Дарко Лешоски и СВП: реакции и полемики

17.08.2017 13:47
Дарко Лешоски и СВП: реакции и полемики

Румена Бужаровска

Дарко Лешоски ми е драг и го ценам. Ама мислам дека за таква сериозна, голема и толку интернационална афирмирана институција како Струшки вечери на поезија битната функција на претседател на управен одбор треба да ја врши некој со многу подлабоко и поголемо меѓународно искуство. Дека претходниот претседател на одборот држеше националистички говори пред тврдокорните не е изговор дека Дарче ќе биде стопати подобар. Време е малку подлабоко да ги разгледаме огромните фестивали со традиција како Охридско лето и Струшки вечери и на раководни функции да ставиме искусни луѓе. Дајте луѓе малку посериозно да работиме, а и критиката да ја сфаќаме конструктивно

* * *

На веб страницата на Струшките вечери на поезијата е објавен новиот управен одбор на фестивалот. Пребарав на интернет и ова дознав за нив:

Николина Велкоска Глигороска – комплетен анонимус во полето на книжевноста, советничка од СДСМ во Струга

Маринела Ојлеска – комплетен анонимус во полето на книжевноста, член на централен одбор на СДСМ

Џеладин Пошка – режисер, веќе поранешен член на УО на Струшки вечери (не ми е познат)

Дарко Лешоски, претседател – испаѓа најкоментентен бидејќи барем има две збирки поезија објавено, иако нема никакво искуство со културен менаџмент или било што слично, како и меѓународно искуство во полето. Притоа, жал ми е да кажам дека прилично дрско и лажливо се истреска со споредбата со Бродски во неговата изјава вчера.

Ова е прилично дегутантно и тажно.

* * *

Дарко Лешоски се повлекол од одборот на СВП. Мислам дека се работи за зрела и умна одлука тој да се тргне од една претседателска позиција за која треба знаење, искуство, меѓународни контакти и слично, од една страна, а од друга страна мислам дека е недолично за кој било книжевник да членува во еден одбор создаден од партиски анонимуси кои немаат врска со книжевност.

* * *

Целиот одбор на Струшките вечери е повлечен, што значи партиските кадри без никаква поврзаност со книжевноста се исклучени од фестивалот. Се надевам дека следниот избор ќе биде професионален. Драго ми е што Министерството за култура имаше слух и ја ревидираше одлуката, и му порачувам да направи умен и соодветен избор за стручен одбор што ќе биде ем свеж, ем професионален, ем искусен.

Сега очекувам музичарите и драмските уметници да отворат дебата за Охридско лето, чиј одбор не е ништо подобар од бившиот струшки одбор.

* * *

Деновиве гледам обиди за замолчување со логиката „ако не си се бунел порано, немаш право да се буниш сега“. Таа логика е штетна, невалидна, и бедна – и користи за замолчување. Придобивката на тоа што веќе го немаме ВМРО да нѐ заќутува е и што многу луѓе се ослободија да критикуваат. Ги охрабрувам и понатаму да се бунат, за да има позитивни промени. Внимавајте да не „хејтате“ во критиките, задржете го нивото и достоинството, и конструктивно критикувајте – би било пожелно секој во фелата што ја познава. И ве молам не ги слушајте тие што ви велат „каде бевте кога...“. Само така ќе стигнеме до некаков прогрес.

Жарко Трајаноски - полемика со Огнен Вангелов

Зошто гласниве „критичари“ мудро си молчеа за СВП и профашистичките поети 10 години?

Тоа прашање мора сега да се игнорира, а прашувачот мора да се дискредитира по секоја цена и со сите „аргументи“.
Оти прашањето многу боли, другарки и другари. Болна тема е интелектуалниот (критички) молк за време на грујоумието. Не било време сега да се покренува толку болна тема, кога почнува да „цути“ критичката јавност, заспана цела деценија.

Затоа укажувачот на двојни стандарди мора да се сосече во корен - со истите двојни стандарди. Мора да му се налепат разни етикети, и да се обвини за сенешто, за да престане да го нарушува молкот за деценискиот молк.

Е, па овој укажувач нема да престане да ве потсетува на молкот и вашите двојни стандарди.

Колку и да боли.

