник кој воопшто ниту беше, а ниту е сега подложен на јавна критика за неговото (не)работење. Зошто критичките стандарди за изборот на новите членови на УО не се применуваат за (не)работата на старите членови?

Продолжувањето на молкот за профашистичките поетски испади од пред само неколку месеци и за одговорноста на партиите што биле на власт за киднапирањето и урнисувањето на СВП и сите други културни институции, го покренува прашањето за примена на двојни стандарди.

Знам дека за многумина е болна темата за интелектуалниот (критички) молк за време на грујоумието. Некои сметаат дека не е време сега да се покренува толку болна тема, кога почнува да „цути“ критичката јавност, подзаспана цела деценија. Сегашните жестоки критичари упорно го одбегнаа прашањето: Дали сте прочитале или објавиле стручна критика на работата на СВП од 2008 година до денес?

Но, продолжувањето на молкот за деценискиот критички молк за мене е неприфатливо. Како што се неприфатливи и сегашните етикети и злонамерни обвинувања од страна на поетските душегрижници кои мудро ги преспаа или игнорираа фашистичките злоупотреби на културните институции (за потребите на партиската мобилизација за “конечна пресметка” со неистомислениците).

Имавме ли во последнава деценија книжевна и културна критика која се занимаваше со „културата на режимот“ и „културите на отпорот“? Имавме ли ангажирани поети против грујоумието, некакви критички обиди да се состави антологија на „поезијата на отпорот“? Ако имавме, дајте да зборуваме за нив, а ако немавме, зошто немавме?

Ова се болни прашања кои ќе останат и по симболичкото убиство на поетот „поп сензација“, кој не бил дораснат да биде претседател на УО на СВП, како што веројатно биле дораснати Славе Ѓорѓо Димовски и директорот Мите Стефоски, за кои книжевната критика продолжува упорно да молчи.

И сѐ додека молчи, ќе има основ да биде обвинувана како соучесник во замолкнувањето.

Слики: Nikolay Tolmachev

ОкоБоли главаВицФото