-Ognen Vangelov: Критикувале многу, неброено. И тогаш кога Дневник ве избрка (Вас и уште неколку) колумнисти, тогаш кога уредникот Ве омаловажуваше („А кој се замислуваш Трајаноски - Емил Зола?“), а кој многу многу подоцна стана дел од отпорот против режимот. Зборуваа и кога се затвораше А1, и кога Тодоров убиваше со неговото здравство. Зошто сето тоа сега мораат на увид да го вадат за да имаат право сега да критикуваат нечиј избор, посебно кога е од нивната потесна фела? Исто така, нели е малку чудно некој толку упорно да брани одлука на инстанца која има моќ да решава и влијае на општествени процеси, а да се руга на некој што нема таква моќ, а има право прво како граѓанин и плаќач на даноци, а потоа како специјалист од фелата, да поставува јавно некои прашања? Ако зборуваме за транспарентност и јавност, прашањата се поставуваат јавно, а не преку лични канали директно до министерот.

-Жарко Трајаноски: А, немој со тие куршуми. Мојата забелешка беше за двојните стандарди на критичарите, особено во поглед на претходниот УО на СВП, и директорот кој со поезија ги мобилизирше фашистите пред собрание. Поправете ме ако грешам, ама ниту за изборот на тој директор, ниту за неговото урнисување на СВП, ниту за неговата злоупотреба на функцијата за фашистички цели, не се водеше ваква јавна расправа. Профашистичкиот испад беше само пред неколку месеци, а освен споделувањето на Румена на видеото од Сеир (кое помина речиси незабележано), никој не се скандализираше. Тоа зборува за двојни „критички“ стандарди и тоа не е во ред. За жал, моето укажување на двојни стандарди не беше сфатено ниту сериозно, ниту добронамерно, што е симптоматично, бидејќи никаде не го бранев изборот. Тоа што „фелата“ реагираше вака бурно на стружанецот, а го премолчи профашистичкиот испад на велестовецот, тоа беше повод за мојата реакција. Е, од начинот на кој беше „одбиена“ мојата забелешка, си извлеков други заклучоци кои се тема на овој пост.

-Ognen Vangelov: Исто така, воопшто не мислам дека е некаква хипокризија. Луѓето кои сега се нападнати дека наводно молчеле, не молчеа и тоа долги години наназад. Во автократски режим енергијата се насочува на подривање на самиот режим, не на поединечни служители во културни институции зашто јасно е дека целиот клиентелистички систем останува глув на какви било критики. Имаше многу критики за луѓето како Божиновска, Жугиќ и сличните слуги на режимот. Не знам од каде идејата дека молчеле. Впрочем, Вие барате да кажат што конкретно кажале за некој поединечно од СВП. Јас, на пример, поради лична хигиена одбегнував да ги слушам говорите на тврдокорните. Но, сите што даваа отпор на режимот наоѓаа начин да придонесат кон негово подривање, без разлика дали во тој момент реагирале на некој од СВП или не.

* * *

Жарко Трајаноски
Зошто книжевната критика упорно молчи за досегашните раководители на СВП?


И одеднаш, станавме сведоци дека сепак имало македонска книжевно-критичка јавност која пројавува голема грижа не само за поезијата, туку и за СВП, која била „таква сериозна, голема и толку интернационална афирмирана институција“, па „битната функција на претседател на управен одбор треба да ја врши некој со многу подлабоко и поголемо меѓународно искуство“ од „поп сензацијата“ Дарко Лешоски.

Искрено, многу ме израдува што конечно се појавија во јавноста луѓето што се разбираат во поезија и кои почнаа да се интересираат за тоа кои се членовите на управните одбори на најважните културни манифестации во Македонија.

Уживав да ги читам нивните аргументи и критички прашања. Со многу од аргументите се согласував и не чувствував некоја посебна потреба да се вклучам во жестоката “фејсбук дебата”.

(...)

Критичкото прашање, кое укажуваше на двојни стандарди, беше избегнувано со оправдување на двојните стандарди:

„Од оваа власт повеќе се очекува, и треба да се критикуваат лошите решенија. Барем сега луѓето и можат да критикуваат за разлика од порано кога беа извадени од памет.“ (Румена Бужаровска).

Но, токму поради овие двојни „критички аршини“ и се вклучив во „полемиката.

Зошто книжевниците кои „се разбираат во поезија“ немале барем слични очекување од претходната власт и не ги критикувале лошите решенија со барање на нивна промена? Биле извадени од памет, и не можеле да бараат оставка од претседателот на УО на СВП од 2008 година наваму, па ни тогаш кога поетски ги мобилизираше своите колеги за одбрана на режимот? Или молчеле и не биле опседнати како сега, затоа што главниот на УО на СВП не бил „поп сензација“? Или, не критикувале, иако можеле, затоа што не сакале да бидат изгорени од пропагандните зраци на „античкото“ сонце на груевизмот, како што беа изгорени тие што се осмелија да критикуваат?

Владимир Лукаш

Се изначитав деновиве низ социјалните мрежи како така до пред некој месец сите молчеле, а сега се најгласни критичари на сѐ и сешто. Да, имаше такви умно си свиркаа во ветрот, но многумина не молчеа (токму спротивното!) за сите глупости кои се случуваа околу нас, туку, едноставно, беа тотално изигнорирани од портакаловиот систем - нешто за кое сите очекувавме (и очекуваме - со доза на скептицизам) дека новата влада ќе го смени.

Инес Ефремова

Професионалност е кога некој се ангажира поради искуство, стручност, достигнувања. Сѐ се тоа мерливи работи, кои конкретно можат да се наведат во CV и објективно да се оценат.

Непотизам, партократија, клиентелизам, шарлатанство, дпмне, или со еден збор Македонија е кога некој се ангажира затоа што е другар, братучед на комшијата на сестрата другарот, кафански ортак, партиски брат итн.
Исто така, придавките добар човек, убава душа, културен, градски и слично, не се никаков критериум според кој треба да се оценува професионална адекватност.

(...)

Конечно, „љубомориш“ или „е да бе, одеднаш ти е гајле“ не се ама баш никакви аргументи. На ниво на вмроиди се. Лично, мислам дека дури е казна да бидеш владин чиновник. Тоа е често техничка, некреативна, марионетска позиција. Само у ваква безперспективна земја може да е врвот.

Калина Малеска

Одбраната на изборот на Дарко Лешоски овие денови често се сведуваше на претпоставките дека ќе внесе свежина во СВП, со што вниманието се сврти кон СВП и кон некакваси поделба на стари и здодевни од една страна и млади и интересни луѓе/поети/претседатели на УО/и сл. од друга страна, што е суштински непостоечка, па дури и смешна. Можеби Дарко Лешоски и ќе внесе свежина, тоа не може однапред да се знае, но проблемот во овој случај за мене не е дали СВП ќе се модернизираат (иако и тоа си е посебна легитимна тема), туку критериумот со кој се дошло до неговиот избор. Имено, пораката што се испраќа е дека не се важни долгогодишни напори, искуство, аргументирани анализи, истражувања, заслуги – односно, целиот труд вложен во своето поле на дејствување, туку е важно само да си популарен и да си на наша страна. Тој принцип ја уништува Македонија со децении и не е поврзан само со ова именување – затоа е и важно да се зборува за и да се работи на негова промена.

Ѕвездан Георгиевски
Голиот министер и разголеното поетско сивило

Токму во контекстот на фотографијата на разголениот министер го гледам и именувањето на Дарко Лешоски за претседател на Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, односно како обид да се разбранува овдешната зачмаена културна сцена, а првенствено како обид да се додаде малку боја на безбројните нијанси сиво што владеат со нашиот културен живот.

Се разбира дека е добро што се дигна олкава врева околу именувањето на Лешоски. Ќе беше лошо ако беше избрано некое име кое јавноста ќе го премолчеше. Тоа ќе значеше дека е избран уште еден конвенционален лик што ќе се колне во „традиционалните вредности“ на СВП и ќе го прави токму тоа – ќе ја продолжи традицијата на сивилото.

Биљана Илиќ
Изгоре Лешоски, претече транспарентноста

Кукање на сите страни што Дарко Лешоски се повлекол од претседател на Струшките вечери на поезијата (СВП). Најмногу жалат тие што требаше, а не застанаа да го одбранат неговото назначување во клучниот момент. Четири дена никој од Министерството за култура, ниту од Владата, не излезе во јавноста да го образложи именувањето на Лешоски, да ги изнесе аргументите, предностите, неговите евентуални план и визија за работата на СВП и со тоа да ги разоружа сите неиздржани забелешки и критики (имаше и издржани, бездруго), кои зовреа на социјалните мрежи. Го оставија на милоста и на немилоста на сеирџиската ФБ-заедница, која неограничено ја злоупотребува можноста да има „свое мислење“.

Транспарентна власт сама би го одбранила својот кадар. Нема да ѝ дозволи на целата јавност да се занимава со нејзината кадровска политика и да суди за секој нејзин кандидат. Таа би требало да знае зошто предложила некого, да ја убеди јавноста во своите аргументи и да ја преземе одговорноста за својот избор. Ако наименуваните не ги исполнат очекувањата, тоа ќе се одрази на конечната оценка на таа владејачка гарнитура.

Ете затоа служат вработените во пи-ар службата во Владата. Наместо да трошат време и енергија да докажуваат секому на Фејсбук дека имаат приватен профил на кој можат да пишуваат сè што сакаат, во вакви случаи треба да свикуваат итни прес-конференции и транспарентно да ги образложат владините предлози и решенија.

Лидија Димковска

Тоа што во 55-годишното постоење на Струшките вечери на поезијата само три поетеси го добиле Златниот венец изгледа за јавното мислење не е толку голем проблем како што е поставувањето на претседател на УО на СВП.

Иван Антоновски

Добро е... Личностите коишто немаа никаков досегашен ангажман не само на полето на книжевноста, туку и на полето на културата воопшто, а без назначени како истакнати поединци од областа на културата, одговорија на повикот... Се повлекоа од УО на Струшките вечери на поезијата.


Сега, лекцијата треба да биде научена... И со јасни критериуми за стручност, за искуство во сферата на културниот менаџмент, за познавање на поетските фестивали, треба да се изберат нови претседател на Одборот. Личности коишто требаат да имаат претстава и визија за тоа што биле, што се и што треба да бидат Струшките вечери на поезијата.

Да, можеби во ред се заложби „овие манифестации коишто се случуваат надвор од Скопје да одговараат на локалниот амбиент“, но не смее да се заборави дека СВП не се локален, туку меѓународен поетски фестивал.

„Новите членови на одборот на СВП, велат од Министерството, ќе бидат назначини во текот на следните неколку дена.“

Апелирам, не мора (а законски мислам и дека во овој момент не смее, ама тоа нека го кажат правниците), новите членови да се бираат набрзина. Нека се бираат според строго утврдени критериуми и нека имаат респектабилен однос и визија кон/за СВП.

Дарко Лешоски

Ги слушнав сите мислења и сите ги почитувам. Се повлекувам и се откажувам од претседателствувањето со Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата. Се заблагодарувам на укажаната доверба и останувам посветен на мојот примарен ангажман во Сервисот за односи со јавност на Владата. Нека биде ова почеток на една поинаква демократска практика.

* * *

Лично, убеден сум дека можев да им дадам нов мирис и да внесам нов ветер на Струшките вечери на поезијата. Кога некој прашува „ чуму“, запали свеќа во неговата рака, малку ветер ги чисти очите, еве вака!- напишал поетот Руми. Но, сепак почуствував дека ова мое убедување не се совпаѓа со некои мислења, кои ги почитувам, како што реков. Се разбира, без оглед дали сум дел од Управниот одбор на Струшките вечери на поезијата, или не, без никаква двојба останувам отворен за секаква помош кон оваа манифестација и враќањето на нејзината некогашна слава која несоменено ја заслужува, пред сѐ, мојата родна Струга, а потем и нашата земја. Ќе се борам да се слушне гласот на различните поетики, а најмногу гласот на поетесите на овој фестивал. Ќе дадам сѐ од себе да ги слушнам стиховите на една млада Сабрина Бенаим, Варсан Шире и други. Mоите визии и мојата несебична помош ќе им бидат отстапени на сите актуелни или идни чинители вклучени во оваа манифестација. Претседател на Управниот одбор на Струшките вечери нека е некој што нема да се вика Дарко Лешоски, но некој што ќе се нафати да ја направи оваа манифестација онаква каква што заслужуваат сите искрени и вистински љубители на поезијата.

Златко Теодосиевски
Паланечка мелница на души

Какво време дојде, ако не се изјасниш за Дарко Лешоски барем со збор-два како да не си (од) тука, како да си на некоја друга планета или барем некој од оние астероиди што зачестено профучуваат покрај нас. А јас дури да кажам „а“, човеков крена раце од нас. Подобро и не сме заслужиле зашто уште еднаш, по којзнае кој пат, ја покажавме целата разорна моќ на македонската паланечка (не)култура, толку длабоко вкоренета во македонскиот јавен простор. Барем да му дадеа шанса, па ако / нека ја прокоцка и тогаш да имаме за што да го критикуваме. И да го смениме, и да му удриме ќотек, ако треба. Вака…

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото